Со амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, разговараме во пресрет на 1 јануари 2022 г., кога неговата држава ќе го преземе претседавањето со Советот на ЕУ, а со тоа и координирањето на дневниот ред и на заклучоците (одлуките) од состаноците на врвот на Унијата. Го прашуваме за (не)одржливоста на блокадата за Северна Македонија, за бугарските барања кон земјава, за плановите на Макрон за олеснување на дијалогот Софија-Скопје, за тоа кога е поверојатно да се очекува евентуална позитивна одлука – на почетокот или кон крајот на шестмесечното ЕУ-претседавање (по изборите во Франција)
360°: Амбасадоре Бомгартнер, благодарам за ова интервју. Уште еден Совет за општи работи на Европската Унија заврши без посакуваното усвојување на Преговарачката рамка за Северна Македонија и закажување на првата меѓувладина конференција. Ќе има ли крај на ова, веќе повеќекратно одлагање?
Бомгартнер: Да. Советот за општи работи донесе нови заклучоци за отворање на преговорите колку што е можно побрзо. За да одговарам на вашето прашање ќе ви кажам „да“, јас сум убеден дека отворањето на преговорите ќе се случи, но прашањето е кога, односно кога ќе се постигне тој резултат. Пораката што беше дадена за време на Советот за општи работи е – колку што е можно побрзо, толку подобро.
360°: Дали е точно тоа што го зборува претседателот на Бугарија, Румен Радев, за тоа дека притисокот што можеби доаѓал од земјите членки на Европската Унија во минатото, веќе е во историјата? Прашан во пресрет на француското претседателство дали очекува притисок од францускиот претседател Макрон, рече: „Не, притисокот е во минатото. Со францускиот претседател Макрон имаме јасен договор, имаме за решавање проблеми од енергетиката“.
Бомгартнер: Не сум сигурен дека имаше притисок во минатото, затоа што мислам дека зборот притисок не е соодветен, бидејќи не станува збор за притисок меѓу суверени држави во рамки на Европската Унија. Темата за која зборуваме, а тоа е отворањето на преговори за членство за Северна Македонија и за Албанија, е сериозна и важна тема од која директно е засегната и стабилноста на целиот регион на Западен Балкан. Станува збор за тема за која Европејците разговараат низ истакнатата улога на институциите, но и со земјата која претседава со Советот на ЕУ и сосема е нормално да има дијалог кој изискува и кој е мотивиран за работите да се туркаат напред. Од таа гледна точка, а за прецизно да одговарам на вашето прашање, ќе ви кажам дека посветеноста на Франција, особено на францускиот претседател за оваа тема која тој ја следи лично со големо внимание, е на високо ниво.
360°: Впечатокот овде за исходот од последниот Совет за општина работи на ЕУ е дека една соседна држава, Србија, која слободно новинарски ќе си дозволам да кажам – тоне во автократија, геостратешки седи на две столчиња за цело време, доби напредување во пристапниот процес, отвори нов преговарачки кластер, а Северна Македонија и Албанија кои според Европската Комисија и според голем број земји членки се подготвени да ги почнат преговорите, останаа повторно со празни раце. Што да мислиме за таква Европска Унија?
Бомгартнер: Мислам дека не се наоѓаме во игра на врзани садови. Не значи дека ако има напредок во преговарачкиот процес со одредена земја, тоа ќе доведе до назадување или блокада во процесот за другите земји што се засегнати и имаат кандидатски статус. Тоа е првиот одговор на вашето прашaње, а потоа би додал дека процесот за преговарање за членство е нешто што е динамично, коешто сега се случува во рамки што беа обновени и модернизирани со новата методологија и кои се однесуваат и за Србија, затоа што Србија сакаше и тие да ја следат новата методологија и на тој долгорочен пат, кој треба да го следи секоја земја, според својот ритам за интеграција, е важно процесот да продолжи. Ако имате земја која одреден период се оддалечува од европските стандарди, вредности и норми, тогаш тоа ќе има последици во однос на приближувањето кон Европската Унија.
360°: Како Франција, имате ли став за отворените прашање меѓу Софија и Скопје. Што мислите вие за тоа?
