Седум години по скандалот со масовното незаконско прислушување и четири години по носењето на новиот Закон за следење на комуникациите, во земјава се уште нема функционален систем за надзор. Зошто и има ли политичка волја да се отстранат пречките?
До една од вратите во собраниските ходници, пишува „Совет за граѓански надзор“. Тоа е тело кое на барање на кој било граѓанин може да провери дали е нелегално прислушуван. Но внатре има само малку инвентар, нема луѓе, а во последниве три години се одржале само неколку состаноци.

Всушност, во оваа канцеларија суштински ништо не се случи, иако Советот за граѓански надзор беше формиран уште во 2019 година, врз основа на тогашниот нов Закон за следење на комуникациите. Тој закон, пак, беше дел од пошироката реформа на безбедносно-разунавачкиот систем за да не се повтори скандалот со масовното незаконско прислушување.
Примерот за формирање на Советот беше земен од хрватското законодавство.

„Неговата идеја е, всушност, да се прошири кругот на тој формален надзор над работењето на безбедносните и разузнавачките служби конкретно или посебно над следењето на комуникации, над законитоста на примената на мерките за следење на комуникации. Демократски надзор, проширен надзор, од страна на експерти и од страна на претставници на невладиниот сектор“,
вели Билјана Каровска-Андоновска – универзитетска професорка.
Еве како требаше да функционира – според актуелниот Закон за следење на комуникациите, секој граѓанин што се сомнева дека е нелегално прислушуван, испраќа претставка до Советот за граѓански надзор. Советот бара од собраниската Комисија за надзор над следењето на комуникациите да изврши надзор за да се осигура дали телефонскиот број на граѓанинот е или бил незаконски следен во последните три месеци. Комисијата во рок од 15 дена доставува известување до Советот – дали е или не е констатирана злоупотреба. Советот го известува граѓанинот, а ако е констатирана злоупотреба, и обвинителството. По претходна најава, Советот може и самиот да влезе во Оперативно-техичката агенција (ОТА) и во овластените органи, но за разлика од пратениците кои добиваат пристап и до т.н. логови, членовите на Советот може само да го споредат бројот на судски наредби со бројот на телефони што се следат.
Во првиот состав на Советот од 2019 година, поранешната судијка во Стразбур, Маргарита Цаца-Николовска, беше избрана за претседателка, а покрај неа беа избрани уште шестмина членови – професори, правни и информатички експерти и претставници на невладиниот сектор. Веќе следната, 2020 година, Цаца Николовска и членовите Калајџиев и Стојановски си поднесоа оставки. На професорот Илијевски, пак, во меѓувреме, му истече мандатот, па Советот сега има само три члена чиј мандат истекува месецов.
„Во законот стои само дека просторните услови за работа на Советот ги обезбедува Собранието, а финансиските средства за работа на Советот се обезбедуваат од буџетот на Република Македонија. Како тие средства ќе се префрлат од буџетот на Советот, не е одредено“,
рече Маргарита Цаца Николовска – претседателка на Совет за граѓански надзор (декември 2019г.)
„Нивните апели беа дека треба да им се овозможи да ги користат средствата коишто во буџетот се предвидени за работа на Советот за граѓански надзор и преку користењето на тие средства да овозможат отворање и регистрација на интернет-страница на Советот, обезбедување на соодветните услови за работа во смисла на компјутери, евентуално сеф за доверливи документи и сѐ она што е основно неопходно за да може да профункционира Советот. Тие, на пример, се жалеа дека немаат архива или архивски број или подбројче каде што граѓаните би можеле да ги поднесуваат претставките до Советот за граѓански надзор“,
вели професорката Каровска-Андоновска.
Заради излез од ваквата ситуација во јули 2019 година беа предложени законски измени. Но, власта и опозицијата не можеа да се договорат дали со измените да се овозможи само користење на средствата или да се вметнат и други, посуштински измени во законот, како пошироки овластувања за членовите на Советот. Ставовите беа спротивставени и во дебата во емисијата „360 степени“ пред една година.

„Без да се наруши концептот на законот, онака како што реформата беше замислена пред нецели две години дека може да се интервенира во законот, со тоа што ќе го допрецизираме овој дел од законот за да му овозможиме на Советот да започне со функција“,
рече Славјанка Петровска – пратеничка од СДСМ (5.5.2021 г.).
„Ако сакаме шминка ова е одлична состојба, две комисии, граѓански Совет, меѓутоа тука нема суштина“,
возврати Емил Димитриев – поранешен пратеник од ВМРО ДПМНЕ (5.5.2021 г.).
Двотретинско мнозинство не беше обезбедено, па Советот до денес остана нефункционален.
„Каков Совет ќе одлучиме да имаме и што ќе се смени во законот зависи прво и пред сѐ од политичката волја. Значи, мора да се расчисти во парламенот помеѓу владејачкото мнозинство и опозицијата прво дали сакаме да имаме ефективен и ефикасен Совет за граѓански надзор. Ако сакаме, тогаш постојат различни опции како може да се постигне тоа“,
смета професорката Каровска-Андоновска.
Каква и опција да се избере, професорката Каровска-Андоновска вели дека Советот мора да биде независно тело. Следејќи го хрватскиот модел, апелира и на пошироки овластувања од оние што Советот ги има сега.
„Хрватскиот Совет за граѓански надзор, според нивниот закон, може да врши увид во документација која се однесува на примена на мерки не само за следење на комуникации, туку и за друг вид на следење на поединци итн., да прави увид во извештаите за работата на разузнавачко-безбедносните агенции, дури и да повикува и да разговара со раководни лица“,
објаснува таа.
Освен кај Советот, надзорот над следењето на комуникациите е во ингеренции и на работно тело на Собранието составено од пратеници, на чие чело е Игор Јанушев, кадар на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој е на иста линија како и неговиот претходник и сопартиец Емил Димитриев.

