И тоа не било каква облека, туку „зелена и одржлива“ на која се фокусирани млади дизајнери од нордиско-балтичките држави и од земјава
По целонеделна турнеја низ Македонија, заедничките креации ќе бидат претставени на претстојниот Моден викенд Скопје
Понеделник наутро. Локација во строгиот центар на Скопје е збирно места за тргнување на една, за домашни навики, невообичаена група.
Група модни дизајнери од Шведска, Литванија, Финска, Данска, Норвешка и Македонија тргнуваа на пат низ земјава под мотото „Зелена и одржлива мода: Нордиско-Балтичка приказна“
Што очекува пред почетокот на патувањето, ја прашавме Тува Самуелсон од Шведска, креатор на шаблони и 3Д дизајнер.
Денес ја имам својата работилница, исто така ќе биде многу возбудливо да се запознаам со учениците, а и да видам нови градови и локални занаетчии што ќе ги посетиме денес. Правиме навистина многу работи. Распоредот е многу згуснат, но тоа ми се допаѓа бидејќи сакам да видам и да научам колку што е можно повеќе. Мислам дека тоа е една од целите на проектот – да видиме како може да се работи и да научиме како да работиме поодржливо во модата, дизајнот, уметноста и занаетчиството, и да учиме едни од други. Поради тоа сум многу возбудена – да научам повеќе за тие нешта.
вели Самуелсон.
Одржлива мода е тренд кој се спротиставува на раширената пракса на брза мода – производство на големи количини облека со низок квалитет кои ги имитараат модните трендови.
Скопјанката Андреа Атанасова, која има завршено факултет за моден дизајн во Италија, вели одржливоста е најважна.
Резиденцијава е одлична можност за запознавање луѓе од истата бранша. Секако, очекувам да има убава размена на работите што самите ги правиме. И убаво е што има мешавина и од локални дизајнери и од нордиско-балтичките земји. Одржливоста е, мислам, најбитна моментално за нашиот свет и се обидуваме во секој момент да ја имплементираме, да ја користиме, целата резиденција е базирана на одржливост. Нормално, целата борба е против брзата мода што му прави огромна штета на светот.
рече Атанасовска.
Со две комбиња мешаниот состав на дизајнери од центарот на Скопје тргна кон градот кој е синоним за македонското конфекциско производство, Штип. Првата станица, таму, им беше средно текстилно училиште „Димитар Мирасчиев“.
Тува Самеуелсон на учениците им објаснуваше како со помош на дигитални алатки може да се заштеди и материјал и време при правењето на мостри. Дури и да се производеува со нула отпад.
Бидејќи, знаете, некогаш мислите ‘ќе направам фустан од овој материјал’, а кога ќе почнете да шиете – сфаќате ‘ова не функционира’. Не стои добро… на пример, кај трикотажата треба да ги намалите мерките бидејќи можеби сакате да биде тесно. Некогаш не знаете колку е еластичен материјалот, па почнувате да шиете и излегува преголемо или премало. Ова исто така можете да го тестирате во Clo3D. Така што, во основа, не морам да правам никакви мостри. Не морам да правам многу различни големини. Многу е лесно и да се цртаат кроевите во оваа програма, бидејќи ако згрешите нешто, само притискате Ctrl+Z и тоа се брише, па можете да почнете одново.
им сугерираше Самуелсон на средношколците.
На работилницата во средното текстилното училиште во Штип, освен средношколците, во клупа беше седнат и шведскиот амбасадор во земјава Ола Сулстром.
Фокусот е ставен особено на зелената и одржлива мода, а нашата амбиција е ова да поттикне учење од двете страни – нордиските и балтичките дизајнери да учат за традициите и за креативната индустрија овде, во Северна Македонија, и исто така да подучуваат и да понудат инспирација за начинот на кој работиме со модата во нордиските и балтичките земји: иновации, одржливост и моден напредок.На краток рок, со нетрпение очекувам да ги видам резултатите од овие партнерства на Модниот викенд во Скопје овој викенд. Но, на долг рок, исто така со нетрпение очекувам да видам дали овие модни партнерства би можеле да создадат иновации, моден дизајн, а можеби, којзнае, и трговија и соработка меѓу нашите земји и во економска смисла.
вели Шведскиот амбасадор Сулстром.
Според директорката на школото„Димитар Мирасчиев“, Марина Вардиноска, работилницата беше од корист за учениците коишто и така се ориентирани кон технологија и компјутерите.
Се надеваме дека ова би излегло многу добра можност за да можат учениците одблизу да видат со што се занимаваат текстилните индустрии и да сфатат дека сето тоа не започнува и не завршува само со машина на шиење, дека можат да ги развиваат своите знаења, вештини и на компјутерско усовршување на самите наставни планови и програми.
