„Јас не сум вклучен во директните планови на г. Кошта, но можам да потврдам дека одржав разговори во Скопје, но и овде во Брисел, кои укажуваат во насока на можно решение“, одговара известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, на прашањето – дали е запознаен со конкретна иницијатива за пробив во македонските евроинтеграции до јуни по изјавата на бугарската претседателка Илијана Јотова дека со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, во Минхен разговарале „да се најде некаква варијанта до јуни“.
Повод за интервјуто со европратеникот Вајц е презентирањето на новиот годишен нацрт-извештај за земјава пред Комитетот за надворешни работи на ЕП
360° : Господине Вајц, денеска го презентиравте новиот годишен нацрт-извештај за Македонија. Со оглед на турбуленциите минатата година, кои се вашите очекувања за претстојните преговори со известувачите во сенка за конечната верзија на извештајот?
Томас Вајц: Па, мојата цел е да претставам добро избалансиран извештај, а ова е само почеток на преговорите. Така што, во наредните недели ќе ги видиме амандманите на колегите и ќе има активна соработка со сите известувачи во сенка и членови кои се проевропски и продемократски ориентирани. Затоа, очекувам конструктивни преговори засновани на фактите што гледаме дека се случуваат во Северна Македонија, како и врз основа на моите наоди и наодите на комисијата. Значи, целта е да се претстави добро избалансиран извештај и не очекувам премногу проблеми во иднина.
360°: Каква е временската рамка?
Томас Вајц: Сега е презентиран, членовите имаат можност да поднесат амандмани, односно свои предлози за тоа како да се промени текстот. Потоа преминуваме на преговори. Конечниот извештај треба да биде претставен пред комисијата за надворешна политика на крајот на мај, а очекуваме да се гласа на пленарна седница во јуни. Значи, пред летото би требало повторно да имаме извештај за напредокот на Северна Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија.
Односи со европратениците од Бугарија
360°: Минатата година се соочивте со критики за она што некои го опишаа како ваши промакедонски ставови. Како би ги дефинирале вашите сегашни односи со бугарските европратеници?
Томас Вајц: Не можам да генерализирам тука. Работам со сите бугарски европратеници кои се проевропски и продемократски ориентирани. А тоа што одвреме-навреме се соочувам со критики… тоа е дел од политичката сцена, но сигурен сум и позитивен дека ќе најдеме добри решенија и повторно ќе излеземе со добро избалансиран извештај кој ги почитува сите аспекти што треба да се почитуваат.
360°: Меѓу известувачите во сенка има и бугарски европратеници. Какво е вашето досегашно лично искуство со нив?
Томас Вајц: Па, различни членови на Европскиот парламент доаѓаат од различни политички страни и имаат различни политички определби, и во овој поглед тие имаат и различни политички мислења. И како и сите членови овде во Европскиот парламент, тие наоѓаат начини да ги изразат. Но да, тоа е мешана слика и… но секогаш е мешана слика. Тоа не е толку поврзано со тоа од каде доаѓаат европратениците. И повторно, има големо мнозинство и јас повторно ќе градам и ќе инвестирам во големо продемократско мнозинство овде во Парламентот, и тоа е она што ми е важно. Затоа сакам да постигнам максимален број гласови и на пленарната седница, бидејќи сметам дека треба да испратиме многу силен сигнал и до владата на Северна Македонија дека Европскиот парламент стои покрај Северна Македонија, дека Европскиот парламент целосно го поддржува членството на Северна Македонија во Европската Унија. И ако ова не задоволува сто проценти од моите колеги, па добро, така изгледа политиката во еден парламент.

Уставни измени
360°: Потребата од уставни измени за вклучување на бугарската етничка заедница се очекува повторно да биде спомената во овогодишниот конечен извештај како услов за отворање на преговарачките кластери. По вашата неодамнешна посета на Скопје, дали сметате дека земјата е поблиску или подалеку од уставни промени?
Томас Вајц: Па, овие уставни измени се барање за ефективно започнување на преговорите со ЕУ, пристапните преговори. А прашањата за заштита на малцинствата… ова е европско прашање и не е некаква специфичност за една или друга етничка група или заедница. Ова е општо барање и, всушност, општ услов за земјите кои сакаат да се приклучат на Европската Унија, како и за земјите кои денес се членки на Европската Унија. Така што, ова повторно ќе биде во извештајот. Тоа е важен чекор напред за конечно навистина да ги започнеме преговорите за пристапување кои се одамна задоцнети. И мислам, поминаа повеќе од 20 години откако Северна Македонија аплицира за членство во ЕУ, и исто така морам да признам дека мислам оти и во минатото, да речеме, начинот на кој Европската Унија ги поставуваше своите приоритети не беше секогаш толку многу во полза на процесот на пристапување на целиот регион, морам да кажам. Но, работите се променија овде, така што постои вистинска можност не само за Северна Македонија туку и за целиот регион да ги финализира преговорите. Исто така, важно е владата да продолжи со реформите сега кога имаме година во која не гледаме претстојни избори. Значи, ова е година за спроведување на реформите, не само за уставните измени, туку и т.н. Реформска агенда, Планот за раст е важно прашање. Сè уште се потребни реформи и ако тие не се спроведат до јуни, земјата би можела да изгуби 47 милиони евра буџетска поддршка што доаѓа од Европската Унија. Силно би жалел за тоа бидејќи е важно Европската Унија да ги поддржува земјите од регионот, а и Северна Македонија, исто така и со финансиски средства.