Бомгартнер: Може да прецизирате?
360°: Да претпоставиме дека Франција е во позицијата на Северна Македонија и сака да стане членка на Европската Унија и Бугарија, како земја-членка, вели да, може, но, под услов, јазикот на таа држава да не се вика француски туку да се вика официјален јазик на Француската Република?
Бомгартнер: Во ред. Би кажал дека целта е заедничка и таа цел сега е јасно искажана како приоритет од страна на сите, а тоа е да се изнајде решение на билатералниот спор меѓу Северна Македонија и Бугарија за да и се овозможи на земјата, како и на Албанија да направат голем исчекор во однос на европската интеграција, а тоа е отворање на преговорите. Двете земји имаат одредени теми што треба да се решат и треба прво тие да го најдат решението, а бидејќи постои дијалог, кој никогаш не бил прекинат, ќе треба да се постигне договор за чувствителни прашања и мислам дека секоја земја доаѓа со сопствените барања и секоја земја си ги дефинира црвените линии. Мислам дека тоа е случај и со Северна Македонија и, ако не се лажам, Собранието пред неколку месеци донесе резолуција за да ги прецизира македонските црвени линии и, токму во тие рамки, треба да се напредува и да се постигне договор. Никој не ќе може да им наметне на двете земји да усвојат нешто што нема да им одговара и што ќе бара поместување од црвените линии. Во рамки на тие параметри треба да се напредува, да се изнајде решение меѓу двете земји, а откако ќе се постигне тоа, ќе треба да се договориме за Преговарачката рамка, која ќе овозможи отворање на преговорите за членство, без одолговлекување.
360°: Ако ЕУ ја слави својата културна и јазична разноликост, дали ова барање на Бугарија не оди над тој стандард кој ЕУ го поставила за самата себе? Бидејќи, досега не чувме јасен став, па речиси од ниту еден главен град, за тоа дека една држава не може да и наложува на друга како да го нарекува својот јазик.
Бомгартнер: Се наоѓаме во процес кој е исклучително дипломатски, a за да одговорам на вашето прашање, ќе кажам дека најважното не се појдовните барања, туку најважен е резултатот. А, резултатот очигледно е дека ќе треба да биде во согласност со параметрите кои секоја страна си ги зацртала. А тоа за Северна Македонија значи почитување на црвените линии кои се јасно утврдени од властите во земјата. Сè додека остануваме во овие параметри, мислам дека во очите на другите држави членки на Европската Унија и ЕУ-институциите ќе нема никакви потешкотии за да се усвои тоа што било договорено во тие рамки. Она што треба да го имаме на ум е поврзано со ефикасноста, а не со комуникацијата. Секој треба да биде одговорен, а тука мислам на Европејците, за да може сите активности и сите политички јавни изјави да имаат корисна улога за придружување и поддршка на тој дипломатски процес, за да може брзо да се испорачаат резултати, односно во најкраток рок да се постигне очекуваниот резултат, а тоа е договор кој ќе овозможи отворање на преговорите за членство.
360°: За вас има ли дилема како се нарекува јазикот на етничките Македонци од Северна Македонија? Дали Вие лично имате дилема како се нарекува, кое е името на јазикот кој го зборуваат етничките Македонци од Северна Македонија?
Бомгартнер: Јас лично немам никаква дилема.
360°: И како се вика?
Бомгартнер: Во оваа земја се зборува македонски јазик.

360°: Благодарам. Франција го презема претседавањето со Советот на Европската Унија, од 1 јануари. Претседателот Макрон најави Самит ЕУ – Западен Балкан во јуни, дали тоа значи дека до јуни не треба да се очекува никаков напредок во однос на евентуалното усвојување на преговарачките рамки за Албанија и за Северна Македонија и закажување на првите меѓувладини конференции? И тука ќе додадам уште еден аспект, а тоа се француските претседателски избори напролет.
