Јапонскиот премиер Фумио Кишида е евакуиран неповреден од јавен настан откако врз него беше фрлена димна бомба, пренесе Би-би-си. Едно лице е приведено на местото на настанот во Вакајама, каде што Кишида требаше да одржи говор. На видеата објавени во дел од медиумите се гледа како полицијата го совладува осомничениот, а сведоци за тамошните медиуми потврдуваат дека виделе лице како фрла нешто, а потоа чад и силна експлозија.

Информации за повредени нема, а државната телевизија НХК го цитираше Кишида кој кажал дека и самиот слушнал експлозија.
„Полицијата истражува детали, но би сакал да се извинам што загрижив многу луѓе и им направив проблеми“,
рекол Кишида.