Најчесто тоа биле објекти од типиот на училишта, градинки, општински згради, но биле злоупотребувани и инфраструктурни проекти во насока на промоција на одредени кандидати
Извештајот укажува дека речиси сите поголеми партии, а во најзначаен дел оние од власта, користеле јавни добра за себепромоција. Вицепремиерот задолжен за добро владеење, Арбен Фетаи, не ги отфрла таквите заклучоци
Веќе беше јасно дека власта оствари голема победа по првиот круг локални избори, кога на партиската говорница во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се појави лидерот и премиер Христијан Мицкоски.
„Тезата дека имало нерегуларности не е издржана и е плитка. Ги имавме најдемократските избори досега, а сè друго е само алиби и површен обид да се оправда слабиот резултат на опозицијата“,
рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ од партиската говорница на 19 октомври по првиот изборен круг.
Малиот број предмети пред Државната изборна комисија, обвинителството, полицијата потврдуваат дека немаше поголеми инциденти за време на кампањата и гласањето.
Се поставува прашањето – што заклучија набљудувачите кои следеа – дали пред и во кампањата се злоупотребуваат т.н. административни ресурси?
Во последните денови пред почетокот на кампањата за локалните избори објавивме сторија за специјално обучените набљудувачи, 70 на број, кои ќе ја следат кампањата во 26 општини. Откако гласањето заврши, нивните забелешки беа преточени во прелиминарен извештај.
На општо ниво, тие што се на власт, користеле државни ресурси кои не им биле достапни на другите кандидати.
„Гледавме различни јавни ресурси и придобивки од функцијата, придобивки од актуелноста на позицијата, или како јавните средства биле користени или злоупотребени во кампањата. И важно е да се разбере дека, врз основа на нашите прелиминарни набљудувања, она што го гледаме е дека – да, јавни ресурси се користени во кампањата“,
вели Татјана Хилшер Богусевич.

Татјана Хилшер-Богусевич е меѓународна експертка за демократија и избори. Според неа, нотираните неправилности се должат дел на сива зона, дел на злоупотреби.
„Користени се различни видови ресурси: јавни простори, промоции на тековни или минати јавни проекти, инфраструктурни развои. Имаше вклучување на политички функционери во кампањата. Проблемот тука е што некои од овие активности не се директно регулирани со закон. Тие паѓаат во сиви зони“,
вели таа.
На какви злоупотреби се мисли, може детално да се прочита во извештајот.
Кога е во прашање злоупотребата на јавни простори, посочени се сите поголеми партии и коалиции:
– на 1 октомври СДСМ ја употреби главната сала на Домот на културата „Македонски брод“;
– на 6 и 8 октомври, кандидатот за градоначалник на НАИ Блерим Рамадани одржа средби… во основни училишта;
– на 9 октомври, Домот на Армијата во Тетово беше искористен за промоција на кандидатите на ЗНАМ за општинскиот совет;
– на 18 октомври, кандидатот на ВЛЕН оддржа настан со наставници во основно училиште во Долнени;
– во Скопје, кризата со собирањето на отпадот… доведе до мобилизација на општински возила и меѓуопштинска соработка за да се спроведат операции за чистење, јавно врамувајќи ги како достигнувања на кампањите.
Во сите други категории, како злоупотреба на јавно финансирани проекти, вклученост на функционери и јавни институции во промотивни активности и вклученост на извршната власт, доминираат наоди за партиите од централната власт.
На 8 октомври, Владата организираше бизнис форум во Струмица. Иако формално имаше за цел да промовира инвестициски можности и поддршка на локалниот економски развој, индиректно го олесни и промовирањето на кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков, кој одржа говор заедно со премиерот Христијан Мицкоски и други министри.
На 15 и 17 октомври, на два настани за инаугурација организирани од државата во селото Радуша, отворањето на спортското игралиште „Берлин Арена“ од страна на Министерството за спорт и отворањето на локалната здравствена клиника од страна на Министерството за здравство, се одржаа говори од кандидатот за градоначалник на Сарај од ВЛЕН, Мухамед Елмази, кој ги поврза овие иницијативи со неговата предизборна платформа.
Тука може да додадеме и неколку наши.
Пред кампањата, снимајќи со набљудувачот Рамадан Муртезани, регистриравме партиско-промотивни активности во работно време на градоначалникот Билал Касами. По објавувањето на сторијата, набљудувачот потешко доаѓал до информации – каде се оддржуваат партиските активности.
Вечерта на 19 октомври, набрзо по крајот на гласањето, фативме државни возила во близина на Мавровка, каде партиски простории има коалицијата ВЛЕН.
Во градовите полесно се забележува злоупотребата, а во селата потешко, вели Даниела Цветаноска, претседателка на организацијата „ЛАГ агролидер“. Таа ги следеше изборите во Струмица и Долнени.