Бомгартнер: Што се однесува до вашето прашање ќе одговорам – не. И тоа од две причини: темата за која зборуваме од почетокот на ова интервју е прашањето за европската интеграција на Северна Македонија и на Албанија, a Советот за општи работи пред неколку дена потсети дека целта е да се најде решение колку што е можно побрзо и јасно е дека ако не мора да чекаме шест месеци за тоа, ќе биде подобро. И мислам дека постои едногласност во однос на тој став, затоа што текстот беше усвоен со консензус од страна на ЕУ. Целта на конференцијата за која зборува францускиот претседател е поширока. Не станува збор за конференција на која ќе се зборува само за Северна Македонија и за Албанија и нивната европска интеграција, затоа што има и четири други земји од Западен Балкан кои конкретно или потенцијално се засегнати, и темите кои го поттикнуваат европскиот интерес за регионот ги вклучуваат можеби и прашањата за проширувањето, но и пошироко, зашто има прашања за регионална поврзаност и соработка и чувствителни политички и геостратешки прашања. Целта е да се разговара на таа конференција за сите овие теми.
Она што мене ми се чини многу важно е што претседателот на Француската Република сакаше лично да се одржи таа конференција и таа е дел од неговите приоритети за време на француското претседавање со ЕУ. Тоа докажува дека тој има личен интерес и посветеност за целиот регион. Јасно е дека помеѓу јануари и јуни ќе има избори во Франција и тоа претседателски во април, а потоа парламентарни на почетокот на јуни. Неспорно е дека во моментот кога ќе се одржуваат тие избори или непосредно пред изборите, дејствувањето ќе биде малку ограничено, зашто ќе се најдеме во период во кој сме обврзани на резервираност. Би кажал дека Франција не беше таа што ги утврди тие рокови, туку тоа е европска агенда. Франција не требаше да го преземе претседателството со Советот на ЕУ, туку редот беше на Обединетото Кралство, но таа нели го промени тој распоред затоа што излезе од ЕУ и Франција сега ќе претседава со него. Од друга страна, треба да внимаваме и на континуитетот на државата, но и да ги спроведеме нашите одговорности за сите теми во текот на нашето претседателство. Претседателот на Француската Република пред неколку дена одржа прес-конференција за да ја објасни својата визија за Европа и за начинот на кој тој има намера да ја одигра својата улога за време на наредните шест месеци, почнувајќи од наредната година и мислам дека забележуваме висок степен на амбиција.
360°: Би сакал да расчистиме две работи, а тоа е дека од аспект на Франција, како претседавач со Советот на ЕУ, јуни не е единствениот таргет-термин во којшто би можела да се случи деблокадата туку дека тоа би можело да се случи и порано?
Бомгартнер: Токму така.
360°: И второ, ако добро го разбирам вашиот одговор, ако зборуваме за деблокада пред јуни, тогаш тоа би требало да се случи во јануари, не знам дали и февруари е воопшто опција, затоа што потоа Франција влегува во претседателски избори?
Бомгартнер: За мене е тешко да бидам целосно прецизен, но она што можам да ви го кажам е дека јуни е времена рамка, новите бугарски власти сега, некако, се пронаоѓаат во тој временски простор од шест месеци, а тие шест месеци одговараат и на крајот на претседавањето со ЕУ затоа што Франција на крајот на јуни ќе го предаде претседателството. Но, од друга страна постои тој став што беше потврден од европските министри во однос на прашањето за отворањето на преговорите со вашата земја и со Албанија, желбата е да се реагира што е можно побрзо и конкретно, што значи дека во моментов го имаме тој прозорец на можности и се обидуваме да направиме сè за да се постигне тој резултат, односно да се постигне договор кој ќе ни овозможи да се отвори првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите. Тој прозорец на можности е отворен и ќе остане отворен се до почетокот на идната година. Дали до јануари, февруари, или крајот на февруари, тешко е да бидам прецизен, но мислам дека тоа е првата временска рамка за која ние сега размислуваме. На крајот на краиштата, од гледна точка на француското претседателство јасно е дека крајниот рок е јуни, но сепак ние сакаме да не се губи време, затоа што веќе се изгуби премногу време, да се концентрираме, одговорно да делуваме за колективниот интерес и во наредните седмици да се постигне резултат.
360°: Дали може да се очекува некаква конкретна активност од францускиот претседател Макрон во смисла на олеснување на дијалогот меѓу Софија и Скопје? Го видовме веќе во таква улога на неколку средби.
