Службите на националниот парк, заедно со стручни лица од Зоолошката градина од Скопје, прво го успиваат измореното, но и на моменти агресивно животно. Откако го ослободуваат од сајлата и се уверуваат дека нема повреди, чекаат да се разбуди и да се врати во шумата
Националниот парк „Шар Планина“ утрово објави видеоматеријал од акција за спасување на мечка која се заглавила на бачило на територијата на паркот. Како што велат од институциајта, локален жител од селото Бозовце дојавил дека во неговото бачило била заглавена мечка.

Службите на националниот парк, заедно со стручни лица од Зоолошка градина на Град Скопје, организирале акција за ослободување на животното.
„Возрасниот мажјак кој беше заглавен во сајла околу 10 часа, беше изморен и исплашен, а по 3 часа работа Бозо беше успешно ослободен“,
соопштија од НП „Шар Планина“.
Како што се гледа на видеото, службите прво го успиваат животното со соодветна пушка, по што ја отстрануваат сајлата од неговата нога. Отако се уверуваат дека животното нема повреда, чекаат да се разбуди. Потоа, тргнуваат внимателно со возилото кон дивото животно, кое конечно реагира дефанзивно и потоа бега.
„Мечките се строго заштитени жители на Шар Планина, а локалното население од планинските села живее во соживот со природата. Упатуваме благодарност до сопственикот на бачилото кој го пријави настанот за да се ослободи мечката.
Благодарност и до полициските службеници за напорите да го обезбедат теренот, како и до сите други надлежни институции со кои се координираше акцијата“,
велат од НП Шар Планина.