Претходно денеска граѓани на социјалните мрежи реагираа за слична ситуација и по течението на Вардар во Скопје
Порталот „Тетово инфо“ попладнево објави видеоснимка од Вардар во близина на тетовското село Копанце на која се прикажани илјадници шишиња и друг отпад по течението на реката.

„Илјадници пластични шишиња фрлени во реката Вардар, ситуацијата е забележана во близина на Копанце“,
стои во објавата на тетовскиот портал.
Причината за енормната загаденост на реката, најверојатно, е подигнатото ниво на Вардар по обилните врнежи изминатите денови и повлекување на отпадот од брегот.
Претходно денеска граѓани на социјалните мрежи реагираа за слична ситуација и по течението на Вардар во Скопје. За ситуацијата реагираше и независната советничка во Општина Карпош, Татјана Стојановска, која на својот фејсбук-профил објави и видеоснимка од зголеменото ниво на пластичен отпад во Вардар.
„Скопје се бори со ѓубрето по улиците, а како стоиме со Вардар?“,
вели Стојановска во видеото.