„Не станува збор за измени само во делот за граѓанскиот надзор, туку станува збор за повеќе измени коишто гледаме во пракса после овие неколку години дека едноставно или не се добри решенија или не се апликативни во нашиот случај. Според мене лично, мислам дека е можеби најдобро да имаме комплетно ново законско решение“,
вели Игор Јанушев – претседател на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите.
Идејата за нов закон за следење на комуникациите Јанушев ја поткрепува и со проблемите со кои тие како Комисија се соочуваат кога прават надзор во институциите овластени за следење на комуникациите.
„Функционираме, еве, речиси две години без технички експерти коишто се исклучително важни, бидејќи, сепак, следењето на комуникациите во денешно време се одвива преку електронски системи, дигитални системи за коишто треба експерт да пристапи во самите нив и да може да ги провери податоците и информациите коишто ги добиваме при вршењето на надзорот, дали се такви, со проверка на логови и останати работи“,
додава Јанушев.
Миле Талевски, кој е претседател на Комисијата за одбрана и безбедност како кадар на владејачкиот СДСМ, се согласува дека има правни пречки поради кои Советот за граѓански надзор не може да профункционира.

„Затоа, ние и како политичка партија и како владејачко мнозинство испраќаме апел до опозицијата – еве, нека достават предлог за начинот на исплаќање на средствата, на висината на надоместокот што би го добиле членовите во Советот, ние апсолутно тоа ќе го прифатиме“,
вели Миле Талевски – претседател на Комисијата за одбрана и безбедност.
Освен за Советот, Талевски се согласува со опозицијата дека актуелниот закон има недоречености кои се пречка за надзорните комисии да ангажираат експерти.
„Решението е доколку стручната јавност, граѓанскиот сектор, Собранието, утврдат дека има некакви недоследности во делот на Законот, апсолутно дека тие треба да се отстранат врз основа на дискусија и аргументи коишто биле за и против. Но, во конкетниот дел за она за што разговараме, за непрофункционирањето на граѓанскиот Совет, тие се проблемите“,
додава Талевски.
Од владејачкиот коалициски партнер ДУИ велат дека се подготвени да поддржат евентуални законски измени.

„Ние како ДУИ и пратениците на ДУИ подготвени сме, иако за измена и дополнување на законот потребно е двотретинско мнозинство гласови, спремни сме да ја поддржиме секоја промена на законот за да има соодветен надзор. Ова го кажав и на обуките и средбите што ги имавме со експерти за овие прашања, иако за поголема ефикасност потребна е политичка волја, политичка култура и степен на свесност за потребата од надзор над безбедносните служби“,
вели Вјолца Адеми – пратеничка од ДУИ.
Професорката Каровска-Андоновска смета дека со тоа што речиси четири години по донесувањето на законот Советот за граѓански надзор стои во место државата испраќа несериозна порака.
„Направени се под покровителство на Д-КАФ неколку анализи на овие закони во оваа сфера, констатирани се навистина законски, би рекла, слабости, недоречености, непрецизни норми, така, отворање на мала врата за сомнежи во многу сфери и затоа мислам дека не треба да се откажуваме“,
смета професорката Каровска-Андоновска.
Таа потсетува дека наскоро ќе треба да се избере нов состав на Советот.
„Сега, конкретно, изборот на членовите на Советот за граѓански надзор во истата насока – што доколку не се изберат? Значи, практично, ќе се откажеме од она што законот го предвидел и ќе излезе дека законодавниот дом, кој го носи законот, не го применува законот“,
додава Каровска-Андоновска.
А процедурата за избор на нови членови би требало да започне веднаш откако месецов ќе им истече мандатот и на оние што докрај останаа на овие позиции. Но, дали има логика да бира состав на тело што не функционира?

Советот за граѓански надзор и унапредениот надзор од другите собраниски тела, требаше да влее доверба кај граѓаните дека афери како онаа со масовното нелегално прислушување нема да се повторат. Дали формата „Совет за граѓански надзор“ ќе добие содржина или од надзорот над тоа кој, кого и зошто прислушува и следи ќе остане само празнина, како што е празна просторијата во која Советот требаше да функционира?