Овој меморандум мора да биде одобрен од двете меѓувладини комисии. Владата на Северна Македонија ќе го објави во „Службен весник“, со цел да има законски обврски за негово спроведување, вели премиерот Заев
Југославија нѐ подели, Бугарија не е фашистичка земја, да не постоеше Делчев ќе требаше да го измислиме за да се обединиме…, објаснува македонскиот премиер во опширното интервју за бугарската агенција
Немаме споделена историја. Имаме заедничка историја. Гоце Делчев е и македонски и бугарски револуционер, кој се борел за слободата на Македонија и Одринско. Наследивме време кое не беше во прилог на пријателството меѓу нас. Југославија нѐ подели. Ако не ги признаеме слабостите на историјата, не можеме да ја градиме иднината. Треба да создадеме позитивна атмосфера за младите да го користат ова минато како „отскочна штица“ за подобра иднина во наредниот период. Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател. Новите генерации не ја знаат целата оваа реалност и таа мора да нѐ обедини. И во Северна Македонија и во Бугарија, ова влијае на луѓето на многу погрешен начин. Ако некој си дозволи да ја оцрни Бугарија со ПР-публикации ширум светот, ќе сноси одговорност. Тоа нема да го дозволам. Државата не учествува во тоа, вели премиерот Зоран Заев во интервју за бугарската агенција БГНЕС.
Тој нагласува дека имплементацијата на Договорот со Бугарија ќе биде закон.
„Како шеф на Владата, јас сум посветен во името на целиот македонски народ за примена на Договорот. Како прво, затоа што на овој начин најдобро ќе му служам на мојот народ, но, секако, и на пријателска Бугарија. Лично, ја потврдувам нашата позиција целосно да му се спротивставиме на говорот на омраза, што мора веднаш да запре. Активистот од ВМРО-ДПМНЕ, кој го запали бугарското знаме, ќе сноси одговорност“,
вели Заев за БГНЕС.
Во продолжение ви пренесуваме цитати од интервјуто на Заев за бугарската агенција.
БГНЕС: Веќе неколку месеци во Македонија постои кампања во која се вели дека Бугарија не ги признава македонскиот идентитет и јазик. Но, вчера, исто така, рековте дека Бугарија нема проблеми со оваа работа. Зошто трае оваа кампања, која ги труе односите меѓу Бугарија и Македонија?
Првата причина е што за време на разговорите не може сè да се сподели со јавноста и веројатно не се остава многу добар впечаток. Бугарија многу често нагласува дека ја препознава реалноста дека Македонците и македонскиот јазик постојат. Се бара да се утврди тој дел од историјата, историски прашања што се важни. Историјата е јасно утврдена, пред сè од историчарите, и може да биде добар мост за пријателство и соработка. Се надевам дека целиот овој процес ќе заврши успешно и што е можно побрзо, за да може сè да се отвори до крај и да се види дека Бугарија ѝ е голем пријател на Македонија. Отсекогаш била и сега е. Се разбира, минатото остави многу неправди во Македонија, за време на поранешна Југославија и за време на комунизмот. Многу граѓани доживеале неправда, вклучително Бугари и други. И сето тоа се одрази врз македонската нација. Но, мора да признаеме дека од 2017 година отворивме многу добра перспектива. За жал, од овие три години, една година помина во коронарна-криза. Имаше избори во С Македонија, се случија многу работи. Имаме теми на кои можеме да соработуваме во иднина и верувам дека само пораките за пријателство имаат корист за граѓаните на двете земји“,
одговара Заев.
БГНЕС: Еве, прифаќате дека за Бугарија таков проблем не постои – да го негира она што го чувствувате, сакате и да зборувате на јазикот на кој сакате да зборувате.
„Бугарија е првата земја што ги призна нашата независност и држава. Признавајќи ги суверенитетот и државата, Бугарија категорично го призна нашето право на самоопределување. Значи, тука нема сомнеж – дека сме Македонци и факт е дека зборуваме македонски јазик. На крајот на краиштата, тоа е чувство, тоа е правилно. Секој може да се дефинира како што сака, како што се чувствува итн. Вие знаете дека имаме многу националности, освен Македонци – Албанци, Турци, Власи, Бошњаци, Роми, имаме и Бугари што живеат во земјата. Тие се наши граѓани и се добар мост за соработка меѓу двете земји и верувам дека во иднина она што треба да го разјасниме, пред сè е тој историски момент, но низ призмата на пријателството“,
вели Заев.
