
Коронавирусот доведе до вонредна состојба, а потоа и полициски час во земјава. Примарната здравствена криза сепак повлече и други секундарни, како на пример недостаток на средства за заштита.

– Добар ден. Извинете, маски имате?
„Немаме.“ …
– А средства за дезинфекција на раце?
„Само овие малечкиве.“
– Маски дали имате?
„Не. Нема.“
– А ќе добиете деновиве?
„Па треба да добиеме, ама кога – не знаеме ние.“
– А по која цена ви се?
„Околу 30 денари.“
„Немаме никакви маски.“
„Немаме фабрика за маски.“
„Ракавици има ама само медимум. Само да видам дали има L. Медим и XL, L нема.“

Нова маска за една употреба не најдов во аптеките во кои побарав. Од фармацевтите дознав дека пред почетокот на „корона-кризата“ една маска чинела околу 4 денари. Сега, ако најдете, се продаваат за цена од 30 до 50 денари за маска. Средства за дезинфекција на раце имаше, но само во мали „џебни“ пакувања. Ова што го купив е со цена како и претходно – околу 60 денари. Ракавици најдов, иако не се со соодветна големина за мојата дланка, но само такви имаше. Претходно една ракавица чинише околу 2 денара, а сега се продаваат за 4 па дури и за 8 денари по парче.
Јас не сум единствениот кој од прва рака се увери во недостигот и зголемените цени на најбараните производи за заштита од коронавирусот. Тоа веќе го документирале и во Агенцијата за лекови.
„Во најголем дел, зголемувањето на малопродажните цени се должи на зголемување на набавната цена“,
велат од Агенцијата за лекови.
Сите неправилности, фармацевтските инспектори ги пријавуваат во пазарната инспекција. Кога се обративме таму, дознавме дека не само што не се изречени казни за високи цени на маски, ракавици или гелови, туку дека праксата не е законски забранета.

„Во однос на цената – пазарна економија сме. Затоа и Владата донесе одлука за највисоки цени на одредени производи затоа што во пазарна економија ограничени цени се само оние коишто ќе ги ограничи Владата. Сѐ друго е понуда и побарувачка“,
вели Стојко Пауновски, директор на Државен пазарен инспекторат.
За некој да биде казнет за профитерство на маските, ракавиците или геловите за раце, или пак да биде принуден да ги намали цените, овие производи треба да „влезат“ во владината одлука за производи на кои или им се ограничува цената или дозволената маржа на профит. А тоа досега не е сторено. Шефот на пазарната инспекција смета дека граница на маржата е вистинското решение.
„Во тој случај сите ќе бидат задоволни. Тие нема да имаат загуба, ќе си ја имаат истата заработка што си ја имале до тогаш, а од друга страна, граѓаните ќе можат по поевтини цени да дојдат до оние производи коишто им се најнеопходни“,
вели Пауновски.
А, Владата досега ги замрзна цените на основните производи како леб, млеко, брашно, средства за дезинфекција на површини и некои лекови. Замрзната е и маржата на некои производи од увоз, како портокали и лимони.
Како може да постапува пазарниот инспекторат кога нешто оди контра владините мерки за заштита од коронавирусот, се уверивме и самите. Додека го снимавме директорот Пауновски, стигна пријава од граѓанин дека во скопската чаршија работи кафуле.

Тргнавме со инспекторите на терен и ја затековме оваа слика. Дел од гостите се разотидоа, дел рекоа дека чекале да почне молитвата во блиската џамија, па во меѓувреме седнале во кафулето. Некои беа прилично агресивни, па инспекторите повикаа и полициска асистенција, а дојдоа и неколку припадници на единицата за интервентна полиција – поранешните „Алфи“.
Откако состојбата се смири, инспекторите во записникот констатираа неправилност и го затворија објектот. Сопственикот ќе оди на суд и може да се соочи со казна според членовите 205 и 206 од Кривичниот законик. Казните се движат до пет илјади евра за правно лице и до една година затвор за физичко лице ако не се почитуваат владините мерки.
„Апелот е тој – дајте да издржиме и да ги почитуваме одлуките на Владата бидејќи тоа е за наш интерес и за здравјето на сите граѓани“,
вели Пауновски.
Единствената мерка која се однесува на цените на маските, ракавиците или геловите за раце е владината одлука донесена денеска- да се укине увозната царина за овие и други производи, како и за суровините за медицински цели. Очекувањето на властите е дека мерката ќе помогне да не дојде до дополнителни поскапувања.
Сепак, се додека овие производи не влезат под построга владина регулација, најголемата надеж прво да ги има, а потоа и да чинат како порано, е домашното производство.

