Патно-железничките премини остануваат „црни точки“ – сигнализацијата не работеше на шест од вкупно 13 што ги посетивме
Сигнализацијата е дел од еден комплексен систем кој е постојано на удар на кражби и на оштетувања од несовесни граѓани, велат од Железници инфраструктура
Пред извесно време прикажавме како патнички воз во селото Лопате, Кумановско, запира на патен премин.

Машиновозачот и возачите на автомобилите се објаснуваа со сирени кој да тргне бидејќи не работеа ниту рампите ниту звучната и светлосната сигнализација. Случајот нè поттикна да провериме неколку такви премини на релација Скопје –Табановце. Најдовме и други недостатоци.
Светло за сигнализација има, меѓутоа воз нема. Може да чекаш пола саат, саат – воз нема.
рече возач.
Тогаш, од ЈП „Железници – Инфраструктура“ ни одговорија: „Сите патни премини се во функција, освен кога доаѓа до инцидент или кражба на опрема, кога заштитата се исклучува до отстранување на дефектот“.

Се вративме на терен,повторно на линијата Скопје – Куманово, а сега дополнително и на линијата Скопје– Зелениково.


Поточно, снимавме дали работи сигнализацијата на премините од Скопје кон Велес: Горно Лисиче, Драчево 1, Драчево 2, Орешани и Зелениково. Кон Куманово, снимавме на: Маџари, Хиподром, Илинден, Миладиновци, Дељадровци, Агино Село, Романовце, Превој.
На преминот кај Горно Лисиче, токму кога снимавме, патничко возило тргна да го поминува преминот, кога од темницата засвири воз. Возачот на автомобилот реагираше со враќање назад. Ниту рампата ниту друга сигнализација на преминот не му најавија дека доаѓа воз.

Возачот на автомобилот не се воздржа да каже што мисли, а гневот падна на машиновозачот.
Слично беше и кај преминот Драчево – Долно Лисиче. Светлата што ги гледате лево на снимката се од возот што доаѓа, а ниту рампата ниту другата сигнализација се вклучуваат. Едно возило ја поминува пругата во момент кога
возот е пред самиот премин.

Единствен спас од несреќа е што машиновозачите кочат и свират, очигледно на секој премин на кој ќе забележат возила.
На следниот премин во Драчево, близу железничката станица, нема рампи бидејќи не е многу фреквентен. Но, си работеа и звучната и светлосната сигнализација.

Следната дестинација беше Орешани. Таму работеше комплетната сигнализација.

И, на нашата последна локација конВелес, Зелениково, работеа и рампите и другата сигнализација.

На пругата Скопје – Куманово првиот премин што го посетивме беше во Маџари. Работеше сè. Исто беше и на следниот премин, кај Хиподром. Рампи, светлосна и звучна сигнализација имаше и во Илинден. А, и во Миладиновци.




Но, како што се оддалечувавме од главниот град, така се намалуваа и стандардите. Во селото Дељадровци рампи нема. Но, ако нивното поставување зависи од фреквенцијата, мора да има светлосна и звучна сигнализација. Во Дељадровци ја нема.

Па, возилата кои се движат по тој пат решаваат дали ќе преминат или не според тоа дали надоаѓаат светла од воз или не.
Иста е сликата и во соседното Агино Село. И тука сигналот за возачите се светлата на возот или евентуалната сирена од машиновозачот.

Звучната и светлосната сигнализација не работеа ниту во Романовце. Да биде апсурдот, а со тоа и опасноста, поголема, откривме дека сигнализацијата се вклучува откако возот ќе замине.А и блискиот премин, во месноста Превој, се чини го има фатено истиот вирус.



Фактите дека сигнализацијата не работеше на речиси половина од посетените премини и дека на премините што веќе еднаш ги посетивме не работеа и еден месец подоцна, говорат дека не станува збор за инцидентни пропусти, туку за системски проблем.
Побаравме став од надлежните институции за одржување и финансирање на патните премини. Според членот 53 од Законот за железничкиот систем, одржувањето на патните премини, до три метри од железничката пруга, се надлежност на управителот на инфраструктурата, во случајот „Македонски железници – Транспорт“.
Но, кога се во прашање парите…

Во има на управителот на инфраструктурата, „Македонски железници – Транспорт“, пред камерата на „360 степени“ зборуваше Тони Ѓуревски, помошник-директор за електротехнички постројки.

