Меѓународната заедница изрази загриженост поради ескалацијата и повика да се работи на смирување на состојбата
Иран вечерва изврши одмазднички ракетни напади врз Израел, како одговор на денешните масовни израелски воздушни удари врз иранска територија, кои Техеран ги оцени како „објава на војна“.
Ирански ракети го погодија центарот на Тел Авив, а цел беа Министерството за одбрана и Министерството за безбедност.
Нападите предизвикаа материјална штета, голем број на повредени, но иницираа и меѓународни повици за деескалација.

Израелската армија соопшти дека детектирала лансирање на ирански ракети кон Израел, при што сирените за воздушна тревога се огласиле во неколку делови од земјата.
Иранската државна новинска агенција објави дека Техеран лансирал „стотици ракети“ во три брана, насочени кон десетици воени цели и воздухопловни бази, во операција наречена „Вистинско ветување 3“, потврдена од Иранската револуционерна гарда.
Напади има во Тел Авив и Ерусалим, додека израелските служби за итни случаи пријавија неколкумина повредени.
Missili iraniani su Tel Aviv pic.twitter.com/blTxCumeFx
— Papito☭🇵🇸🇨🇺🇨🇳☮️ (@papito1492) June 13, 2025
Неименуван висок ирански претставник за Си-ен-ен, порача деека на Израел му преетстои „мрачна ноќ“.
„Операциите на вооружените сили на Иран против позициите на ционистичкиот режим ќе продолжат, и овој режим се соочува со мрачна ноќ“,
изјави тој.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац изјави дека Иран вечерва „ги преминал црвените линии“ со лансирањето ракети врз цивилни населени центри и вети дека Техеран „ќе плати многу висока цена“ за своите акции.
Израелските напади врз Иран, кои почнаа утрово, беа насочени кон градови, нуклеарни објекти, воени команданти и врвни научници, при што беа елиминирани високи воени фигури, вклучително командантот на Револуционерната гарда, генерал-мајор Хосеин Салами, и командантот на воздухопловните сили на Гардата, бригаден генерал Амир Али Хаџизаде.
Убиени се и најмалку шест истакнати ирански научници, вклучително нуклеарни експерти.
Првиот бран напади во текот на ноќта предизвика силни експлозии во Техеран, а нуклеарниот објект во Натанц беше меѓу целите.
Подоцна во текот на денот, иранските медиуми известија за нови напади во градовите Табриз и Шираз.
Во вечерните часови се активираше противвоздушната одбрана јужно од Техеран, а имаше и експлозии во западниот дел на градот, во близина на популарен парк.
Натанц е главниот објект на Иран за збогатување ураниум со голем обем, кој има десетици илјади центрифуги, кои се клучни за зголемување на резервите на високо збогатен ураниум. Доколку се прекине овој процес, прекината е и иранската нуклеарна програма.
Меѓународната заедница изрази загриженост поради ескалацијата.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен повика на максимална воздржаност и деескалација, а генералниот секретар на НАТО Марк Руте ја нарече акцијата „еднострана“ и побара сојузниците, вклучително САД, да работат на смирување.
Русија ги осуди нападите како „сериозна ескалација“, а Египет ги нарече „екстремно опасна регионална ескалација“.
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека САД не биле вклучени во нападите и го предупреди Техеран да не таргетира американски персонал во регионот.
Претседателот Доналд Трамп рече дека иако САД не биле предупреди, тие биле свесни за плановите на Израел да изврши напади врз Иран.
Шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, го информираше израелскиот претседател Ицак Херцог дека нуклеарниот објект во Натанц претрпел „сериозна штета“, но иранските власти тврдат дека немало радиоактивно загадување или хемиски истекувања.