вели Вардиноска.
По училиштето, следно во програмата беше посета на фабрика за облека во Штип. Тимот дизајнери ги пречека „Албатрос“, фирма која повеќе од 20 години работи со поголеми брендови.
Претставничката на „Албатрос“, Љупка Миладинова ги прошета гостите во просториите на конфекцијата.
Интересно е да се осети младиот дух на дизајнерите кои започнуваат свои линии, свои брендови. Значи, тие од македонското модно здружение ни пренесоа дека се заинтересирани за да го разгледаат производството во Македонија, да видат можна соработка. Понатаму како за развој на нивните модели, така и за производство, сериско производство.
рече Миладинова.
Со посетата на „Албатрос“, заврши и програмата во Штип. Пред да тргнат кон следната станица, Крушево, поразговаравме повторно со Тува Самуелсон. Овојпат, за нејзините првичните впечатоци во сооднос со нејзините очекувања од утрото.
Во Шведска немаме таков тип средни училишта, па затоа беше многу убаво да се запознам со тоа. Потоа, и средбата со учениците беше многу пријатна. Поставија навистина добри прашања и беше убаво да се слушнат и да се види како работат. Мислам, тие во моментов ги учат основите и физичкиот начин на изработка на кроеви и моден дизајн, што е неопходно за потоа да се премине на 3Д и други начини на креирање. Така што, апсолутно видов потенцијал за 3Д-дизајн. И мислам дека беа некои од нив беа навистина возбудени да пробаат и да продолжат понатаму, а можеби и повеќе да го користат во иднина. Тоа е одлична програма и во поглед на одржливоста, а е и многу ефикасна во поглед на времето.
вели Самуелсон.
Групата потоа продолжи со активности во Крушево, па во Битола, Струга и Охрид. Денеска се вратија во Скопје.
Во Старата скопска чаршија, нордиско-балтичко-македонската група дизајнери ги привршуваа своите креации инспирирани од одржливиот пристап и локалните традиции на изработка на облека.
Она што го направив е што зедов два џемпера и целосно ги расплетов во вакво предиво. На пример, ова порано беше џемпер од „Uniqlo“. И потоа го направив сето тоа во оваа нова маичка и го исплетов на начин на кој некој друг може исто така да го земе ова и да го расплете во ново предиво, па тоа го создава тој аспект на циркуларност.
рече Рингстад.
Оваа модна креација се состои од повеќе од 80 парчиња облека коишто се извадени од различни алишта претходно, коишто биле спремни за во ѓубре, но сепак јас со мојот проект ги рециклирам на тој начин што ги преобразувам во една нова модна креација. И таа ќе биде изложена на нашата изложба во сабота на Моден викенд Скопје.
вели Роглева.
Ен Шалинг Тофт од Данска за својата креација користеше природен материјал – волна од норвешка овца. Креациите, вели, сака да ги испреплете со впечатоците од Македонија.
Навистина мислам дека треба да соработуваме. И многу разговаравме за тоа како „о, ако дојдеш во Данска можеме да се сретнеме и да го правиме ова и ова“, а ако јас дојдам во Македонија… навистина сакам да се вратам во Охрид и само да останам таму некое време, да создавам нешта, да плетам со фини луѓе.
изјави Шалинг Тофт.
Целиот проект е финансиски поддржан од Нордискиот совет на министри и е дел од програмата за соработка помеѓу амбасадите на нордиските земји, која ја спроведува Шведската амбасада, во соработка со амбасадите на Норвешка, Данска, Литванија и Финска.
Проектот го замисливме така да има неколку компоненти: едната едукативна, другата експлоративна и следната да биде промовирање, да речеме, на некаква трговска соработка. Така што, овие дизајнери од нордиско-балтичките земји, спарени со пет дизајнери од Северна Македонија, беа во Штип, во Битола, во Крушево, во Охрид и во Струга. Одржаа работилници во три текстилни училишта, меѓутоа посетуваа и фабрики и занаетчии, како и магацинот на „Deadstock“ – магацинот на материјали. Идејата е по пат да ја видат нашата македонска богата традиција и култура и да се сретнат со занаетчии, да се сретнат со фабрики, да бидат инспирирани од тоа што ќе го видат, да го одразат во своите креации, меѓутоа и со надеж дека некои трговски врски ќе се развијат од тие контакти што ги направија.
вели Ѓорѓинска.
Првиот видлив резултат од соработката ќе се појави веќе викендов, во форма на изложба на Модниот викенд Скопје. Шанса да ја види ќе има и општата јавност.