Една од најинтересните битки на овие избори, како и на претходните, е онаа за Тетово. Околу 85 000 граѓани на Тетово со право на глас до 17 октомври имаат време да размислат за кого ќе го дадат својот глас. „360 степени“ ги праша главните претенденти за градоначалничкото место за решенијата што ги нудат за собирањето и одлагањето на сметот и сообраќајниот метеж
Неисчистеното ѓубре и сообраќајниот хаос се двете најчести теми за кои се пишува за Тетово, не само во локалните туку и во националните медиуми. Јавниот притисок можеби и помага состојбата повремено да се подобри, но овие проблеми продолжуваат да ги мачат тетовци веќе со децении.
Не е никакво изненадување што, во предизборието, кандидатите за градоначалник ветуваат дека имаат решение. Но, како?
Кога е во прашање ѓубрето, кандидатот за градоначалник и лидер на партијата БЕСА, Билал Касами, вели дека проблемот ќе се реши со реорганизација на постоечкото јавно претпријатие.
„Предвидовме инвестиции во техника и машинерија – од камиони за транспорт на отпад од граѓанинот до депонијата каде што се наоѓаат во Гостивар или Скопје. Предвидовме план за преместување или замена на сите стари контејнери кои не ги исполнуваат минималните барања за функцијата што ја вршат. Предвидовме детален план за сите инвестиции што се предвидуваат, општинското претпријатие за управување со отпад да биде претпријатие кое ќе се занимава со чистење на отпад и конечно градот Тетово да биде чист град“
вели Касами.
Реорганизација на постојното претпријатие ветува и Хамдија Елезовиќ од СДСМ. Различното во неговата програма од онаа на Касами е што предвидува влез на приватен партнер во операцијата.
„Имаме намера на јавното комунално претпријатие да му направиме преструктурирање, каде што ќе се направи јавно-приватно партнерство за прием на отпадот и за транспорт на отпадот за да може да се дислоцира отпадот до планираната регионална депонија Русино, каде што отпадот ќе се складира, ќе има места каде ќе се дислоцира од тие па после ќе го преместуваат кога ќе се направи оваа регионална депонија која ни е во план“
вели Елезовиќ.
За поранешниот градоначалник на Тетово, а сега кандидат на ДПА за таа позиција, Сади Беџети, проблемот со отпадот е многу лесен за решавање. Владата, своевремено, подготвувала тендер за управување со сметот во Полог, за кој имало и заинтересирани компании, но тој останал во фиоките на Министерството за животна средина.
„Има комплетна документација на тендерот што е направено. Тоа е во фиоките на Министерството за екологија, тие го имаат тендерот кој беше при крај, подготвен за Полошкиот регион. Таму беше и компанијата ХЕНКЕЛ, не беше реализиран, тоа беше централниот тендер и можеше да се реализира. Дури и сега може да се реализира само да се повика таа компанија, дека се уште е на суд, како што слушнав денес. Во моментов постои можност оваа работа да се регулира многу лесно, да им се даде на нив. Само треба одлука од Владата и да се реши еднаш засекогаш“
вели Беџети.
За разлика од Беџети, Вулнет Мурсели за првпат се кандидира за градоначалник, а зад него стојат Алијансата за Албанците и Алтернатива. Како и дел од неговите противкандидати, почисто Тетово гледа преку посилно јавно претпријатие.
„Преку јавно-приватно партнерство ќе изградиме центар за управување со отпад што значи изградба на центар за рециклирање и преработка, депонија за органски отпад, депонија за инертен отпад и во соработка со најблиските планските региони ќе ги видиме можностите за изградба на современи инсенератори според сите стандарди за отстранување на не-рециклирачки неоргански отпад“
вели Мурсели.
Единствената жена кандидат е актуелната градоначалничка, Теута Арифи. По два мандати зад себе, вели дека проблемот е поголем од општината и дека тој може да се реши само регионално.
До изнаоѓање на такво решение, додава Арифи, се прават и ќе се прават напори за зајакнување на локалното јавно претпријатие.
„Исто така, со Светска банка сме на крајот на програмата што ја предвидовме во новата програма за 31 позиција во градот за полу-подземни контејнери, што сметаме дека во однос на собирањето ќе помогне многу за градот, а во услови на третман, на долг рок, сепак, заедно со Полошкиот плански регион и владините програми, верувам дека ќе се постигне регионално, како и државно решение во однос на овој проблем, што е проблем што ја засега целата земја“
вели Арифи.
