Во истражувањето спроведено од ФООМ, во рамките на проект на ИРИ, прворангирана е Левица, со оценка „добар“ и освоени 72 поени од максималните 120. Следуваат СДСМ со 55 и Демократски Сојуз со 54 – исто така во зоната „добар“. Од поголемите партии, ВМРО-ДПМНЕ има скор од 28 поени, Алијанса за Албанците – 22, а кон дното се Алтернатива и ДУИ со по 11 поени. Пет од 28 рангирани политички субјекти имаат 0 поени
Додека политичките партии се загреваа за јулските парламентарни избори во 2020 година, новинарот на БИРН, Владо Апостолов, им подготвувал тест. На петте партии со најмногу пратеници во тој момент им испратил барања за пристап до финансиски информации.
Тестот на Апостолов бил замислен како проверка на новите законски одредби со кои партиите почнаа да се финансираат од државниот буџет, а паралелно добија обврска да даваат информации од јавен карактер.

„Идеата беше да се побараат договорите меѓу партиите и фирмите или лицата што креативно им ја осмислиле изборната кампања. Речиси сите одговорија по рокот. Мислам дека само една партија одговори во законскиот рок од 20 дена, мислам, само возвратија на нашето барање, одговорија писмено, а нашето барање не го исполнија“,
вели Апостолов.
По истекот на рокот и по многу телефонски повици, објаснувања и убедувања, бараните документи ги добиле од само една партија. Од останатите три добиле бескорисен одговор, со сосема други податоци.
„Растегливо го толкуваат делот за нивните расходи и приходи. Тие велат, зборувам за поголемите партии што се секогаш ‘под рефлектори’, тие ќе кажат колку примиле и колку потрошиле, меѓутоа нема да ти дадат доказ за тоа, избегнуваат да го дадат доказот. Нам ни треба доказот бидејќи токму поради судски случаи, како што е „Талир“ и слични на СЈО, довербата во партиите е многу мала“,
додава тој.
Истражувањето на БИРН оставило впечаток кај Меѓународниот републикански институт од САД или скратено ИРИ. Па решиле да направат многу поопсежно истражување и проект, во соработка со други организации.
„Фондација отворено општество Македонија“ работела на еден сегмент.

„Она што ние го гледавме е дали тие објавуваат регистар на донации, дали објавуваат извештај на вкупни донации, дали објавуваат извештај на финансирање изборна кампања, годишен извештај и годишна сметка за нивното работење. Речиси и да нема политичка партија која ја објавува севкупноста на овој корпус на финансиска транспарентност“,
смета Нада Наумовска – Фондација отворено општество Македонија.
Од прибраните информации истражувачите направиле и ранг-листи на транспарентност на партиите. Општиот индекс на транспарентност зема во предвид се – од квалитет на веб-страница до реагирање на барања за пристап до информации.
Ниту една партија не добила одлична или многу добра оценка. Прворангирана е Левица, со оценка „добар“ и освоени 72 поени од максималните 120. Следуваат СДСМ со 55 и Демократски Сојуз со 54 – исто така во зоната „добар“. Од поголемите партии, ВМРО-ДПМНЕ има скор од 28 поени, Алијанса за Албанците – 22, а кон дното се Алтернатива и ДУИ со по 11 поени. Пет од 28 рангирани политички субјекти имаат 0 поени.

И кога е во прашање финансиската транспарентност, Левица е прва иако има 30 од максималните 48 бода. Демократски сојуз е втор со 25 бода, следуваат Демократи со 22, СДСМ со 21 и БЕСА со 20. Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, но и партијата што е најдолго на власт во последните две децении, ДУИ, воопшто не се меѓу првите десет.

„Што за ДУИ е, да речам, на некој начин доста поразително имајќи предвид дека е 20 години на власт и која преку институциите би требало да се залага, заедно со секоја друга партија на власт за поголема транспарентност и на институциите кои тие, сепак, ги раководат“,
вели Наумовска.
Од Фондацијата велат дека состојбата ќе се подобри ако партиите во целост ги исполнуваат законските обврски. Порачуваат да се подобри и внатрешната комуникација – од носителот на одлуката до техничкото лице што треба да ги објави информациите.
„Најтехнички да речеме, тие на своите веб-страници треба да постават посебен таб, посебен клик, којшто ќе биде наменет за информации од јавен карактер. На овој линк треба да биде достапен целиот корпус, целата листа на информации кои на едно место ќе може граѓанинот или новинарот да види што сѐ е достапно и што сѐ може да биде предмет на анализа“,
додава Наумовска.
Од партијата Левица, која е најдобро рангирана според општата и финансиската транспарентност, велат дека нивниот пристап е да ги направат достапни сите финансиски извештаи.

„Ние од тој аспект имаме посебно поле на самиот наш веб-сајт каде се објавени финансиски извештаи по години според избори и до секој финансиски извештај и до регистар на донации може да се пристапи. Покрај другото ги имаме објавено и законите кои ја регулираат работата на партијата. Меѓу другото, во самото истражување како позитивен пример се нотира дека ние имаме објавено и правилник за членарина“,
вели Јована Мојсоска – генерална секретарка на Левица.
Од Здружението за истражувања и анализи ЗМАИ, вклучени во проектот, велат дека не е доволно само да се исполни законската обврска за објавување финансиски извештаи, туку дека тие треба да се лесно достапни и едноставни за обработка од заинтересираната јавност.

„Не постои механизам со кој јавноста и институциите ќе можат да ги верификуваат податоците коишто се дадени во тие извештаи. На пример, доколку вие сте политичка партија и имате законска обврска да ги објавувате донациите од приватни лица, членарини, не постои механизам во моментов каде можеме да верификуваме дека лицата коишто се наведени во тие листи навистина се вистинските донатори или пак членови кои платиле членарина во политичките партии“,
вели Виктор Митевски – ЗМАИ.
Митевски посочува и дека партиите често ја правдаат својата нетранспарентност со непостоењето соодветен систем за собирање и објавување информации за финансирањето на партиите.
„Но, тоа не им ја тргнува обврската тие да бидат транспарентни и отчетни. На крајот на денот, тоа што се случува во партиите се пренесува во власта. Партиите се тие коишто ја градат власта. Луѓето коишто се членови на тие партии утре ќе бидат раководни лица во системот. Доколку тие не се навикнати да бидат транспарентни и отчетни внатре во својата партија, онаа што ги донела на таа функција, тогаш како можеме да очекуваме дека системот понатаму ќе биде потранспарентен и поотчетен“,
додава Митевски.
Две години од својот прв текст и по две години искуство на партиите со новите законски одредби, новинарот од БИРН направиле „контролен тест“. На трите најголеми партии – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ им ги побарале уплатниците за платен данок на имот, користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
Владејачката ДУИ воопшто не им одговорила, а опозициската ВМРО ДПМНЕ одбила да одговори со образложение дека податокот е дел од судската постапка за случајот „Талир 2“ и давањето таква информација би влијаело врз процесот. Податоците ги добиле само од СДСМ.
„Така што, искуството е дека тоа продолжува. Значи, едноставно, не се навикнати партиите да бидат изложени на јавност во делот на своите финансии“,
вели новинарот Апостолов.
Од граѓанскиот сектор повикуваат граѓаните, новинарите и истражувачките организации да бидат поактивни во барањето информации од партиите – како ги собираат и како ги трошат парите. На крајот на краиштата, 0,15 отсто од изворните приходи на државата, што се по околу 3,5 милиони евра овие две-три години, се пари на граѓаните што завршуваат на сметките на партиите.