Домот на културата во Тетово вчера беше резервиран за Алијансата за Албанците. Поводот беше партискиот Конгрес, втор – според актуелното раководство на партијата.

Единствениот кандидат за лидер, Зијадин Села, пристигна заедно со градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, што претставуваше своевидна порака за единство, бидејќи Таравари беше споменуван како евентуален нов претседател, ако Села не се кандидира.

Првиот дел на Конгресот беше со свечен карактер. Полна сала со делегати и гости од повеќе партии – ДУИ, БЕСА, Алтернатива, ВМРО-ДПМНЕ, двете партии на Турците во земјава и Самоопределување од Косово. СДСМ имале покана, но од Алијанса велат – не дошле.

Следуваше работниот дел – промени во статутот, новата платформа на партијата и избор на претседател. Бидејќи под раководство на Села партијата досега не успеа да го победи ДУИ, прашавме дел од делегатите – дали тој ја има нивната поддршка.
„Ја поддржавам кандидатурата на Зијадин Села, затоа дојдов и од Охрид, не сум против оваа кандидатура. Имаше искршени штабови, имаше платени луѓе, имаше закани…Знаете дека Али Ахмети ја киднапираше оваа држава,Али Ахмети не остави во македонска колонија.“
вели еден делегат.
„Очекуваме многу добри резултати од овој конгрес, дај боже на подобро. Несомнено ќе имаме многу добри резултати со ова раководство и верувам дека на последните избори проблемот беше во несоодветната коалиција.“
рече еден друг делегат.
Пратеникот од оваа партија во Собранието, Атнан Незири, вели дека трката за претседател на партијата била отворена и дека можеле да ја искористат сите што мислат поинаку.

„Имаше демократски процес и сите можеа да бидат еднакви зашто во нашата партија секој има право да гласа и да биде избран и јас сум сведок на тоа дека беше отворен и верувам дека тие што мислат поинаку требало да ја искористат оваа можност.“
вели Незири.

На гласањето за лидер, „за“ Села гласаа 651 делегат од вкупно 671 во салата. Ново-стариот претседател, пред присутните, кажа дека цели кон целосна рамноправност, департизација на државата, борба против криминалот и корупцијата и економскиот развој.

„Алијанса за Албанците не треба многу да ја промени својата политичка платформа, бидејќи е соодветно насочена. Тоа е платформа што не е резултат на убави букви извезени таму, туку секоја буква и реченица има една и единствена цел – еднаквост, слобода, правда, некорупција, развој и Северна Македонија, еден ден, рамноправна држава, сега кога е членка на НАТО, рамноправна држава меѓу државите каде што припаѓаме како идентитет во Западот и ЕУ.“
рече Села.
Села имаше посебна порака за човекот за кој неодамна се шпекулираше дека е можен негов наследник.
„Ви се заблагодарив на сите, но сакам да издвојам еден човек, Арбен Таравари. Не сме поделени, со години се трудат и нема да не поделат, а секој муабет што се појавува на порталите со Арбен сме го правеле заедно, не со него другите.“
додаде Села.
Тоа што на Конгресот партијата покажа сплотеност, сепак не значи и дека Села нема опозиција меѓу своите. Еден од основачите на партијата, Елмир Сејфулаи, беше во близина, но не и во Домот на културата. Тој вели дека ќе го обжали реизборот на Села, бидејќи е спротивен на Статутот на партијата кој вели дека претседателот има право на најмногу два мандати. Според Сејфулаи, Села веќе бил биран двапати и вчерашниот му е трет мандат.

„Реално, непочитувањето на статутот на партијата е основа за незадоволство, потоа непочитувањето на статутот, нормално, носи други проблеми внатре во партијата, бидејќи членот почнува да мисли дека во оваа партија не се почитува статутот, со што не се почитува внатрешната демократија во партијата.“
рече Сејфулаи.
На крајот од Конгресот и лидерот на Алијанса за Албанците даде свој став за тврдењата на Сејфулаи. Ги нарече клевета и додаде дека овој Конгрес е втор.

„Во исто време, преку вас ве молам не клеветете, никому не му е одземено правото да учествува и да биде дел од овој конгрес. Моите барања, моите повици секогаш биле и да се кандидира. Сите овие 700 делегати што беа денеска овде не ги избра Зијадин Села, тогаш – да, тоа ќе се нарече прекршување на Статутот. Тие беа избрани од членството на Алијанса за Албанците.“
рече Села.
Политичката кариера на Зијадин Села започна во ДПА и како нејзин член беше пратеник и градоначалник на Струга. Но, по незадоволството од лидерот на ДПА, Мендух Тачи, Села прво го иницираше Движењето за реформи во ДПА, а потоа и формирањето на партијата Алијанса за Албанците.