Со избор на нов лидер, а потоа и ново раководство, СДСМ ќе се обиде да се опорави од тешкиот нокдаун по изборите
Ако им бидат потврдени кандидатурите на сите пријавени, на гласачкото ливче на 30 јуни ќе има пет имиња. Во СДСМ претседател се бира на непосредни избори, а не на конгрес
Парламентарните избори завршија со тежок пораз на досегашната владејачка партија. Коалицијата предводена од СДСМ освои само 18 пратенички мандати, што значи дека СДСМ самиот доби помалку од ова. Малку фалеше да биде трета, а не втора политичка сила во земјава. Ова доведе до очекуван тек на нештата – процесот што официјално заврши на државно ниво, почна на партиско.
СДСМ имал подеми и падови, но овој пат пред социјалдемократите е можеби најтешката задача – да се обидат да ја исправат партијата на нозе по најтешкиот пораз на избори досега. Димитар Ковачевски поднесе оставка, по што се распишаа внатрепартиски избори за нов лидер. Па, кому мнозинството ќе му ја даде довербата?

Според партискиот статут, претседателот се бира на непосредни избори, а не на конгрес. Тоа значи дека секој член на СДСМ ќе може да гласа на изборите закажани на 30 јуни.
Партиското седиште во средата, ден пред истекот на рокот за поднесување кандидатури, беше зборното место за повеќето од кандидатите. Прв пристигна поранешниот министер за здравство, Венко Филипче.
„Резултатите ќе ги видат многу рано – такви позитивни промени какви што бараат самите членови“,
изјави Венко Филипче – кандидат за претседател на СДСМ.
Половина час подоцна својата кандидатура дојде да ја поднесе довчерашната министерка за одбрана, Славјанка Петровска.
„Сериозен предизвик е пред сè и над сè Социјалдемократскиот сојуз на Македонија да се исправи и да продолжи по патот на идеологијата на СДСМ“,
изјави Славјанка Петровска – кандидатка за претседател на СДСМ.
Подалеку од партиското седиште, симболично – спроти старата железничка станица, својата кандидатура ја објави директорот на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ), Јован Деспотовски.
„СДСМ се наоѓа во многу тешка ситуација. СДСМ има потреба од еден нов почеток. Она што го објавуваме денеска е една нова програма за нов почеток, за нов СДСМ“,
изјави Јован Деспотовски – кандидат за претседател на СДСМ.
Ден претходно, далеку од камерите, се кандидирал и непознатиот за јавноста Златко Ристовски, активист на СДСМ од Битола.
А непосредно пред истекот на рокот својата кандидатура ја поднесе и Александар Бајдевски, заменик-министер за информатичко општетсво и администрација.
Каков е беграундот на кандидатите
Дел го знаеја како доктор, но како политичар широката јавност го запозна Венко Филипче на крајот на 2017 година, кога стана министер за здравство во владата на Зоран Заев. Почетокот на корона-пандемијата му донесе голема популарност, кога речиси секојдневно држеше прес-конференции на кои информираше и советуваше и како политичар и како доктор. Од Владата си замина во исто време со Заев.
Зошто е тој подобро решение од останатите, го прашавме Филипче, како што ги прашавме сите кандидати. Ни одговори, затоа што е отворен човек, достапен за сите и во добри односи со членството.

„Мојата идеја и план, мојата визија што ја имам преточено во програмата што денеска ја доставив и која е целосно компатибилна со барањата, сугестиите и забелешките на нашите членови што ги слушнав за време на кампањата за парламентарните избори, е еден систем што сметам дека треба да се имплементира во партијата, а тоа значи на секој да му се даде важност, должна почит, внимание, да биде сослушан бидејќи секој од нашите членови има идеја и секоја идеја е за почит и треба да биде инкорпорирана“,
вели Филипче.
Славјанка Петровска дури неодамна стана повидлива. Кариерата ја носеше низ Секретаријатот за европски прашања, па како дел од службите во Собранието, а потоа во кабинетот на министерот за внатрешни работи. Првпат доби политичка функција во техничката влада за подготовка на изборите во 2020 година, предводена од Оливер Спасовски, како дополнителна заменик-министерка за внатрешни работи. Потоа беше пратеничка се до изборот на владата на Димитар Ковачевски во јануари 2022-ра, кога стана министерка за одбрана.
Знам како дише членството, вели Петровска, додавајќи дека нема дисконтинуитет во присуството во партијата.

