Се прават последните подготовки за примена на уште еден експериментален метод за лекување на болните од ковид-19 во Македонија, со крвна плазма од излекувани пациенти. Деталите од разговорот со раководителката на Институтот за трансфузиона медицина
Докторке Грубовиќ, кога ќе започне примена на методот на лекување со крвна плазма од веќе излекувани?
„Па ние веќе уште од пред 2 недели ги подготвивме протоколите, одобрени ни се од етичката комисија на Медицинскиот факултет, доставени се и до Министерството за здравство и веќе активно сме во соработка со Универзитетската клиника за инфективни болести и почнавме со регрутирање на рековалесцентите кои прележале Ковид-19. Се надеваме дека веќе ќе ги имаме првите доброволни донори на ковалесцентна плазма“.
Има ли некој критериум што излекуваниот треба да го исполнува?
„Пред се, треба да има верификуван доказ дека бил заболен од Ковид-19 и дека е лекуван. Потоа, треба да има два последователни негативни теста и да се поминати 21 ден без никакви симптоми од вториот негативен тест и потоа после контактот кој ќе го направиме, земена анамнеза, дали се чувствува навистина добро, каква е состојбата, дали ги исполнува некои услови, на пример општи рамки, да бидат меѓу 18 и 60 години, над 60 килограми и да ги исполнуваат сите услови за доброволни донори на крв, дека се здрави во моментот кога ги покануваме за дарување, без некаква хронична или друга тешка болест, тогаш повторно се повкуваат да се направи трет тест, којшто треба да е исто така негативен, да се направат биохемиски анализи, крвна слика, определување на крвна група, регуларни антитела врзани со самото крводарување и ќе се подложат на стандардните испитувања за сите крводарители, односно испитување на болести преносливи со крв, на сифилис, СИДА, хепатит б и ц, и доколку се ова е во границите на нормалата, тогаш ќе можат да пристапат кон процесот на дарување на плазма.
Како ќе регрутирате излекувани од кои ќе ја земате крвната плазма и што во случај ако некој не сака да биде донатор?
„Ова е вид на крводарување, само е поспецифично, тоа е доброволно и не можеме под никаква присила, ниту тоа ни е целта, некого на сила да го натераме да дарува плазма. Тука се контактите што ги имаме од Инфективната клиника, од пациентите коишто лежеле таму и од Институтот за јавно здравје. На нашиот веб-сајт – на Институтот за трансфузиона медицина ќе има поконкретни информации околу дарувањето на ковалесцентна плазма и ќе има и формулар на којшто луѓето коишто можеби биле асимптоматски и ја прележале болеста ќе можат да се пријават и доколку ги исполнуваат условите да станат донори“.
Како ќе се решава кој од болните пациенти ќе примаат крвна плазма од излекуваните?
„Нашите протоколи се базирани на европските регулативи, но пред се повеќе на американските бидејќи тие први после Кинезите почнаа со собирањето и примена на овој вид плазма и ги следевме препораките на американските асоцијации на крвни банки, американската Агенција за храна и лекови (ФДА) каде што препорака е да се употребува плазмата кај тешки болни и кај животозагрозувачки и секако, болни за коишто клиничарот ќе процени дека болеста може да прогресира во тешка форма“.
Дали постојат евентуално некакви ризици од користењето на крвна плазма?
„Начелно, тоа е безбедна метода меѓутоа сепак минимален ризик можеби постои, но неповрзано со конвалесцентната плазма, како на плазма добиена од луѓе кои прележале Ковид-19, туку од самата плаза којашто во многу ретки случаи, 0,01% случаи би можела да даде некаква мала алергиска реакција, инаку друг ризик навистина нема“.