БГНЕС: Зборувате за минатото. Бидејќи вашиот идентитет сега е реалност, така и во минатото тоа беше многу јасно. Еве, да речеме, Гоце Делчев за кој многу се зборува. Србија го смени името на булеварот во центарот на Белград затоа што Гоце Делчев беше Бугарин. Зошто е проблем ако се каже дека е Бугарин? Помалку ли е Македонец Гоце Делчев?
„Затоа што заедничката и општата историја е заедничка и општа. И мора да дозволиме да нѐ обедини нас, граѓаните на двете земји – и Бугарите и Македонците – да го почувствуваме тоа. Затоа што ако Гоце Делчев го немаше, мораше да го измислиме за да нѐ обедини.. Имало Бугари кои зборуваа бугарски. Живееле луѓе кои се чувствувале и Бугари и Македонци. И ова е апсолутно точно. Ние, двете земји, мора да бидеме доволно паметни да ја искористиме оваа заедничка историја за да изградиме мостови на пријателство. Затоа велиме дека Гоце Делчев е револуционер и за Бугарите и за Македонците, кој се борел за слободата на Македонија, за Одринско и за сите. И ова е апсолутна реалност“,
нагласува Заев.
БГНЕС: Значи, нема проблем да се каже како се чувствувал Гоце Делчев? Дали е ова проблем?
„Ги имаме книгите и тие треба да се популаризираат, историчарите треба да го потврдат тоа и треба да го сториме сето ова на најдобар можен начин за да станеме уште подобри пријатели, да соработуваме уште повеќе. Да се создаде позитивна атмосфера за младите да го користат ова минато како ‘отскочна штица’ за подобра иднина во наредниот период“,
вели премиерот.
БГНЕС: Ако ве разбирам добро, македонската држава сега е подготвена да ја отвори оваа страница и луѓето во Македонија да разберат што се случило?
„Одредивме заедничка прослава за историски личности од средниот век, од Цар Самуил наназад – од Кирил и Методиј, од Климент и Наум, имаме протоколи. Верувам дека двете земји се подготвени да ги објават, затоа што мора да ги вклучиме во учебниците. Бидејќи новите генерации не ја знаат целата оваа реалност, таа мора да нѐ обедини. И во Северна Македонија и во Бугарија, ова влијае на луѓето на многу погрешен начин. Треба да го смениме тоа. Ние веќе заменивме повеќе од 20 табли во земјата каде што беше напишано ‘бугарски фашистички окупатор’. Ова не е точно – Бугарија не е фашистичка земја, Бугарија е наш пријател“,
истакнува Заев.
БГНЕС: По таа логика, кога зборувате со г-ѓа Меркел, мора да ѝ кажете дека тие се фашисти.
„Тоа не е точно. Во тоа време, на почетокот, имаше една администрација. Потоа Бугарија се приклучи кон антифашизмот, се бореше за слобода, за демократија и несомнено беше дел од антифашистичкиот фронт. Бугарските и македонските трупи ослободија неколку територии – Крива Паланка, Куманово, целиот регион, Скопје и целиот овој дел. И ова е добар дел од нашата историја, што нè прави уште пообединети. Ви ги потенцирам историските факти на кои мора да работиме во иднина, бидејќи минатото не ни ја даде оваа можност. Сега мора да покажеме здрав разум, во сегашните генерации, да го смениме сето ова во духот на големото пријателство што го имаме, што гарантира уште подобра соработка во иднина“,
вели Заев.
