Оџата Мухарем Исмаили по минатонеделната петочната молитва со солзи во очите ги повика верниците, секој индивидуално, да одолее на предизвиците и искушенијата со кои се сочуваат во животот. „Ако сме стасале дотаму да се молиме и да бидеме во првиот ред, а по џебовите да носиме кокаин, налет тоа“, кажа Исмаили
Поводот за емотивната проповод на Исмаили беше минатонеделната пресметка, на која според МВР претходело недоразбирање за банална причина, а во која загина 35 годишниот Хебиб Буњаку во скопски Чаир. Во последниве година-две, во оваа општина имаше неколку убиства и обиди за убиство. Но, обраќањето на оџата Исмаили се однесува на сите намерни и ненамерни слчки во кои животите ги загубија млади луѓе
Автомобилите изрешетани од куршуми утрото на 11 февруари беа сведоци дека претходната вечер, во скопски Чаир, се случи уште една пукотница.

Освен починат, имаше уште еден повреден. Но, беа загрозени животите и на многу други. Зависно од изворот, во престрелката која почнала поради недоразбирање во сообраќајот, биле испукани меѓу 100 и 200 куршуми.
Нема посилен од крикот на семејството кое загубило свој член. Но, по ова убиство, гласно се слушна крикот и на друг човек – оџата на Иса-беговата џамијата, Мухарем Исмаили.

„Секој ден, секоја недела, некој некого убива. Кога ќе прашаш – името Хасан. Неделава ни отиде нашиот сакан Хебиб. Другата недела овој, па оној… До кога вака ќе тераме“.
кажа меѓу другото оџата Исмаили во петочната молитва.
Видеото од обраќањето на Мухарем Исмаили по последната петочна молитва стана вирално. Свештеникот кој на моменти не може да ги задржи солзите за негативните трендови во општеството го споделија илјадници, а го изгледаа стотици илјади.
Сето тоа беше причина да го побараме во неговата матична, „Иса бег“ џамија.
Мухарем Исмаили е роден во Скопје, каде завршил основно и средно образование. Студирал во Медина, во Обединетите Арапски Емирати. Во џамијата „Иса Бег“ а вработен од пред 13 години.

„Во оваа џамија ја имав првата служба, овде првично бев ангажиран како слуга во благословениот месец Рамазан со едно овластување, каде што за кратко време добив решение за имам и хатиб и од тој ден до денес активно служам во Иса-беговата џамија која се наоѓа во Скопје“.
рече оџата Исмаили.
Оџата Исмаили вели дека зборовите од виралното видео се резултат на горчливата реалност што ја зафаќа земјава во последните неколку години.
„Да, не знам кога ќе отидеме на сочувство кај родителите, што да им кажам. Какво сочувство да им изразам? Се срамам, не знам што да им кажам. Не можам да отидам, не знам што да им зборувам, што да има кажам?“
кажа оџата Исмаили во петочната молитва.
Како духовен водач сметал дека треба да ја пренесе неговата порака и загриженост што ја чувствува во срцето прво како човек, а потоа како оџа.
„Чувствував дека е моја обврска како духовен водач да ги допрам срцата на граѓаните, срцата на луѓето кои беа присутни во џамијата тој ден. Намерата воопшто не беше тоа видео да стане вирално или да се дистрибуира до нашите сограѓани Македонци или уште пошироко. Видеото беше едноставно, на локално ниво, поточно за нашата џамија. Но, еве, луѓе кои ја почувствуваа болката што ја почувствував јас и ја почувствуваа таа социјална напнатост во себе и тој притисок, видоа дека ни треба духовно, ментално, па дури и интелектуално, институционално ослободување – секој од свој агол“.
рече оџата Исмаили.
Според Исмаили, случувањата во последните години во држава треба да се сфатат сериозно. Но, за разлика од вообичаените пораки по вакви настани дека институциите носат своја вина, во виралното видео Исмаили прстот го впери кон луѓето.