„Забелешките што ги кажувате дека не работеле патните премини се точни, меѓутоа не е точна констатацијата дека ние не ја одржуваме сигнализацијата. Сигнализацијата е дел од еден комплексен систем кој е постојано на удар на кражби и на оштетувања од несовесни граѓани. На овој дел што го споменавте, од Скопје до Зелениково, се работи голем генерален ремонт за подготовка на градскиот воз. Ремонтот кога се работи, на пругата има контакти за патни премини. Доколку останат тие додека се работи ремонтот, ќе се искршат и ќе се уништат. Во функција на ремонтот, овие уреди се тргнати настрана и дел од патните премини се од наша страна исклучени заради нивна заштита, и возовите кои сообраќаат на овие релации задолжително добиваат налози да застанат пред патните премини, да го најават своето доаѓање со звучен сигнал и откако ќе се уверат дека нема опасност, го продолжуваат возењето. Во однос на одржувањето на сигнализацијата на делот помеѓу Куманово и Табановце, имаме страшен проблем со некои несовесни граѓани кои во доменот дури на диверзија доаѓаат. Деловите – контактот на патниот премин каде што возот наидува и го вклучува патниот премин е поврзан со бакарна жица или со некоја друга жица како што се, да речеме, пософистицираните со оптички кабел. Бидејќи оптичкиот кабел веќе не им е интересен, не можат да го украдат и да го продаваат, на пет или на шест места го кинат, го кршат фактички оптичкото влакно со соодветен некој поголем предмет, само да ни го онеспособат патниот премин“,
рече Ѓуревски.
360°: Пред два месеци кога направивме прва обиколка на патниот премин Скопје кон Табановце, ни одговоривте дека случаите за неисправна сигнализација се инцидентни случаи кои се отстрануваат во најскор временски период. Меѓутоа, при нашата втора обиколка на истиов патен премин, повторно наидовме на исти проблеми на исти патни премини. Да кажеме, Дељадровце, Агино Село, па поопасно беше случајот Романовце, Превој, каде што кога поминува воз, нема ниедна сигнализација, откако ќе си иде возот накај Куманово, почнува сигнализацијата за возилава да застанат, а возот веќе е поминат.
„Значи, во сите случаи каде што не работела сигнализацијата, има некоја причина од технички карактер. Е сега, нашата екипа која работи – ние ги нарекуваме дежурни екипи – се состои од двајца вработени, а треба да имаме минимум 20 вработени на редовно одржување. Поради општопознатата состојба во Железница не се примани луѓе повеќе од 10 години. Ние сме симнати од 1300 вработени, колку што треба да има по редовната систематизација, негде околу 700 редовно вработени. И тие луѓе мака мачат, натчовечки напори даваат за да стасаат секаде да ги отклонат дефектите. Да речеме, одреден патен премин ги украле акумулаторите. Во изминатиов период имаме набавено преку 50 акумулатори. Колку за илустрација јавноста да знае, во еден патен премин има четири акумулатори. И сега може да замислите вие колку штета се прави на Железница, колку инвестиции треба да се дадат, меѓутоа и колку човечки ресурси треба да се ангажираат за евентуалните вакви кражби да се спречат. Патниот премин не е независен сам за себе. Тој зависи од останатиот дел на опремата за сигнализација. Возот кога се движи по пруга има индикации и се управува од централно место во Трубарево. Едно кабелче да исече некој, да го украде бакарното, автоматски цела делница може да остане во дефект и возовите мораат да запираат пред сите патни премини, односно да се најавуваат, тоа што ви го објаснував. Во ваква ситуација, на оваа делница особено имаме проблем со сигнализацијата. За таа цел да ја надминеме, заврши тендер, го доби, мислам, фирмата ‘Искра’ и од Табановце до Скопје ќе ставаме сосема нова технологија каде што нема да има бакарни пригушници, туку ќе се оди со бројачи на осовини. Во тек е веќе е почната градбата, веќе се земаат мерки, се почнува со теренска работа да се види каде ќе се поставуваат каблите и се надеваме до крајот на годината дека оваа делница ќе биде сосема на поинаков начин сообраќајот регулиран и дека овие проблеми со патните премини ќе бидат надминати“,
