Од СДСМ велат дека градоначалничката не завршила ниту еден крупен капитален проект како што е обновата на Универзалната сала, завршување на мостот во Аеродром, бесплатниот превоз, реконструкцијата на 10-ина улици. Но, затоа од СДСМ ја обвинуваат за партизација на работата на Град Скопје за што, според Каевски, зборува и тоа што на денешниот отчет наместо државната неколку секунди по грешка била пуштена химната на ВМРО-ДПМНЕ
Еден час денеска потроши Данела Арсовска, а не кажа ниту еден сработен, готов проект. Исто како што се празни првите 82 дена од нејзиниот мандат, реагираше денеска СДСМ откако градоначалничката на Скопје на прес-конференција даваше отчет за сработеното во првите 82 дена од стапувањето на функцијата.
„Освен нивелирани шахти и мобилни тоалети, Арсовска нема реализирано ниту еден, повторувам ниту еден конкретен, крупен проект. Мостот во Аеродром досега требаше да биде завршен. Обновата на Универзалната сала. Бесплатниот превоз за скопјани. Треба да бидат завршени реконструкциите на 10-тина улици. Поминаа 82 дена од мандатот а наместо решенија и проекти, граѓаните на Скопје од Арсовска видоа само партизација на градската администрација и изземање од одговорност за своите надлежности“,
рече Дарко Каевски од СДСМ.
Тој вели дека Арсовска заборавила да спомене и неколку работи што го одбележаа нејзиниот досегашен мандат.
„Го прекина проектот Бас рапид транзит, ја закочи изградбата на двата нови моста, ја закочи Универзална сала, поништи оглас за вработување на 20 пожарникари. Комплетно ги партизира јавните претпријатија, јавните установи и Град Скопје. Колку е партизирана работата на Град Скопје зборува и тоа што на денешниот отчет наместо државната, на неколку секунди беше пуштена химната на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Каевски.
Арсовска претходно меѓу проектите со кои се пофали за првите 82 дена ги кажа: намалувањето на цените за паркинг, враќањето на зелениот бран на булеварите, чистењето на повеќе од 150 диви депонии, воведувањето ноќни автобуски линии, формирањето на екосовет итн. Кога станува збор пак, за покрупни капитални проекти планирани за наредниот период, градоначалничката не сакаше да открива на денеска и рече дека од следната прес-конференција ќе почне системски да ги објавува планираните инфраструктурни проекти.