Тројцата одлучија дека сѐ уште има можност да се дејствува внатре во ДУИ. Ние, другите, оценивме со нашата анализа дека веќе се исцрпени сите можности, нема простор за дејствување внатре во ДУИ и затоа формираме ново движење, а времето и теренот ќе покаже кој е во право, вели Меџити за немањето поддршка од неговите партиски и фракционерски другари Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери
За тоа дали станува збор за игра на ДУИ или, пак, е навистина незадоволство кое ќе се артикулира докрај, тој објасни дека најдобар аргумент за сериозноста на нивните намери е тоа што формираат опозициско движење во момент кога нивната партија е на власт
Стотината столчиња во големата сала на Општина Чаир не беа доволни за сите поддржувачи на „огнениот“ Изет Меџити, кој денеска ги повика на состанок сите симпатизери на фракционерите од ДУИ за да се договорат за формирањето ново политичко движење.
Влегувањето на Меџити, придружуван од пратениците Мерита Коџаџику и Кастриот Реџепи, градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, поранешниот заменик-министер за одбрана Башким Хасани, но и од останати членови на „огнените” и функционери од ДУИ, беше пречекано со силен аплауз. Пред почетокот на состанокот, за медиумите беше дозволено снимање и фотографирање, за потоа тие да ја напуштат салата и да се заседава зад затворени врати. Додека траеше 40-минутниот состанок, од салата двапати се слушнаа аплаузи и извикувања на името на Меџити.
Во целата таа атмосфера можеше да се забележи дека денешното излегување на Меџити во јавност, како дел од „огнените“ беше без неговите партиски и фракционерски другари Блерим Беџети, Невзат Бејта и Муса Џафери, кои и претходно најавија дека нема да дадат поддршка на движењето што се најавува од страна на Меџити.
На прашањето на „360 степени“ зошто Меџити денеска е без сите членови на „огнената група“, тој рече дека не е сам и дека со него се уште двајца пратеници и други членови на ДУИ.
Меџити рече дека е убеден оти тие и денеска исто размислуваат како пред шест месеци или една година, а тоа е дека во ДУИ имаат изгубено контакт со реалноста.
„Тројцата одлучија дека се уште има можност да се делува внатре во ДУИ. Ние другите оценивме со нашата анализа дека веќе се исцрпени сите можности, нема простор за делување внатре во ДУИ и затоа формираме ново движење, а времето и теренот ќе покаже кој е во право“,
рече Меџити.
На прашањето колкумина членови на ДУИ си имаат поднесено оставки, Меџити рече дека на чело со него има уште и десетици членови на централното претседателство. Има и луѓе, како што рече, од тесното претседателство, но точната бројка не можеше да ја потврди.
Движењето на Меџити, кое засега нема име, ќе биде формирано на 13 август, ден на Рамковниот договор, кога и официјално ќе се формира новиот политички субјект и движење.
Меџити, одговарајќи на прашањето дали ќе бидат подготвени за евентуални предвремени избори, рече дека токму затоа брзаат со формирањето на ова движење, за да се подготват за секаков вид предизвици кои можат да се појават во меѓувреме.
За тоа дали станува збор за игра на ДУИ или, пак, е навистина незадоволство кое ќе се артикулира докрај, тој објасни дека најдобар аргумент за сериозноста на нивните намери е тоа што формираат опозициско движење во момент кога нивната партија е на власт.
„Со денешниот ден има иницијатива за формирање ново политичко движење, опозиционо, и ова мислам дека за првпат се случува некој заради убедување од позиција на власт да премине во опозиција. Ова е доволен факт и аргумент дека ние сме сериозни и искрени во нашите намери и формирањето на новото политичко движење кое ќе биде опозиционо се аргументите дека сме истрајни и транспаретнтни во нашето делување“,
рече Меџити откако доби поддршка за формирање на новото движење.
