Православните верници од Реканскиот крај успеале да го задржат изворниот начин на празнување на Богојавление, со посебни адети, народни носии и традиционални песни
Посебна улога во зачувувањето на традицијата имаат жените облечени во народни носии, некои стари и повеќе од еден век
Ростуше е село во Реканскиот крај близу течението на реката Радика, на падините на планината Дешат. Селото е од мешан верски состав, а како што велат жителите, има два-триесет куќи со православни семејства. Но за празникот Богојавление-Водици повеќето раселени ги влечат назад ростушките корени.
„Чувството за Водици во Ростуше е неописливо. Ние што сме од овој крај, кај и да сме, за Водици мора да сме овде. Гледаме да се ослободиме од работа, да ги оставиме сите други обврски и да се собереме затоа што претежно жителите од овој крај се преселени, најголем дел во Скопје, и сите се собираме, сите се враќаме во родниот крај“,
вели Тања Гаврилоска која е од соседното Велебрдо, а е мажена во Ростуше.

Уште од утрото, ростушани се собраа во храмот Пресвета Богородица. Тие имаат силна поврзаност со манастирот Свети Јован Бигорски што оттука се гледа на планинските падини отспротива. Па, Водици празнуваат заедно со неговата монашка заедница.
Со литургијата чиноначалствуваше игуменот на Бигорскиот манастир, епископот Антаниски г. Партениј.
Архимандритот Кирил вели дека на Водици се празнува божјото јавување во светот.
„За првпат во историјата на човештвото Бог, Света Троица, се открива како троичен Бог на човештвото, на реката Јордан, кога Господ Исус Христос, синот Божји, е крштеван од Свети Јован Крстител“,
вели отец Кирил – архимандрит, Бигорски манастир.

Во дворот на црквата се собраа жените облечени во народни носии кои се главна одлика на Водици во Ростуше. Носиите за ростушанки се од непроценливо материјално и духовно значење.
„Мојава носија е премногу стара, повеќе од сто години. Дел од носијата е подарок од свекрва ми, а дел од носијата е подарок од мајка ми. Кога се спрема свадба, си има кој дел од носијата го дава свекрвата, а кој дел го дава мајката. Така тоа останува наследно од колено на колено“,
додаде Гаврилоска.

Прославата на Водици во Ростуше е атрактивна и за верници кои не се по потекло оттука. Секоја година доаѓаат од повеќе градови низ Македонија.
„Интересно e затоа што верувате во необичното, а обично чувство. Влегувањето во црква, причеста, преданието, зборовите на отец Партениј, на неговите монаси, братството, одиме редовно во Бигорски, па во Рајчица, еве во Ростуше, горе во скитот Свети Кирил и Методиј, посетуваме такви работи“,
рече Гордана Денковиќ – посетителка од Куманово.

По литургијата, од црквата Пресвета Богородица тргна литија во која учествуваа монахињи од манастирот Свети Георгиј Победоносец од селото Рајчица и монаси од Бигорскиот манастир.
Меѓу свештениците имаше гостин од Албанија, отец Никола од Тирана. Па, покрај на македонски, тој молитвите ги пееше на албански јазик.
Момчиња во мијачки носии ја носеа иконата „Кршение Господово“, а по нив стотици верници.

„Тоа се случува на поголеми празници како што е на пример Богојавление, таа се вика богојавленска литија, или на Воскресение се вика пасхална литија. Се оди од храмот до водата, во случајов река Радика каде старецот на манастирот, дедо Партениј, го положува во водите и од каде што скокачите го извлекуваат за благослов“,
вели отец Кирил – архимандрит, Бигорски манастир.
Долу, на двата брега на Радика, за тој чин веќе беа подготвени стотици момчиња, мажи и жени. На само степен-два над нулата собраа храброст да влезат во осветените води за кои се верува дека на овој ден носат здравје и благодет.
Првиот обид да се извади крстот од реката беше неуспешен. Г. Партениј фрли гранче босилек, а потоа крстот, но иако стотиците учесници го бараа, никој не го најде. Па, тој ја повтори постапката но овојпат во реката влегоа само дел од учесниците.

Од втора, крстот го извлече Милко Божиновски кој вели дека мотив му била вербата и убавото искуство, па испрати порака:
„Сите, кој може, кој има желба, да се фрли, пред сè за здравје. Ако има среќа да го фати крстот – добро, ако не го фати, следната година нека проба пак. Да сме живи и здрави, сплотени. Тоа е најважно“,
рече Милко Божиновски кој е роден ростушанец, а сега живее во Скопје.

Со завршувањето на овој чин, помина само половина ден од прославата во Ростуше. Обредите продолжија во селската црква каде се делеше осветеното лепче на кумовите.
Потоа во дворот со собраа жените кои, со кумовите напред, пеат традиционални водичарски песни. Истиот обред се прави и на сред село.

Жените имаат централно место во прославата на Водици во Ростуше. Тие го одржуваат изворниот начин на празнување и го прават толку атрактивен.
Секоја година за Водици има двајца кумови. Следува посета на нивните куќи каде се пеат песните и се благословува софрата.
„Овој крај, Реканскиот и Мијачкиот крај, има многу интерсни традиции. Една од нив е буквално празникот Водици. Можете и самите да видите. Тие бои на народните носии сè уште преовладуваат тука и некои традиции можеби ние помладите ги сметаме за застарени, нешто што не треба да се празнува, но сепак се одржува“,
смета Атанас Таневски – кум.

Ростуше има 708 жители. Мнозинството се муслимани. Оние со кои кратко поразговаравме, но не на камера, велат дека отсекогаш живееле сложно и во хармонија со соселаните христијани. Заедничко им е што ова е печалбарски крај и има многу иселеници. Муслиманите најчесто се во странство. Христијаните, пак, низ градовите во Македонија.
„Православни тука моментално има околу 70, треба да има. Што живеат постојано. Иселени не знам да ви кажам бројка ама сигурно е голема. Најмногу се во Скопје“,
смета Јордан Симоноски – ростушанец.

Традицијата – крстот да се положува во водите на Радика е возобновена пред триесеттина години.
„Во овој крај е возобновена со доаѓањето на нашиот старец, игуменот на Бигорскиот манастир, епископот антаниски г. Партениј. Тоа се случува во 1995 година. Веќе од првата година од неговото пребивање тука, тој ја возобновува таа традиција што била прекината со децении. Најмалку 60 години“,
додаде отец Кирил – архимандрит, Бигорски манастир.
Новата црквата Пресвета Богородица во Ростуше е осветена пред три години. На тоа место претходно имало мала, трошна црквичка.

Како што велат од Бигорскиот манастир, новата црква и враќањето на традицијата за Водици значајно придонеле за почеток на еден поширок духовен препород на целиот крај.
