Најголем „клиент“ на компанија од Кичево, која го увезувала спорното масло од Чешка преку Босна и Херцеговина, е поранешната фабрика ФЕНИ, а сега „Еуроникел“ од Кавадарци. Друга позната домашна компанија која го користела горивото е „Брако“ на бизнисменот и поранешен функционер Кочо Анѓушев. Според ИРЛ, двете компании почнале да го користат „босанскиот“ мазут по средба во Владата меѓу Кочо Анѓушев, како тогашен вицепремиер, и претставници на босанската и домашната фирма вклучени во набавката
Токсични масла опасни по здравјето и животната средина, кои при увоз во Македонија влегувале како мазут, се користеле како гориво за греење во повеќе државни институции, но и како гориво во приватни компании во земјава, открива првата епизода од документарниот серијал „Редакција“ на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ).
Спорното горивото го увезувала „Евротим ГДС“ од Кичево, а потеклото му било од „Унипетрол“ од Чешка. Чешката компанија го класификувала маслото како „residual“, што е нафтен дериват кој се смета за поопасен и поштетен од мазутот и во ЕУ е забранет да се користи во урбани средини. Од „Унипетрол“ за ИРЛ потврдиле дека опасното масло може да се користи како гориво само за големи бродови на отворени води и големи индустриски капацитети. Маслото, сепак, не одело директно до земјава, туку преку босанската „Хифа оил“. При влезот во земјава, горивото се запишувало како масло за горење и потоа увозникот го продавал на домашниот пазар.

Истражувањето на ИРЛ покажува дека мазутот што го увезувал „Евротим ГДС“ од Кичево го користеле и приватни компании како поранешното „ФЕНИ индустри“ сегашно „Еуроникел“ и „Брако“. Маслото го користеле и барем седум болници во земјава. ИРЛ во истражувањето напоменува дека нема докази оти сите пратки на „Хифа оил“ и „Евротим ГДС“ се проблематични, но и дека тестираните пратки мазут кои покажале спорни вредности не може да се утврди точното потекло.
Основната причина што маслото успевало да влезе на домашниот пазар, според новинарите на ИРЛ, се домашните закони и правилници. За контрола на квалитетот на мазутот е задолжен Државниот пазарен инспекторат, но тој при увоз го проверува само количеството на сулфур во горивото.
„А ние што гледаме? Сулфур и ништо повеќе. Само сулфур. Испуштање на сулфур. А што испушта друго, не знаеме“,
вели ексдиректорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски
Но, проблемот во опасното масло не е само сулфурот, туку другите супстанции. Во некои дополнителни контроли, сепак, било утврдено дека маслото отстапува од квалитетот својствени за мазут. Од Државниот пазарен инспекторат велат дека за тоа ги известиле надредените институции, како Министерството за економија, но оттаму за ИРЛ велат дека не добиле таков допис. Целото истражување на ИРЛ може да се погледне на видеото: