Потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски, рече дека е погрешна тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или изолација на земјава. Она што се одлучува, според ВМРО-ДПМНЕ, е дали ќе има уставни измени под диктат или ќе има одбрана на националното достоинство и државните интереси

Непосредно пред да започне лидерската средбата помеѓу Димитар Ковачевски (СДСМ) и Христијан Мицкоски (ВМРО-ДПМНЕ), Извршниот комитет (ИК) на опозициската партија заседаваше и го овласти партискиот лидер да ја брани позицијата дека е против уставни измени под диктат.
„Денес во пресретна одржувањето на лидерската средба заседаваше ИК на ВМРО-ДПМНЕ и донесе одлука да го овласти претседателот Христијан Мицкоски да ги афирмира и одбрани следните позиции. Тргнувајќи од националните интереси и мислењето на огромниот број граѓани, уставни измени под диктат и под поразителни околности за Македонија не смее да има“,
соопшти потпретседателот на партијата, Тимчо Муцунски.
Соопштувајќи го ставот на ИК, тој наведе дека носењето уставни измени во состојба кога е нападнат националниот државен идентитет, кога се оспоруваат јазикот и историјата, не е никаков чекор напред, туку отворање на вратата за нови поразителни условувања и себеодрекувања.
„Поради лесните отстапки досега и штетните политики на власта, Македонија е веќе во изолација“,
рече Муцунски.
Тој ја нарече измама тезата дека на оваа лидерска средба се одлучува за интеграција или изолација на земјава. Она што се одлучува, според ВМРО-ДПМНЕ, е дали ќе има уставни измени под диктат или ќе има одбрана на националното достоинство и државните интереси.
„На оваа лидерска средба се одлучува или за уставни измени и национални порази или за одбрана на националното достоинство и националните и државните интереси. За ваквата подредена состојба на државата е виновна криминализираната власт на ДУИ и СДСМ“,
кажа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонските граѓани, рече тој, отсекогаш силно ја поддржувале и ќе продолжат да ја поддржуваат европската интеграција на Македонија, но оти тоа, како што посочи, не треба да прерасне во понижувачки процес за прифаќање диктати, туку процес на прифаќање и почитување на вредностите и создавање национално единство.
Муцунски порача дека она што го бара ВМРО-ДПМНЕ е фер шанса каква што ја имаа и другите народи и држави од Централна и Источна Европа кога ѝ пристапуваа на Европската Унија.
По неуспехот на уставните измени, беше дециден Муцунски, следниот чекор треба да бидат предвремени парламентарни избори.
„Следниот чекор по овој капитален неуспех, кој ја стави Македонија во подредена состојба, овој процес на попустлива надворешна политика, кој е континуитет на владеењето на ДУИ и СДСМ во последните шест години, се предвремени парламентарни избори. Сите да ја понудиме својата алтернатива за тоа како ќе се забрза европската интеграција, дали преку попустлива надворешна политика од страна на едниот блок или преку надворешна политика која гарантира извесност врз основа на принципи. Најдобриот одговор на тие две алетрнативи граѓаните ќе го дадат преку одржување на предвремени парламентарни избори. Тоа е очигледниот излез на оваа криза, на овој ќорсокак што го создаде актуелната влада на ДУИ, поддржана од СДСМ“,
рече Муцунски.