„Знам кои се слабостите во функционирањето на политичката партија и знам што треба многу брзо да се отстрани за да може да се постигне пред сè единството, слотеноста и се разбира да го подобриме функционирањето на партијата, па дури потоа да зборуваме за победа. Затоа што лесно е да зборуваме за победа и да зборуваме дека СДСМ ќе го вратиме брзо во една победничка атмосфера меѓутоа свесни сме, барем тие што сме внатре во партијата, дека за да се случи тоа има предуслови, а тоа е да се работи со членството и тоа што членството го нотираше како пропусти, а за жал не беа соодветно акцентирани, сега е моментот и треба тоа да го направиме“,
вели Петровска.
И Деспотовски, како и Петровска, минал низ Секретаријатот за европски прашања. Беше директор на Фондот за иновации и технолошки развој, а од 2020 година е директор на Технолошко-индустриски развојни зони. Тој веќе еднаш беше кандидат за претседател на СДСМ кога Зоран Заев се повлече од таа функција, но загуби од Димитар Ковачевски.
Вели дека има јасна визија како треба да изгледа партијата, а неговата програма се фокусира на она што смета дека е најголем пропуст во изминатите години.

„Фокус на луѓето и на потребите на луѓето. Ние постојано зборуваме за некои општи работи и општи процеси и принципи, а притоа забораваме дека политичарите, политиката, политичките партии, владата, институциите постојат за граѓаните. Така што фокусот ни е исклучиво на граѓаните. Сакам да зборувам со бројки, сакам мојата работа, мојот резултат и успех или неуспех да се мери низ бројки. Пристапот и концептот што го имам и за кој се залагам, а тоа е ирадикален дисконтинуитет на начинот на кој досега се поставуваа политиките што беа прилично нејасни за граѓаните и начинот на кој се мереа, односно, не се мереа резултатите, а одговорноста се мереше од ракав, го менуваме“,
вели Деспотовски.
Александар Бајдевски бил советник во Општина Кисела Вода, работел во Централниот регистар и во Генералниот секретаријат на Владата. Од 2017 година ја извршува функцијата заменик-министер за информатичко општество и администрација каде и претходно работел.
Тој вели дека непосредниот однос кон сопартијците е неговата предност.