360°: Ја споменав вашата последна посета на Скопје. Дали слушнавте нешто поразлично во врска со уставните измени од претставниците на владата?
Томас Вајц: Да, навистина. Тоа е важна тема. Имав разговори со различни министри, а исто така и со премиерот. Постои свест дека ова е општо прашање за Европската Унија кое се нарекува заштита на малцинствата и право на самоидентификација и право на културно изразување. И ова важи за сите групи и во сите земји. И гледам подготвеност за понатамошно ангажирање во дипломатски разговори, можеби мали чекори за повторно градење доверба меѓу земјите. Има многу конструктивни сили и на двете страни и се надевам дека конструктивните сили ќе преовладаат затоа што на крајот на денот, ние сме соседи, имаме заеднички интерес, имаме заеднички безбедносни потреби, сакаме да изградиме економска област која е просперитетна. Значи, имаме многу заеднички интереси, Северна Македонија, Бугарија, целиот регион, а исто така и Европската Унија. Така што, гледам конструктивни сили кои се обидуваат да најдат начини да излезат од ситуацијата која беше многу тензична во последните години и јас многу жалам за тоа бидејќи, на крајот на денот, денес во оваа геополитичка ситуација во која се наоѓаме, мислам дека сите Европејци треба да разберат: или ќе се држиме заедно, или ќе работиме тесно заедно со меѓусебно почитување едни кон други, или ќе бидеме маргинализирани во овој нов свет што го гледаме денес. И мислам дека сум оптимист оти конструктивните сили на двете страни ќе најдат начини да продолжат понатаму.
Гаранции
360°: Каков е вашиот став за барањата што доаѓаат од владата на Северна Македонија за гаранции дека нема да има нови вета поврзани со идентитетски или историски прашања за време на пристапните преговори, како и спроведување на некои пресуди од Европскиот суд за човекови права од Стразбур кои се однесуваат на правото на здружување на Македонците во Бугарија?
Томас Вајц: Па, правото на собирање на Македонците во Бугарија секако треба да се исполни. Мислам дека ова не треба да се поврзува со никакви други прашања бидејќи ова е право на секоја заедница или етничко малцинство да формира здруженија и да го изразува својот културен идентитет. И затоа ова е барање кое го поддржуваме и ние во Европскиот парламент кон Бугарија да ги спроведе судските пресуди. И во овој поглед би рекол… мислам дека уште еднаш, знаете, тоа е дипломатска вежба која треба да се направи, а за дипломатска вежба треба да имате волја и од двете страни. И јас ја гледам оваа зголемена волја и тоа ме прави релативно оптимист дека можеме да најдеме решенија. Кога станува збор за гаранции дека нема да има веќе приговори, овој заклучок на Советот опишува прашање на ЕУ. Билатералните прашања треба да ги решаваат самите земји билатерално. Тие не треба да играат улога во идните преговори со ЕУ. Сите ние, а јас сум австриски државјанин и имавме многу билатерални прашања кои можете да замислите дека требаше да ги решиме во последните 70-80 години. Потребно е време, исто така и за историјата е потребно време и ние, исто, не треба да поврзуваме никакви политички одлуки со овие прашања. Дали може да има апсолутни гаранции дека нема да има веќе барања од страна на Европската Унија? Ова е невозможно да го направи Комисијата бидејќи тоа е долг процес на преговори и можеби во одреден момент реформите кои не се случуваат на терен би можеле да доведат до некои прашалници. Но, она што повторно го гледам денес е огромна можност. Ниту една земја членка не го блокира напредокот во пристапувањето на регионот, а и на Северна Македонија, надвор од ова прашање за уставните измени. Има многу поддршка, има јасност денес во Европската Унија што не сум ја видел досега дека во однос на безбедноста тоа е нашата заедничка безбедност за која треба да се заложиме, и ова создава ново единство, но исто така и ново разбирање дека проширувањето на Балканот е нешто што е важно за регионот, да, но колку што е важно за регионот толку е важно и за самата Европска Унија. Значи, ова не е еднонасочна улица, туку е пат кој треба да им служи на двете страни и е важен за двете страни.
„Варијанта до јуни“
360°: Господине Вајц, и бугарската претседателка Јотова и премиерот Мицкоски се сретнаа со претседателот на Европскиот совет, г. Кошта, во Минхен пред една-две недели. И имаше една интересна индикативна изјава од бугарската претседателка која се однесуваше на потребата да се најде некаква варијанта, при што таа го спомена јуни како рок, мислејќи на самитот ЕУ–Западен Балкан. Дали сте запознаени со конкретна иницијатива за пробив до јуни?
