Бродовите презевувале помош во вредност од над 110 илјади американски долари во лекови, респираторна опрема и прехранбени производи што биле наменети за болниците во Газа

Израелската армија пресретнала група бродови во меѓународни води кои се обидувале да достават помош во воено разорениот Појас Газа, соопштуваат од коалицијата „Флотила на слободата“.
Бродовите, како што додаваат од коалицијата, биле пресретнати на 220 километри од Газа. Бродовите презевувале помош во вредност од над 110 илјади американски долари во лекови, респираторна опрема и прехранбени производи што биле наменети за болниците во Газа.
„Израел нема законско овластување да ги притвора меѓународните волонтери на овие бродови“,
изјави Дејвид Хип, од Управниот комитет на Коалицијата „Канадски брод за Газа“ и „Флотила на слободата“.
Според него, оваа заплена го крши меѓународното право и ги побива обврзувачките наредби со кои се бара непречен хуманитарен пристап до Газа.
Во соопштение од коалицијата, објавено на нивната бев-страница, се вели дека за еден час од израелската армија биле пресретнати осум бродови, а еден велат дека сè уште плови иако и тој бил нападнат од израелски воен хеликоптер.
Инцидентот е втор во последните денови. Претходно, на 2 октомври, Израел заплени околу 40 бродови и притвори повеќе од 450 активисти меѓу кои и шведската активистка Грета Тунберг.
Коалицијата „Флотила на слободата“ (FFC) е меѓународна мрежа на пропалестински активистички групи кои организираат цивилни поморски мисии насочени кон пробивање на израелската блокада на Газа за да достават хуманитарна помош на Палестинците во енклавата.
Израелското Министерство за надворешни работи, во соопштение на Икс, потврди дека бродовите и патниците од флотилата се безбедни, се префрлени во израелско пристаниште и се очекува наскоро да бидат депортирани.
„Уште еден залуден обид за пробивање на законската поморска блокада и влегување во борбената зона заврши без никаков резултат“,
соопшти министерството.