додаде Ѓуревски.
360°: Да кажеме, еве, пак се враќаме на преминот Романовце и Превој. Таму имаше сигнализација, работеше, но не беше синхронизирано кога поминува возот.
„Зошто се случува тоа? Има едни уреди, се нарекуваат кабловски глави. Токму на овој потег некој несовесен граѓанин или група граѓани – која им е причината не знам – ги поливаат со бензин и ги палат. И сега ние не можеме да стасаме секаде каде што ќе ги изгорат тие кабловски глави да ги замениме со нови. Верувајте, ова е технологија стара, датира некаде од 70-тите години, ‘Сименс’. Не може да се најде на слободен пазар. Треба да се снаоѓаме со колегите, ги поправаат, прават иновации, намотки смислуваат, меѓутоа е многу тешко да се дојде до уредот што е изгорен со бензин и да се замени со нов“,
вели помошник-директорот за електротехнички постројки.
360°: Значи, може да констатираме дека за да функционира и да нема дефекти постојано, на претпријатието му требаат повеќе вработени во одржување на патната инфраструктура?
„Верувајте, колку и да имаме ние вработени. Минатата година ангажиравме дури агенција за обезбедување, ги зголемивме нашите чуварски служби. Доколку има несовесни граѓани, не може на секој граѓанин да ставиш по еден чувар. Премногу е опасно тоа што го прават. Не размислуваат дека, претпоставувам тоа е дел од месното население, дека може да се случи на него најблизок кога ќе го оштети уредот, неговиот најблизок да му се случи некоја несреќа на патниот премин. Не знам зошто имаат потреба да ја уништуваат таа инфраструктура. Таа е, патниот премин е направен за месното население полесно да комуницира, да оди до град, да се движи до земјоделските површини. На нивни барања Железница направила патни премини. Верувајте, нас премногу нè чинат патните премини. Преку 150 патни премини имаме со разна категоризација на цела територија на државата“,
додаде Ѓуревски.
Поради законската обврска за покривање на дел од трошоците на одржувањето, се обративме до сите локални самоуправи на чија територија се наоѓаат железничките премини што ги посетивме – Град Скопје, Илинден, Куманово, Зелениково. Прашања упативме и до Јавното претпријатие „Македонија пат“, кое е надлежно за одржување на регионалните патишта. Од Куманово, на чија територија се дефектните премини во Агино Село,
Романовце и Превој, го добивме следниот одговор.

За расипаниот премин во селото Дељадровци пративме прашања до Општина Илинден. Ни вратија дека по добиените информации извршиле увид на терен и ја известиле надлежната институција.

Во однос на парите што треба да ги одвојуваат за одржувањето на патните премини, од општина Илинден додаваат дека имаат ставка во буџетот за такво нешто.

Од Град Скопје, на чија територија се наоѓаат премините во Драчево, не добивме одговор. Ништо повратно немаше и од Зелениково, на чија територија сите премини работеа исправно. Во Јавното претпријатие „Македонија пат“ прашавме дали и колку пари издвоиле во 2025 и во 2026 година за одржување на железничко-патните премини, согласно членот 53 од Законот за железничкиот систем. Ни одговорија дека тие се водат според годишната програма одобрена од Јавното претпријатие за државни патишта.

Ставовите што ги добивме доволно јасно укажуваат дека сите се свесни оти има големи проблеми во функционалноста на патните премини. Тоа значи и дека сите се свесни за загрозената безбедност и на патниот и на железничкиот сообраќај. Кој ќе биде крив ако, на крај, некој настрада?!
