Ви се случило ли да бидете казнети за сообраќаен прекршок, а следен чекор да биде – блокирана банкарска сметка? За вакво искуство раскажува Дрилон Исени од Тетово.
Дека му е блокирана сметката дознал на каса во маркет. Кога се јавил во банката му рекле дека е блокиран од Управата за јавни приходи. Претходно тврди дека не добил известување за неплатена казна од МВР, ниту суд го поканил на рочиште, ниту, пак, УЈП го известила дека должи.

„Претпоследната казна која ја имав беше 2 700 денари, додека со сите пресметки и обврски кои произлегуваат од блокирањето на сметката во банка, плаќањето стигна до 6 000 денари што е речиси двојно од казната. Никаква пратка не стигна до мојата домашна адреса. Ние живееме во објект со повеќе семејства со чичковци, со браќа. Можноста да не стигне одредена поштенска пратка е невозможна. Нема шанси некогаш некоја поштенска пратка да не стигне кај нас“,
тврди Исени.

Исени не се сеќава точно за каков прекршок се работи и кога точно го казниле, бидејќи вели, се случило пред три години, во 2017. Не се сеќава ниту дали ја потпишал казната.
„Во мојот конкретен случај не велам дека не сум направил прекршок, туку го оспорувам фактот што не ми беше дадена можност да ја кажам мојата верзија на ситуацијата со цел да имам право да се изјаснам околу казната. Со ова сакам да апелирам до институциите да се идентификува каде е конкретниот проблем, дали е проблемот во Секторот за внатрешни работи, или кај судовите, односно службата за достава. Да се види каде се прави пропустот и со ова верувам дека придобивка ќе имаат граѓаните, а правдата ќе си дојде на место“,
додава Исени.
„360 степени“ се обиде да провери дали и каде има простор за пропусти. Тргнавме од Законот за прекршоци. Според член 47, кога овластено службено лице ќе констатира прекршок, издава прекршочен платен налог или едноставно – казна, глоба. Ако граѓанинот ја прифати и потпише, има рок од осум дена да плати половина од глобата. Ако го пробие овој рок, ја плаќа целата сума. Ако сторителот на прекршокот не ја плати глобата и ако таа е до максимум 250 евра, случајот оди на Комисија за прекршоци на МВР. Комисијата е должна за ова да го извести сторителот.
Според член 56 од Законот за прекршоци, писмото треба да му се достави на сторителот на домашна адреса. Ако не е дома, може да му се остави на член на семејството, па дури и на сосед кој би се нафатил да го прими. Ако во два последователни одбида доставата не успее, документот се објавува на интернет-страницата на прекршочниот орган, во случајов МВР, и така доставата се смета за извршена. Ако лицето не се јави, МВР го дава случајот на Управата за јавни проходи за присилна наплата.

„Граѓанинот знае дека има казна којашто треба да ја плати. Не разбирам какви сѐ потсетувања сакате да му се дадат некому кога веќе знаете дека сте направиле прекршок. Вие сте должни како граѓанин да си ја платите казната која што е изречена од кој било орган, во овој случај Министерството за внатрешни работи“,
вели Тони Ангеловски, помошник министер за односи со јавност во МВР.
За казните повисоки од 250 евра и за случаите во кои граѓанинот не го потпишал прекршочниот платен налог, односно не признава дека направил прекршок, МВР бара од надлежен суд да поведе прекршочна постапка. Ако судот го направи тоа, треба го извести обвинетиот. Судовите што имаат своја служба за достава, писмата ги доставуваат преку неа. Ако таа не успее, писмото се доставува на домашна адреса како препорачана пратка преку пошта. Ако граѓанинот не е дома, според член 81 од Законот за прекршоци, пратката може да му се остави на член на семејството, на домарот, на соседот кој ќе се согласи на тоа. Ако ова е неуспешно, на обвинетиот му се остава писмено известување за да го подигне писмото. Ако и ова не успее, судот го објавува документот на својата огласна табла и тоа се смета за успешна достава.
Од Основниот кривичен суд во Скопје, на пример, ни ја испратија следнава статистика: во 2020 година преку судските доставувачи се доставени 123 280 пратки, а преку Пошта 100 220. Од нив, преку судските доставувачи како неуредни вратени се 175 пратки или 0,14 отсто, а преку Пошта 25 864 пратки или 25,8 отсто.
„За овој проблем со доставата која се врши преку АД Пошта на Северна Македонија, особено што таа се спроведува во работно време кога најчесто странките не се во својот дом, како Суд повеќекратно сме алудирале дека тоа негативно се одразува врз текот на постапката и доследното почитување на правата на остнатите странки, но и правото на судење во разумен рок“,
велат од Основниот кривичен суд.
Ако обвинетиот е осуден за сторен прекршок, во пресудата се наведува и предупредување за наплата по присилен пат. Тоа значи дека ако и сега осудениот граѓанин не ја плати казната, случајот оди во Управата за јавни пригоди. Но, и УЈП е должна да искомуницира со граѓанинот. Управата изготвува решение што му го праќа по пошта. Во решението е наведен датумот кога би се реализирала присилна наплата. Ако граѓанинот не плати во тој рок, УЈП бара од банката да му се блокира сметката и да му се повлечат средства во висина на казната. Тогаш има и дополнителен трошок – банката наплаќа за деблокирање на сметката.