Томас Вајц: Јас не сум вклучен во директните планови на г. Кошта, но можам да потврдам дека одржав разговори во Скопје, но и овде во Брисел, кои укажуваат во насока на можно решение. И тоа е она што го мислев, има многу конструктивни сили овде на страната на Унијата, но и на бугарската страна, а исто така и на страната на Северна Македонија, кои се обидуваат да најдат излез од овој ќорсокак. И тоа е затоа што сите разбираме дека мораме да продолжиме понатаму. И мораме да продолжиме понатаму поради општествени прашања, културни прашања, но и многу поради безбедносни прашања. И ова е итно и има големо значење за нас и е многу високо на листата на приоритети исто така и на Комисијата, како и на Советот. Така што, можам да потврдам дека има многу луѓе кои работат на наоѓање решение, да.

360°: Веќе ги споменавте реформите. Може ли да бидете поконкретни – кои, според вас, се клучните реформски чекори што Македонија треба да ги преземе во блиска иднина?
Томас Вајц: Следните чекори се многу тесно поврзани со т.н. Реформска агенда од Планот за раст, а тоа во основа е владеењето на правото. Значи, независност на судството, транспарентност кога станува збор за распределба на работни места, значи понатамошни чекори кога станува збор за владеење на правото, борба против корупцијата, тесна соработка… има листа и тоа е јавна листа на реформски барања поврзани со Планот за раст. И, за жал, во изминатата година поради големата изборна кампања што се случуваше не се направија многу реформски чекори во Собранието и од страна на владата. Така што сега мислам дека е година на реформи и морам да кажам дека исто така бев информиран оти се одвива прилично голема активност и во владата. Имало средби помеѓу амбасадори и министри за да се види каде да се преземат следните чекори бидејќи и во Владата на Северна Македонија има разбирање дека би било штета да се изгуби поддршката од речиси 50 милиони евра. Тие пари би отишле во соседните земји, сигурен сум дека соседните земји не би имале ништо против, но јас сè уште се залагам и се трудам максимално да ги мотивирам и владата и различните министерства да го испорачаат она за што заедно се договоривме за да можеме да ги насочиме овие пари во Северна Македонија и Скопје бидејќи мислам дека е многу важно да се направи тоа. Затоа, навистина се надевам дека владата ќе може да испорача, но таму гледам и позитивни сигнали и гледам дека работата е започната. Многу е добро што премиерот Мицкоски ја отфрли можноста за избори оваа година. Тоа дава простор за работа, тоа дава простор за владеење и затоа сум благо оптимист дека ќе успееме до јуни.
(Не)полноправно членство
360°: Моето последно прашање. Премиерот Мицкоски спомна дискусии во Брисел и меѓу земјите членки на ЕУ за забрзано пристапување на Украина, потенцијално дури и до 2027 година, заедно со Црна Гора, Албанија и Северна Македонија, иако не и за полноправно членство. Според вас, дали ваквото сценарио е остварливо и реално?
Томас Вајц: Па, ако има каква било промена во методологијата и ако има каква било, да речеме, забрзана постапка, за која се разговара… има дискусии за тоа зашто, знаете, треба да најдеме начини да ставиме крај на оваа војна на Путинова Русија против Украина. Треба да најдеме начини да испорачаме безбедносни гаранции за Украина. И да, има преговори кои вклучуваат и, знаете, прашања за европската интеграција. Но, ако дојде до промена во методологијата, тогаш ќе има промена за сите земји, не само за Украина. И ако постои можност да се забрза процесот, тоа ќе биде можно за сите земји. Но, она што сигурно е основен услов е т.н. ИБАР (IBAR), преодните одредници за владеењето на правото. Значи, стандардите за владеење на правото треба да бидат на ниво што е прифатливо за нашата заедничка Европска Унија бидејќи тоа е основата на која работиме заедно. Ова е основата на која функционира нашиот пазар. Ова е основата како бизнисите можат да се движат од една земја во друга, или работниците да се движат од една земја во друга. Така што, ова сигурно ќе биде основниот услов за каква било можност. Но, повторно, тоа се преговори зад затворени врати. Знаете, ситуацијата, глобалната ситуација, геополитичката ситуација е многу нестабилна. Затоа, мислам дека не би требало премногу да шпекулирам за овој или оној датум, или дали ќе биде во овој или оној преговарачки документ. Дали ќе има мировен договор како таков или не? Сè уште не сум сигурен, или да бидам појасен, се сомневам дека Путин воопшто е заинтересиран за мир. Затоа има многу шпекулации наоколу. Но, она што го покажува сето тоа е дека европските политичари, шефовите на држави, разбираат оти мораме да испорачаме сега, мораме да продолжиме понатаму сега, и нема веќе простор за, знаете, ситни блокади. Ова е општо разбирање на земјите членки и постои заеднички интерес, а тоа го покажува и оваа дебата или делумно шпекулациите.