„Во основа урбаните општини се многу поинформирани. Политичките партии и дел од службениците или вработените во општината во државните институции се многу поинформирани и многу попретпазливи во однос на злоупотребата на административни ресурси на локално ниво. А во споредба со тоа руралната општина најпрвин морам да кажам дека службениците не се свесни и не знаат за злоупотреба на административни ресурси на локално ниво. Населението не знае и сето тоа се сфаќа дека е вообичаено и дека е во ред тоа да се случува, односно не го сметаат за злоупотреба“,
вели Цветаноска.
Генерално, меѓу повидливите административни ресурси што биле злоупотребени се набројани: училишта и градинки, културни центри, општински згради, музеи, спортски сали, стадиони и други јавни простори.
Па, со забелешките во рака, се обративме кај Владата, поточно кај надлежниот – вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи.
Неговиот одговор е дека, генерално, биле испочитувани три клучни документи за изборите – Изборниот законик, Законот за спречување на корупција и Етичкиот кодекс на Владата.

„Случаите за кои зборуваме верувам дека треба да се пријават во институциите што се повикани да ја оценат нивната законитост, како што е Државната комисија за спречување на корупција, и од таму да се донесат заклучоци. Јас како заменик-премиер за добро владеење, одговорен сум за Етичкиот кодекс на Владата и досега кај мене не се пријавени вакви случаи од набљудувачите“,
вели вицепремиерот задолжен за добро владеење.

360°: Значи, вие буквално ќе речете дека на овие избори немаше никаква употреба на државни средства?
Фетаи: Не, не го кажав тоа. Реков дека можеби имало случаи, како што се документирани некои случаи од набљудувачите, кои ги спомнавте на почетокот. Реков дека како заменик-премиер, прво, одговорен за Етичкиот кодекс на Владата, не сум добил такви поплаки. Реков дека постојат институции што се повикани да ги разгледаат овие правила и нивното спроведување, прекршувањата, евентуалните прекршувања на правилата, меѓу кои секако е Државната комисија за спречување на корупција и тие имаат и мандат и должност да се изјаснат и да преземат соодветни мерки во врска со евентуалните прекршувања.
Сумирано, вицепремиерот има став дека владините функционери максимално се труделе да не настапуваат во нивното работно време и да се однесуваат етички.
Што се однесува до користењето на јавните простори, тој препознава потреба прашањето законски да се доуреди.
„360 степени“ се обрати директно и до двете политички партиите чии имиња доминираат низ извештајот – дека користеле административни ресурси во изборите.
Во ВМРО-ДПМНЕ и во ВЛЕН посочивме дел од забелешките од прелиминарниот извештај и прашавме дали активностите на владините функционери придонесоа за изборот на кандидатите од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН, како и тоа дали би иницирале измени во Изборниот законик кои прецизно ќе регулираат што е дозволиво да се користи во вид на јавен простор или пак работното време кога може да се води кампања.
Од ВМРО-ДПМНЕ не добивме одговор, а од ВЛЕН велат:
„Секоја посета на јавни институции, училишта, претпријатија или општински објекти била во функција на комуникација со граѓаните и заснована на потребите на локалната заедница без нарушување на редовната работа на институциите. Споменувањето на официјалните функции во јавните настапи е вообичаена протоколарна пракса и не е насочено кон создавање изборна предност. Инфраструктурните проекти што беа промовирани се дел од однапред планирани активности и не се директно поврзани со изборната кампања“.
Конечниот детален извештај се очекуваво февруари следната година. Во него ќе има препораки и за политичарите, но конкретно и за извршната власт – како во иднина да се спречи злоупотреба на административните ресурси за време на кампања.
Оваа активност е подготвена во рамки на проектот Отпорни институции на Балканот за демократско управување и избори (BRIDGE), финансиран од Владата на Обединетото Кралство со поддршка на Британската амбасада во Скопје, и на Програмата за изборна поддршка на Швајцарската соработка во Северна Македонија, спроведувана од Меѓународната фондација за изборни системи (IFES). Содржината на овој производ не ги одразува нужно ставовите на донаторите, проектите или спроведувачите.