Најголем производител на средствата за дезинфекција на раце и површини во земјава е „Алкалоид“. Извозот на такви производи сега е забранет, а од компанијата велат дека во овој кризен период произведуваат за околу десет пати повеќе количини од вообичаеното.

„Има огромна, енормна побарувачка, специјално за средства за дезинфекција и санатизација. „Алкалоид“, сепак, има поставено одредени приоритети во испораките кон болници и здравствени установи и кон државни органи, но се обидуваме во најголем дел да ги задоволиме и потребите на крајните корисници кои купуваат во одредени маркети и аптеки“,
вели Никола Мизо од „Алкалоид“.
И покрај поскапувањето на увозните суровини, од компанијата велат дека денеска ги намалиле цените на 158 свои производи. Препораката до граѓаните е средствата за дезинфекција да се набавуваат и користат во рационални количини.
„Трупањето залихи мислам дека во моментов е непотребно затоа што производот може да се најде на пазарот. Ние пробуваме најмногу што е можно. Но, сепак логистичкиот предизвик што го имаме за да ги донесеме суровините покрај затворените граници во Европа и покрај сите проблеми што се случуваат поврзани со ‘covid 19’ – коронавирусот се надеваме дека нема да излезе од контрола. Нашата посветеност е максимална и максимално сме посветени да одговориме на потребите на купувачите“,
вели Мизо.
До пред коронавирусот, маски произведуваше само компанијата „Алкалоид Берово“. Остатокот е од увоз. Кај маските, сепак, веќе има надеж дека недостигот ќе се надмине.

Никола Каракашов е моден дизајнер од Пехчево. Наместо летна колекција, сега шие маски.

„Една од моите колешки која има конфекција во Фиренца ми кажа дека нејзината конфекција почнала да шие маски. Тоа беше многу пред нашите овде да почнат да шијат. И така сакав и јас да помогнам. Ја прекинавме летната колекција што ја правиме и материјалот што го користиме обично за кошили, почнавме да го користиме за да правиме маски“,
вели Никола Каракашов – моден дизајнер.
Ги шие од памучни материјали, а моделот е според маска што ја купил во аптека. Прави до 400 дневно, а иако бизнисот му трпи, тој работи волонтерски, а маските ги донира.
„Првата (н.з. тура) ја дадов за амбулантата во Пехчево. Сега се спрема за амбулантата во Берово. Се надевам, ако има доволно материјал, да продолжам и понатаму, не знам“,
вели Каракашов.
Маски почнаа да произведуваат и повеќе текстилни компании во земјава. Во конфекцијата на Александар Патриклиски од Штип одлуката паднала откако не успеале да најдат маски ниту за своите вработени.

„Кога направивме за нас, почнавме да правиме маски за наши соработници, за наши пријатели, за општината и сите други фирми кои побараа“,
вели Александар Патриклиски, директор на конфекција „ЕАМ“ – Штип
Како што се намалуваат и откажуваат нарачките на облека, Патриклиски вели дека ќе го зголемуваат производството на маски, кои барем досега ги делеле гратис.
„Од следната недела ако не добиеме нови нарачки, а мислам дека нема ни да дојдат нови нарачки, ќе имаме ние огромен капацитет за производство на маски. Ние можеби можеме во еден ден да направиме и 20-30 илјади маски и повеќе“,
вели Патриклиски.

Во земјава нема производител на гумени медицински ракавици. Последниот – државната компанија „Медицинска пластика“ во Тетово е затворена пред повеќе од 15 години. Ваков производствен капацитет ќе беше од голема полза денес кога ракавици тешко се наоѓаат, а увезените се скапи, но кој да знаел дека се појави коронавирус.