Корона-поздрав и по некоја прегратка – брзо по затворањето на гласачките места во 19 часот, членови и поддржувачи на СДСМ веќе почнаа да си честитаат за изборите во Штип. Не го чекаа пребројувањето гласовите, бидејќи најважен беше цензусот – да излезат барем една третина од гласачите, во услови на бојкот на ВМРО-ДПМНЕ.

Од вкупно 41 777 гласачи, требаше да излезат најмалку 13 926 за да се избере градоначалник. На крај, гласаа 14 528, или само 602 над потребниот минимум.

Колку е мала разликата меѓу потребниот и остварениот одѕив и не беше важно во штабот на СДСМ, особено откако стигна „дојава“ дека доаѓа кандидатот за градоначалник Сашко Николов. Меѓу првите кои го пречекаа Николов беше поранешниот градоначалник на Штип и актуелен министер за транспорт, Благој Бочварски.
Токму Бочварски ја прекина низата победи на ВМРО-ДПМНЕ во 2017 година, кога во вториот круг освои 15 078 гласа наспроти 13 363 колку што освои Илчо Захариев. По првиот круг, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ имаше 36 гласа повеќе од кандидатот на СДСМ.

Покрај Бочварски, први со честитки до Николов беа и вицепремиерот Љупчо Николовски, повеќемина пратеници и други функционери на СДСМ.

„Ќе зборувам на штипски, убаво да ме разберат сите. Значи, покажавме денес дека во Штип владее демократијата! Покажавме дека секој што сака да ја блокира, опструира, оваа наша преубава општина, не му е местото тука!“
порача идниот градоначалник на Штип, Сашко Николов.
Николов тврди дека немал сомнежи, ниту стравувања, дека ќе биде достигната потребната излезност за изборите да бидат успешни.

„Во петокот гласаа оние кои што беа ковид позитивни и во изолација. Ако ја гледате таа бројка, тоа е само 12 лица. Таа бројка треба да ви даде на знаење дека ние не се плашевме дека на 13 декември ќе го постигнеме цензусот. Туку напротив, сакавме сите оние наши сограѓани кои беа во изолација да се чувствуваат сигурни дома, да си го чуваат здравјето, а сите други граѓани надвор од изолација, бевме сигурни дека повеќе од 14 илјади ќе излезат и ќе гласаат за оваа демократска програма, за оваа перфектна програма за град Штип во наредните 10 месеци“
изјави Николов,
Победничката атмосфера кулминираше со пристигнувањето на премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, кој прогласи победа и во симболична смисла.

„Граѓаните го казнија неодговорното однесување на раководството на ВМРО ДПМНЕ кон Штип, кон центарот на македонскиот исток. Кажаа „да“ за напредокот на Штип, „да“ за грижа, одговорност и стабилност. „Не“ за блокадите, „не“ за бојкотот, „не“ за лаги, стравови и хистерии. Не дозволува овој наш народ блокади, кочења и уназадувања“
изјави претседателот на СДСМ и премиер Зоран Заев.
„Каде ќе продолжите со славење?- Нигде одам за Скопје утре имам 100 дена Влада.“
додаде Заев.
Гостите за Скопје ги испратија со блех музика, а домаќините продолжија со прославата.

Освен победникот, на изборите за градоначалник во Штип учествуваа уште четири кандидати. На само стотина метри од плоштадот, каде СДСМ славеше победа, исходот од гласањето го следеше Симон Поликарп, кандидатот за градоначалник од „Интегра“. На крај, тој освои 1 198 гласа без кои во Штип немаше да има цензус. Поликарп е среќен со гласовите, но не и со неправилностите.
„Има поткупи, има притисоци, има уцени. Дури и денеска, на ден на избори, има кампања, а кампањата треба да е прекината пред 3-4 дена. Но, сепак, ние сме благодарни на Бога за тоа што можевме да постигнеме со лимитираните ресурси и за кратко време“
изјави кандидатот за градоначалник на Штип од Интегра, Симон Поликарп.

Голема штета, како што велат од „Интегра“, за нив предизвикала и негативната кампања, но и притисоците за бојкот на изборите.
„Ваквиот повик за бојкот од оние кои го испечатиле ни нанесе огромна штета, можеби 50% од граѓаните кои планирале да излезат не излегоа, беа повикувани јавно по телефони да не излегуваат.“
порача Виолета Арсовска од Интегра.
„Ние секако ќе пружиме раце на радост и им честитаме за нивната победа, ма да не е тоа чесна победа“
порача Поликарп.

Засега единствената официјално регистрирана неправилност при гласањето во Штип е одлуката на двајца повозрасни сопружници, болни од ковид-19, да излезат на гласачкото место наместо да седат дома. Но, од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која ги бојкотираше изборите, за низа неправилности.
„Заев среде корона организираше на сила избори само за да ја спасат власта во Штип. Вадеа луѓе болни со корона без никакви протоколи. Се истурааа со пари за глас повеќе, а цената за глас достигнуваше нешто над 200 евра. Се правеа притисоци, закани и уцени само за да ja зачуваат градоначалничка фотелја. Цела држава ја кренаа на нозе за само еден градоначалник. И издвојуваа пирова победа, која денес штипјани скапо ја плаќаат со своето здравје“
изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Иван Јорданов.

Штипјани кои решија да излезат на гласање велат дека не биле исплашени од епидемијата. Внимавале на мерките за заштита и не се колебале да го остварат избирачкото право.
„Се е безбедно, нема ништо, од што да се плашиме?“
„Мирно, добро, се почитува се, сите на два метра, сите се со маски , мислам дека е мирно“
„Па мислиме дека подобро ќе биде, ќе видиме. -Ќе стигне за 9 месеци да напрвиа се?- Абе нека почне, па и другиот кога ќе го гласаме и тој ќе работи“
велат штипјани.

Дел од гласачите очекуваат идниот градоначалник да си го исполни ветеното, а дел, пак, признаваат дека излегле да гласаат иако не им се допаднала ниту една од опциите.

„Што очекувате од идниот градоначалник?-Од никој ништо, што да кажеме.-Зошто гласавте тогаш? -Е така редот да ни помине.“
„Што очекуваме, ништо како и од овој“. -А зошто гласавте? Тоа е мое право граѓанско, да си искористам глас. Се надеваме дека ќе биде подобро, да направиме нешто за овој град“
додаваат дел од гласачите.
Сашко Николов, сепак, вчера на доби четири години во градоначалничката фотелја во Штип. Мандатот ќе му трае до октомври идната година кога се очекува да се одржат редовните локални избори на територијата на целата држава.