„Кај нас сите решенија, како што реков, според Законот за даночна постапка член 44 став 1, се доставуваат задолжително по пошта“,
вели Михајло Михаилов, раководител на контакт центар на УЈП.
Тогаш да ги прашаме македонски пошти би требало.
„Па би требало, во овој случај, би требало, бидејќи ние сите тие решенија ги доставуваме по пошта. После поштата си ја презема обврската. Ние тука немаме надлежност“,
додава Михаилов.
Пошта на Северна Македонија од неодамна има нов директор. Јани Макрадули признава дека доставата, иако им е основна дејност, и натаму е слабост на институцијата.
„Во овие пет месеци една од најчестите детектирани слабости е доставата. Иако, на пример, има случаи каде граѓаните одбиваат да ги примат писмата/пратките, особено доколку доаѓаат од судски институции. За таа цел, од неодамна започнавме со преземање низа активности, токму во однос на подобрување на доставата. Започнавме со процес на реорганизација на дел од службите, а една од активностите е и воведувањето двосменското работење на пошторазнесувачите“,
вели Макрадули.

Ана Глигорова, која е познат активист за заштита на граѓански и работнички права, вели дека секојневно дознава за случаи во кои трпи џебот на граѓаните.
„Ако ти имаш временска дистанца од година дена, ти се сеќаваш на тие настани, ама ако имаш временска дистанца од пет години, ти немаш шанса. Затоа сметам дека тука има намерна одлука тоа да се прави бидејќи на тој начин клиентите, луѓето, граѓаните, се наоѓаат пред еден свршен чин – мора да се плати и крај. На тој начин те уценува, те рекетира, или ќе платиш или ќе ти стои блокирана сметката“,
вели Глигорова.
По неколкунеделни проверки и преписки со институциите, стигна информација од СВР Битола. Во нивната евиденција стои оти Исени направил прекршок на 10 август 2017 година во Демир Хисар, дека уредно го потпишал и примил записникот и дека добил платен налог од 45 евра. Откако не го платил во рокот, случајот бил предаден на надлежниот орган за присилна наплата – УЈП. Сепак, останува неодговорено прашањето – зошто, како што вели Исени, никој за ништо не го известил? По оваа казна, тој се информирал дека има и други на негово име што веќе стигнале до УЈП. За едната се договорил да ја плаќа на рати, за среќа пред да му ја блокираат сметката. За друга, конечно му стигнало известување на домашна адреса. За четврта казна, од УЈП го информирале дека е на пат.
„Многу малку се тие кои ќе се навратат постфестум да се занимаваат со предметот во УЈП, да видат која е казната и да ја добијат документацијата. Сето тоа завршува во моментот кога ќе ја деблокираш сметката и се враќаш во реалност. Немаш интерес да се вратиш назад и да го разгледуваш предметот – каде си направил пропуст? Исто така, во актите на УЈП, децидно, буквално се вели дека секоја тужба кон институциите не ја анулира обврската кон државата, што значи дека треба во таа фаза и потоа да се следи судската постапка. Сметам дека многу граѓани ова не го прават зашто немаат време и го сметаат за изгубена битка или недостиг на доверба кон институциите“,
вели Исени.