Бомгартнер: Да. Може да се очекува и како што велите и вие, тоа нема да биде прв пат, бидејќи за ова прашање претседателот на Француската Република имал повод да преземе одредени иницијативи за да ги придвижи работите напред. Мислам дека наредното ваше прашање ќе биде – за што се работи попрецизно всушност, но јас би останал дискретен, бидејќи најважно е да бидеме ефикасни, да имаме активности што ќе овозможат деблокада на процесот и да се постигне тој резултат, којшто сите денес го посакуваат, а тоа е решавање на состојбата што е можно побрзо за да се почнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа значи дека не се наоѓаме во фаза на јавна комуникација, туку во фаза на мобилизација, а за да се зголемат шансите за успех понекогаш треба да бидеме многу дискретни, затоа што најважно е да бидеме убедливи и да имаме рационален пристап којшто на крајот ќе ни го донесе посакуваниот резултат.
360°: Бидејќи го антиципиравте моето следно прашање нема да го поставам, ќе оставиме претседателот Макрон да не изненади. Би сакал да ве прашам дали Франција чувствува одредена одговорност за моментот во којшто се наоѓа Северна Македонија на нејзиниот пат кон ЕУ, со оглед на тоа што се чинеше дека кога во периодот кога Франција кажа „не“ и инсистираше на нова методологија, работите со Бугарија изгледаа поинаку?
Бомгартнер: Многу добро го разбрав вашето прашање и за мене е тешко директно да одговорам на него затоа што е јасно дека нема да се лажеме. Француското барање за нова методологија знам дека создаде комплицирана состојба овде, исто како и во Албанија. Но, она што сакам да го кажам, она што несоодветно овде се нарекува – француското вето за проширувањето, ќе кажам дека тоа не беше став против Северна Македонија и Албанија, туку став кој беше генерално насочен кон начинот на интегрирање на нови земји членки. Она што е интересно е што од моментот кога ние кажавме „не“ и до моментот кога кажавме „да“ поминаа само шест месеци, што е краток временски период во европски рамки. Иако ние успеавме да учествуваме во таков брз развој на нештата, тоа значи дека тие шест месеци беа искористени од Европејците да се договорат и да усвојат нова преговарачка рамка и нова методологија, која ќе важи и за Северна Македонија, Албанија и за сите други земји од Западен Балкан, кои еден ден ќе бидат во таа ситуација. Она што треба да го забележиме е дека тоа барање во очите на Франција, но и погенерално, брзо го постигна консензусот за тој нов пристап и нова методологија, а тоа е двоен успех. Првиот е што овозможи на крајот усвојување на преговарачка рамка, односно отваравање на патот кон ЕУ за Северна Македонија и Албанија. Тоа не значи дека само Франција се прашуваше за методологијата досега, туку и други земји. А сега бидејќи беа донесени нови гаранции преку методологијата тоа и овозможи на Франција, но и на други држави членки да еволуираат во размислувањето за проширувањето. Мислам дека премиерот на Холандија, Марк Руте, дојде во Северна Македонија минатиот месец и за кандидатурата на Северна Македонија јасно ја даде својата поддршка како и за отворањето на преговорите што е можно побрзо. Знаете, не би требало да зборувам во име на пријателска земја и партнер од ЕУ, но тој став не ќе беше постигнат, доколку не беше усвоена новата методологија. Друга работа која е уште поважна и се однесува и на Северна Македонија и на Албанија, но и на другите земји кандидатки, е што оваа нова методологија ќе донесе две суштински придобивки. Прво, доколку за време на активната фаза на преговори земјата постигне брз напредок ќе може предвреме да има пристап и до програми и до финансии и учество во европските политики. А другата заслуга е тоа што ќе има пристап до теми кои се од фундаментално значење за борба против корупцијата, подобра ефикасност на судството, подобро деловно опкружување. Ќе биде посветено поголемо внимание и условите за да се напредува ќе бидат побрзи, а тоа значи дека отпочнатите реформи во сите овие земји ќе бидат суштински, длабински и трајни реформи коишто ќе донесат крајни резултати кои сите ги очекуваат.