Не само што често лошо мириса, во Тетово е тешко човек и да се движи. Бидејќи недостасува паркинг, нормално е да се паркира и на тротоар и на втора лента на булевар. Потоа, пак, нема место ниту за пешаци ниту за возила. Кандидатката на ДУИ, Теута Арифи, вели дека дел од решенијата за надминување на сообраќајниот хаос се веќе изградени. Во следните четири години ќе се подигнат на повисоко ниво.
„Успеавме да го завршиме продолжението на булеварот „Индустриска“ и сме при завршување на изградба на следниот булевар „Благоја Тоска“, за кој сметаме дека главната цел е да ги преместиме автомобилите од центарот на градот и, истовремено, во следната четиригодишна програма е целосен преглед на изгледот на центарот на градот, кој предвидува две решенија, подземни решенија во однос на поставеноста на автомобилите и естетскиот дел кој доаѓа како горен дел на градскиот плоштад. Веруваме дека третото решение, кое исто така е веќе функционално, за прв пат, Тетово има градски превоз“
рече Арифи.
Доградба на булевари предвидува и програмата на Вулнет Мурсели од Алијанса за Албанците/Алтернатива. Но, на нив додава и нова обиколница и подземни катни гаражи.
„Отворање нови улици и довршување на булевари кои никогаш не биле завршени, како што се: булевар „Видео Смилевски-Бато“, булевар „Благоја Тоска“ и булевар „Илинден“, истовремено ќе се проектира и гради нова обиколница, од кружниот на влезот на Тетово од Скопје што ќе оди паралелно со пругата за да се поврзе потоа со регионалниот пат Тетово-Јажинце. Имаме уште еден многу амбициозен план, тоа е да се изградат подземни гаражи на градскиот плоштад со цел да се редизајнира плоштадот и да се поврзе со трговските центри на новиот комплекс и стариот комплекс, со цел да се ревитализираат овие два центри“
рече Мурсели.
Поинаков е пристапот на кандидатот на ДПА, Сади Беџети. Тој ветува растоварување на сообраќајот во градот, но не преку повеќе паркинг места во центарот, туку на периферијата.
„Треба да се организираме на четирите главни влеза на градот да имаме големи паркинзи за да не влегуваат во градот, да ги остават автомобилите на тие големи паркинзи, да имаме сообраќај со автобуси на секои 15 минути за да ги доведе до центарот жителите кои имаат работа во градот, да ги завршат своите работи и да се вратат во автобус со еден билет кој ќе го покрие паркингот кој ќе биде многу евтин, на пример, 20 денари да плати и за автобус и за паркинг. Ние ќе овозможиме и кој сака да влезе внатре во градот, но начинот за влез во градот на паркинзите во градот ќе биде на паркинзите кои ќе имаат друга цена“
рече Беџети.
Дека во понудата доминираат катните гаражи потврда е и програмата на кандидатот на СДСМ, Елезовиќ. Тој ветува неколку, со што градот би добил до 1 000 нови паркинг места.
„Едната ќе биде кај поранешниот „Партизан“ кај судот. Тука планираме една подземна и надземна градба при која би имало околу, да не шпекулирам, од 200 до 400 паркинг места. Другата локација е позади угостителскиот објект „Рима“, каде што сега постои некој паркинг со кој ние би го ова прошириле и преадаптирале. Тука има и станбени делови кои употребуваат паркинг места. Би направиле една фузија и тука планираме меѓу 250 и 300 паркинг места. И третата локација е исто зад угостителскиот објект „Делфин“ каде исто така би направиле паркинг место со подземна и надземна структура каде што би биле некаде помеѓу 250 и 300 паркинг места“
рече Елезовиќ.
Преку нови паркинг места, хаосот во Тетово ветува дека ќе го среди и Билал Касами. Тој предлага катни гаражи и во центарот и на периферијата на градот, но и еден, како што вели, капитален проект.
„Исто така, еден од капиталните проекти е за центарот на градот Тетово, каде што е предвидена целата патна инфраструктура, булеварите кои се вкрстуваат таму, да поминат под земја и делот над земјата ќе биде плоштад, односно од плоштадот каде што е сега, ќе се приклучи на платото пред Палатата на културата и граѓаните, конечно, ќе го имаат решено прашањето за патот или движењето во центарот на градот, ќе го имаат решено и прашањето за паркирање во центарот на градот и, конечно, Тетово ќе има плоштад, како што доликува на европски град“
рече Касами.
Во Тетово право на глас имаат околу 85 000 граѓани. Вообичаено, на избори, излегуваат околу половина. Колку и кому му веруваат на ветувањата, тетовци се очекува да се изјаснат два пати, бидејќи никој не очекува градоначалник да биде избран уште по првиот круг на 17 октомври.