„Ако сме стасале дотаму да се молиме и да бидеме во првиот ред, а по џебовите да носиме кокаин, налет тоа.Тој што го убил него нè убил и сите нас. Сите нас нè уби. Ние сме утепани, ама не сфаќаме бидејќи сме во клиничка смрт. Тоа е кога ќе ти умре верата и не чувствуваш, па ќе кажеш ‘Бог да го прости’ и толку“.
кажа меѓу другото оџата Исмаили во петочната молитва.

„Зборувам како родител, зборувам како граѓанин кој е тажен поради загубата на Хебиб. Ме боли загубата на Алмир. Ме боли загубата на Вања, ме боли загубата на Фросина и многу други Вањи и Фросини. Тие се наши ќерки, тие се наши соседи, тие се наши пријатели. Хебиб е наш комшија, наш сограѓанин. И тој Хебиб можел да биде мојот Хебиб. И ако ние Хебиб не го гледаме како наше дете, како наш брат, како наш братучед, го гледаме само како наш сограѓанин, тоа е катастрофално. Ова е страшна ситуација, ако нашето општество го достигне ова. Ако некој не се занимава со прашањето на Вања како да е негова ќерка, ние сме клинички мртви. Ние принципиелно не сме ја сфатиле хуманоста, без да бидеш човек не можеш да бидеш ниту муслиман, ниту христијанин, ниту Албанец, ниту Македонец“.
рече оџата Исмаили.
Петочното обраќање кое стана вирално, оџата Исмаили вели дека го почувствувал како обврска за да ја мобилизира свеста на заедницата.
„Знаете ли некогаш да ја спуштите раката? Знаете ли некогаш да се однесувате како да не сте чуле? Знаете ли некогаш да му дадете предност на другиот? Да му ја скршите ногата на ѓаволот“.
кажа оџата Исмаили во петочната молитва.
Мобилизациите од верските заедници, додава оџата од Иса-беговата џамија, можат да го подобрат општеството.
„Мислам дека сите верски свештеници ја имаат оваа болка и оваа грижа и дека секој од својот агол се обидува да ја пренесе оваа порака и оваа колективна општествена грижа што нè обзема. Мислам дека една иницијатива на малку повисоко ниво, подобро кажано, поцентрално, би била многу корисна за нашето општество и дека резултатите би биле многу поголеми и покорисни. Но, сепак, мислам дека покрај тие пораки ни е потребна и институционална мобилизација на сите наши институции. Му благодарам на Бога што во сите наши институции, во сите инстанции, имаме совесни луѓе, верувајте дека имаме совесни луѓе“.
вели оџата Исмаили.

Иако Македонија е секуларна држава, па световната казна и правда не се поврзани со божјата, оџата Исмаили има порака и до правосудството и луѓето што работат таму.
„Да не оставате впечаток дека можете да правите што сакате, дека ако имате пари, познанство или моќ, ќе останете неказнети. Што потоа ги наведува обичните граѓани дека проклетиот ѓавол ги натерал да го преземат законот во свои раце. Ова веќе е катастрофална ситуација која може да ѝ се случи на нашата држава, што не е во ничиј интерес“.
вели оџата Исмаили.
За крајот на нашата средба, слично како и во видеото што стана вирално, Исмаили ги остави зборовите за доброто – како начин на живот и цел.

„Убеден сум дека има многу добри луѓе во оваа земја. Убеден сум дека овие граѓани во оваа земја се претежно добри луѓе, тие се домаќини, тие се еснафи. Тие се луѓе кои работат за парче леб, со пот, со напор, со жртва за да се знае дека овие се луѓе кои јадат халал-храна се добри луѓе. Ние не се осмелуваме да ги жртвуваме сите овие добри луѓе, ова добро општество да го жртвуваме за многу мала категорија луѓе кои тргнале по девијантен пат“.
кажа оџата Исмаили.