Италијанските пожарникари досега пребројаа повеќе од 500 активни пожари, а вчера беше забележан уште еден смртен случај, со што вкупниот број на загинати лица во шумските пожари се искачи на четири во текот на минатата недела
Антициклонот наречен Луцифер надвисна над Италија, создавајќи екстремно високи температури и постави нов европски рекорд од 48,8 Целзиусови степени во средата на Сицилија.
Јужна Европа се соочува со интензивни топлотни бранови и шумски пожари ова лето, додека смртни случаи се регистрирани и во Грција и Турција, а експертите предупредуваат дека климатските промени ги зголемуваат интензитетот и зачестеноста на ваквите екстремни временски настани.
Неподносливата жештина ќе продолжи во Италија уште неколку дена и ќе создаде ризик од пожари кои веќе зафатија голем дел од југот на земјата, особено на Сицилија и во регионот Калабрија.
Изгорено тело на 79-годишен маж беше пронајдено во средата во областа Реџо Калабрија, додека друг маж, на возраст од 77 години, почина во истиот регион откако се обиде да го заштити своето стадо од пламените јазици, пренесоа италијанските новински агенции.
Овие смртни случаи доаѓаат откако 53-годишна жена и нејзиниот 35-годишен внук, исто така во регионот Калабрија, починаа минатиот петок додека се обидуваа да го спасат својот насад со маслини.
Противпожарната служба во четвртокот наутро соопшти дека извршила 528 интервенции во изминатите 12 часа, од кои 230 на Сицилија, каде што ситуацијата во моментов е под контрола, вклучително и онаа на планинскиот венец Мадоние, во близина на Палермо.
Регионалните власти во Сицилија прогласија вонредна состојба поради пожарот, додека 50 доброволни противпожарни единици низ Италија испратија помош за гаснење на пожарот на островот.
Противпожарната служба пријави 100 интервенции во текот на ноќта во Калабрија.
Антициклон е поле со висок атмосферски притисок што носи суво и топло време во текот на летото.
Алжир, исто така, беше погоден од пожарите, а оваа северноафриканска земја во четвртокот прогласи тридневна национална жалост откако бројот на жртвите се искачи на 69.
Средоземното Море е издвоено како „главна точка на климатските промени“, додека покачените температури и сувата почва ги продолжуваат сезоните на пожари и ја удвојуваат можноста за евентуални пламени стихии, се наведува во нацрт-процената на ОН објавена од АФП.