Најавите на Меџити се дека ова ќе биде партија, но именувањето и дејствувањето ќе биде како движење за, како што рече, да оставиме простор за сите искрени членови кои не се задоволни внатре во ДУИ и ќе се најдат себеси во новото движење.
За името на движењето, Меџити рече дека ќе има дебата.
„Има неколку предлози, ќе дадеме на јавноста и на структурите да ги коментираат и да се најде најдоброто. Дебатата ќе биде и за програмата, платформата и за другите цели“,
рече тој.
ДУИ се бетонира со послушници и со оние кои немаат храброст да се соочат со реалноста
Идејата за формирање ново политичко движење, Меџити ја образложи со давање ретроспектива на случувањата во изминатите две-три години.
Битката, како што вели Меџити, ја имаат почнато во 2020 година, кога успеале да имаат компромисно претседателство и да ја вратат дебатата внатре во ДУИ.
„Имавме таму отчет од министрите и ние на првата седница направивме ревизија на отчетот и за жал испадна многу полошо. Очекувавме дека ќе има друга седница на претседателството, каде ќе има пресек меѓу отчетот и ревизијата и според резултатите да видиме тие што имаат сработено да останат, а тие што немаат, да го напуштат местото за нови, млади, луѓе што сакаат да придонесат. Но, немаше седница, тоа требаше да биде на 8 декември минатата година, но дури потоа под притисок се одржа на 1 април, но таа беше формална и тука немаше реална дебата, немаше волја за компромисни решенија и ние ја напуштивме седницата“,
рече Меџити.
Тогаш, како што вели тој, излеговме со креативна идеја бидејќи цело време зборуваме за европски вредности, дадовме таква вредност, тоа е фракција како што функционираат и други европски партии, но и тоа не беше прифатено.
„Отидоа многу подалеку и за сите што размислуваат поинаку беа отстранети од владини и партиски функции и ова се заокружи со смешниот, навидум демократски процес еден глас-еден член за избор на ограноците, но однапред се знаеше кој ќе биде избран. ДУИ се бетонира со послушници и со оние кои немаат храброст да се соочат со реалноста и кои не комуницираат со граѓаните. После овој процес дојдовме до заклучок дека се исцрпени сите можности да делуваме за подобрување на ДУИ внатре, и се одлучивме, а тоа е и денешниот заклучок, дека формираме ново политичко движење каде апелирам до сите интелектуалци кои не биле вклучени досега, или се вклучени во други партии и не се задоволни, сите луѓе кои сакаат да придонесат за подобар стандард, сакаат да служат на граѓаните, не само да земаат глас и потоа да ги заборават, туку да служат на каузата, имаат отворена врата во ова ново политичко движење“,
додаде Меџити.
Меџити уште на почетокот на овој месец, во изјава за „360 степени“, рече дека сите опции се на маса, вклучително и формирање нова партија или движење, а подоцна во неколку јавни настапи го најави формирањето.
„Огнената група“ подолг период бараше смена на првиот вицепремиер Артан Груби, но и на други други функционери на ДУИ од партиските органи и од извршната власт поради нереализирање на партиската програма.
Барањата на „огнената група“ не наидоа на поддршка од страна лидерот на ДУИ, Али Ахмети, што беше повод и едните и другите да почнат со интензивни средби со членството и со симпатизерите на ДУИ.
„Огнената група“ од ДУИ на 1 април годинава и официјално објави дека ќе дејствува како фракција во партијата обвинувајќи дека актуелните министри во владата од ДУИ ја узурпирале партијата со своите одлуки.
По ова, лидерот на ДУИ, Ахмети, им возврати дека фракции според Статутот не се дозволени.
По најавите на Меџити за формирање ново движење, градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, кој беше со него во „огнената група“, рече дека не ја поддржува идејата оваа фракција да формира нова политичка партија и додаде дека неговиот став го делат уште двајца членови на „огнените“, Муса Џафери и Невзат Бејта.