„Многу добро ја познавам самата партија. Многу добро ги познавам луѓето. Во секој наш член е промената и секој наш член треба да се слушне. Во последниот период малку можеби не бевме добри слушатели и го добивме оне што, да речеме, како казна и од нашите активисти, од нашите симпатизери пред сè, како резултат на последните избори. Затоа сметам дека мојата предност е отвореноста, транспарентноста и секојдневниот однос со членовите“,
вели Александар Бајдевски – кандидат за претседател на СДСМ.
Недоволно посветеното внимание на граѓаните, доминантниот акцент на меѓународната политика и неефикасната борба со корупцијата се во одговорите на прашањето – кои се главните причини за изборниот дебакл на СДСМ.
„Оставивме впечаток дека ги заборавивме луѓето. Ги заборавивме потребите на луѓето, ги заборавивме проблемите на луѓето. Предолго време се остави да доминира темата за уставните измени и потребите и прашањата поврзани со процесот на разговори со Бугарија и сè она што понатаму произлезе од потребата за промени во Уставот да доминира во јавноста“,
смета Деспотовски.
„Знаете во нашите мандати сериозни процеси се завршени. Станавме членка на НАТО, се започна преговарачкиот процес со ЕУ и заврши скрининг процесот, меѓутоа нашите членови и симпатизери, граѓаните генерално, добија впечаток дека сè е ставено на таа карта. Ние од тоа што ставивме фокус на надворешната политика не успеавме доволно ниту да ги испромовираме нашите добри проекти“,
смета Филипче.
„Мислам дека граѓаните најмногу ни забележуваат за недоволно ефикасната борба против корупцијата, нешто што нив навистина им пречи и го посочуваа. Беа направени сериозни исчекори во тој дел, но очигледно дека не беа доволни или не беа со тој интензитет и со таа тежина со која требаше да бидат или беа очекувањата на граѓаните“,
смета Петровска.
„Односот внатре во Владата, во коалицијата со нашиот најголем албански партнер. И перцепцијата на граѓаните дека СДСМ малку допринесува во работењето на Владата. Перцепцијата на граѓаните е дека истата ја води нашиот коалиционен партнер ДУИ“,
смета Бајдевски.
Дали сите кандидати влегуваат со исти шанси во изборната трка?
„Тоа е добро прашање. Јас би сакал да верувам дека политичката партија којашто имаше најголем удел во организација на еден изборен процес за којшто можат да ни позавидат и земји-членки на Европската Унија, има внатрешен капацитет, внатрешен, сега тој процес да го спроведе и дома. Така што се борам и ќе се борам против наративот дека трката е однапред решена“,
вели Јован Деспотовски – кандидат за претседател на СДСМ.
„Да, сметам дека сите сме со еднакви шанси. Ние сме сите, да речеме, другари пред сè, пријатели. Лично се познаваме долги години. Секој од нас има добри лични контакти со многу членови од СДСМ, пред сè зборувам за членови кои биле во врвното раководство, поранешни претседатели, генерални секретари, членови на извршни одбори и потпретседатели. Влијателни луѓе во СДСМ“,
вели Александар Бајдевски – кандидат за претседател на СДСМ.
„Јас сметам дека да. Подеднакво влегуваме затоа што сите почнуваме од нула. Членството е тоа што ќе процени кому ќе му ја даде довербата. Кај членовите многу лесно можете да ја добиете поддршката ако ја препознаат искреноста, а тие, коишто сме постојано присутни на теренот, мислам дека веќе ја имаме поддршката од нив“,
вели Славјанка Петровска – кандидатка за претседател на СДСМ.
„Јас верувам дека сите имаме исти шанси поради тоа што сите членови нам нè познаваат еднакво. Тоа што јас сум близок со Зоран Заев впрочем зборува повеќе за мене, каков став имам кон луѓето. Кон сите се однесувам со должна почит. Немам добра релација само со Зоран Заев. Имам добри релации со сите други претходни партиски функционери“,
вели Венко Филипче – кандидат за претседател на СДСМ.
Да се потпишат изјави или не?
Но, уште непочната, трката за претседател на СДСМ ги даде првите искри. Јован Деспотовски излезе со предлог – кандидатите да потпишат изјава дека оној што ќе изгуби нема да прифати друга партиска функција. Петровска се согласи под услов да се додаде и дека – се забранува кандидирање по трет пат, а избраниот лидер да даде оставка ако се соочи со кривична постапка.
„Слушнав за повикот да се потпишат некакви изјави. Јас сметам дека не треба да има никакви ограничувања“,
рече Филипче.
„Дали сметам вистински, а не популистички дека треба да се потпише таква изјава – не, затоа што ние не се натпреваруваме за државни функции и за тоа дека некој е власт, а некој опозиција“,
смета Петровска.
Новинарско прашање: Немате поддршка во онаа иницијатива што ја доставивте со потпишувањето на изјавата. И Филипче и Петровска кажаа дека нема да потпишат таква изјава.
„Нивен личен став. Мене ми е навистина жал што е тоа така. Мислам дека пропуштивме шанса на членовите да им покажеме дека сме принципиелни во борбата“,
рече Деспотовски.
„Ако одиме процедурално, во нашиот правилник за начинот и постапката за кандидирање, ние сите оние изјави што требаше да ги потпишеме за да бидеме кандидати ги потпишавме. Дополнителна изјава ниту ни беше понудена, ниту сум слушнал дека некој од кандидатите ја потпишал“,
вели Бајдевски.
Последниот ден од тековниот месец е денот кога членовите на СДСМ ќе можат да се изјаснат, а мнозинството од нив да реши кој може да биде нов лидер на партијата.