БГНЕС: Пред да преминете на Договорот, го споменавте периодот од 1945 година. Тој период е повторно актуелен. Но, да ја земеме 1945 година, па дури и првиот претседател Ченто, негова десна рака Панко Брашнаров, една од легендарните личности на солунските атентатори, Павел Шатев, беа убиени или прогонувани во Македонија. Официјално, според УДБА, имало 130.000 досиеја. И во исто време се вели дека ова е најдобриот период. Што требаше да се случи – да има 500.000 досиеја на УДБА? Кога Македонецот ќе ја разбере вистината за оваа трагедија во 1945 година?
„Ние не само што го разбираме туку и во парламентот усвоивме декларација за осуда на сите комунистички активности против граѓаните на Северна Македонија, во тоа време Македонија, кои беа од различна националност – меѓу нив имаше и Македонци, имаше Бугари, имаше, исто така, од други етнички националности, Албанци, Турци. За овој период веќе постои декларација на парламентот, имаме можност да исплаќаме обесштетувања. Денес во разговорите забележуваме дека е јасно дека сегашните генерации го препознаваат фактот дека голем број граѓани беа убиени затоа што не се согласуваа со тогашниот комунистички начин на организирање на општеството, бидејќи постоеше режим што беше дополнителен проблем за самите граѓани. И овој дел од прашањето е решено“,
нагласува Заев.
БГНЕС: Кога зборувате за блискост – имаме Договор за пријателство, добрососедство и соработка, кој во моментов не е целосно имплементиран. Бугарија сака гаранции дека овој договор ќе се спроведе. Дали македонската страна, со цел да погледне, како што велите, во иднината, е подготвена да преземе одговорност за конкретната имплементација на овој договор?
Мислам дека не само Зоран Заев, неговата влада и овој парламент, туку и сите идни влади, бидејќи ова е во интерес на Македонците и на Македонија. Во текот на изминатите години и децении не изградивме добра патна инфраструктура за да нѐ поврзе. Не создадовме доволно институции од сите области за да нѐ поврзат. Веќе работиме интензивно на ова прашање. На пример, во однос на изградбата на Коридорот 8, јасно е дека треба да работиме поинтензивно и поефикасно. Главниот дел од коридорот е оној што ги поврзува двата главни града – Скопје и Софија и за кој има одлука да биде автопат. Во однос на пругата имаме слабости, но добиени се потребните средства и работиме на изградба на овој дел од Коридорот. Верувам дека изградбата ќе започне и од бугарска страна. Всушност, таму има многу малку. Се согласувам дека можеше да се изгради многу повеќе од Коридорот 8, но мора да ги земеме предвид кризата, лошите проекти што треба да се санираат, но сакам да ве уверам дека ова е во наш интерес, затоа сакаме да ги завршиме брзо овие градежни активности“,
вели македонскиот премиер.
БГНЕС: Дали се обврзувате дека нема да имате никакви претензии кон Бугарија?
„Испративме документ кој не е за премиерот Борисов или за министерката за надворешни работи Захариева, туку за граѓаните – за Бугарите и Македонците, за да знаат што се случува. Во него напишавме дека немаме територијални претензии и дека нема да се мешаме во внатрешните работи. Во овој документ јасно ставаме до знаење дека немаме побарувања за малцинства. Овој меморандум мора да биде одобрен од двете меѓувладини комисии. Владата на Република Северна Македонија ќе го објави во „Службен весник“ со цел да има законски обврски за негово спроведување“
открива Заев.
БГНЕС: Зоран Заев и Владата преземаат одговорност за иднината на Македонија да не ја напушта оваа работа?
„Пред мене е четиригодишен мандат. Имаме доволно време и не само Северна Македонија, туку и македонскиот народ е гаранција. Како шеф на Владата, јас сум посветен, во име на целиот македонски народ, на примена на Договорот. Како прво, затоа што на овој начин најдобро ќе му служам на својот народ, но, секако, и на пријателска Бугарија, со која имаме огромни можности, главно економски, со што ќе се подигне стандардот на граѓаните. Разговаравме со премиерот Борисов и со другите: Ако се обединиме и излеземе заедно, и Западна и Северна Европа ќе нѐ почитуваат повеќе. Имаме предност и можеме да го воздигнеме ова пријателство и да ја реализираме соработката на сите можни начини“,
нагласува Заев.