„Затоа се кандидирам за претседател, затоа што оваа државичка ќе може да функционира и да постои додека сè уште сме ние кадрите од времето на Тито, а кадрите со завршени дипломи од кај Мерко и другите ќе ги доведат државата и граѓаните до вакви траорни и смешни ситуации“, истакна Јакимовски
Наместо извод од матична книга на венчани, добиле извод од матична книга на умрени. Ова, како што обелодени денеска на прес-конференција од пред Управата за водење на матични книги градоначалникот на Карпош, Стевче Јакимовски, им се случило на неговите син и снаа.
„Замислете, мојата снајка и мојот син побараа извод од матична книга на венчани. Чекаа два и пол часа и го добија овој извод. Извод од матична книга на умрени. Денот на нивната венчавка е впишан како ден на нивната смрт. Овие млади луѓе се во шок, можете да замислите секоја годишнина од бракот на што ќе ги потсеќа. Оваа прес-конференција ја држам затоа што имаме уште една потврда зошто младите се иселуваат од Република Македонија. Не од економски причини, туку од лошо функционирање на државата“,
рече Јакимовски.
Како што посочи тој, на документот била потпишана извесна Дијана Антониевиќ, која, како што рече, сигурно е кадар или на СДСМ или на ВМРО-ДПМНЕ.
„Потпишана е Дијана Антониевиќ, и е вработена или од штабот на СДСМ или од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи не е Албанка не може да е на ДУИ. Целата наша администрација е наполнета со нивните кадри и во зависност од тоа дали се власт или опозиција, нив државата не им чини, а всушност не им чини од нивните кадри. Затоа се кандидирам за претседател, затоа што оваа државичка ќе може да функционира и да постои додека сме сè уште ние кадрите од времето на Тито, а кадрите со завршени дипломи од кај Мерко и другите ќе ја доведат државата и граѓаните до вакви траорни и смешни ситуации. Се давиме во хаос на секое поле. Со вакви перспективни и талентирани кадри се наполнети државната и јавната администрација“,
посочи градоначалникот на Карпош и кандидат за претседател на државата.