Според директорката на УЈП, обесправени се 753 вработени, а најголем дел од работодавачите кои не исплатиле плата се од Скопје – 71, од Тетово – 53 и од Битола – 27
Вкупно 181 работодавач, кои добиле финансиска поддршка од државата за февруари и за март, до 31 мај 2021 година не им исплатиле плата на своите вработени. Од нив, 157 не исплатиле плата за еден месец, а 24 за двата месеца.
Како што соопшти денеска директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска, не се исплатени 753 месечни плати, а одобрената, но неисплатена финансиска помош е вкупно 12 071 908 денари или 2 738 715 денари за февруари и 9 333 193 денари за март.
Овие работодавачи се од дејностите: подготовка на оброци и служење храна – 61, трговија на мало – 33, копнен транспорт – 24, но има и од специјализирани градежни дејности, трговија на големо и на мало со моторни возила и мотоцикли, правни и сметководствени дејности.
„Вкупно 181 работодавач ја злоупотребиле државната помош и обесправиле 753 вработени. Најмногу од работодавачите кои не исплатиле плата се од Скопје – 71, потоа од Тетово – 53 и 27 се од Битола“,
истакна Лукаревска.
Таа потенцира дека на работодавачите кои не дале плати, а зеле финансиска помош веќе им се доставени опомени, а по истекот на рокот за опомена почнува постапката за присилна наплата на долгот.
Лукаревска рече и дека продолжуваат контролите кај работодавачите кои го изиграле законот.
Присилна наплата, информира директорката, е спроведена кај работодавачите кои не исплатиле плати за периодите април, мај и јуни, како и октомври, ноември и декември минатата година.
Највисокиот износ на финансиска поддршка е 21 776 денари месечно по работник.
