Минатата недела објавивме дека Општина Студеничани спровела тендер од 300 000 евра кој претходно бил поништен, дека се делеле пари за седници на општинскиот совет што не се одржале, дека има и други нерегуларности во трошењето на јавните пари…

„Не се занимавајте со оваа работа. Имате поважни работи.“
– Секако, да ве прашам уште…
„Абе имате поважни работи, бегај тамо“,
рече градоначалникот на Општина Студеничани, Азем Садики.
Неправилностите ги откри Државниот завод за ревизија. ДЗР ги испрати наодите и до обвинителството, а ги повика и оние што незаконски добиле пари да ги вратат во општинската каса.

„Лицата кои спротивно на законот добиле надомест, средствата треба да ги вратат во буџетот на општината“,
рече Марина Блажевска – државен ревизор.
Сега во приказната се вклучува и Државната комисија за спречување на корупцијата.

Ревизорскиот извештај за Општината Студеничани го привлече вниманието и на антикорупциската комисија. Главната причина се наодите на Државниот завод за ревизија за проблематични трошења, но пред се фактот што Општината потпишала и спровела договор од тендер кој претходно бил поништен од Државната комисија за жалби по јавни набавки.

„Го разгледавме извештајот и притоа ги потврдивме наодите кој што ги утврдил Државниот ревизор, а кој што се однесуваат на незаконско трошење на општинските средства за кој што нели одговорност има градоначалникот. За таа цел, сметаме дека има доволно елементи за барање одговорност за првиот човек на општината меѓутоа конечната одлука по ова прашање ќе ја донесеме на утрешната седница на комисијата… Особено внимание кај Државната Комисија за спречување на корупција предизвика фактот што градоначалникот не го испочитувал решението на Државната комисија за жалби по јавни набавки која што барала да се поништи тендерската процедура и да се спроведе нова тендерска постапка значи тоа не е испочитувана исклучена е рамковна спогодба во вредност од близу 19 милиони денари.“
вели Билјана Ивановска претседател на ДКСК.
ДКСК го разгледувала извештајот за Студеничани по службена должност, односно бидејќи има законска обврска да постапува. Од неодамна Комисијата има вработено и лице чија работа се токму извештаите на ДЗР.
„Па, за жал, често се случува, има и такви наоди со елементи на кривични дела, злоупотреба на службената позиција но има и голем број на наоди кој што значат системска слабост во институцијата недореченост на законски прописи за кој што и ние тука си ја гледаме уште повеќе нашата улога да укажеме и да ги до спроведеме наодите на ДЗР да се грижиме за нивното имплементирање во реалноста се со цел да се надминат таквите системски слабости.“
рече Билјана Ивановска претседател на ДКСК.

Во случајот на Студеничани, сепак, Антикорупциска не гледа само системски слабости туку и потенцијална кривична одговорност. Градоначалникот, пак, при нашиот последен обид да добиеме став за наодите на ревизијата, не остави простор дека гледа одговорност кај себе.

– Добро утро. Господине градоначалник, како сте?
„Добро утро.“
– Зоран Јованоски од „360 степени“.
„Да?“
– Се слушавме.
„Повели.“
– Сакам да ве прашам во врска со ревизорскиот извештај.
„Не сакам ништо да ви кажам за тоа.“
– Сакав да ве прашам зошто ја спроведовте јавната набавка, дали ќе ги вратите хонорарите што сте ги исплаќале?
„Толку ви е важно ова? Ве праќа некој вас?“
– Мене ме праќа уредникот…
„Уредникот?“
– …затоа што има јавен интерес во темата. Ако мислите поинаку нешто да кажете ве молам да ни објасните за што се работи.
„Имаме ние рок таму, процедура, некои забелешки ако тие нашле имаме ние рок да доставиме 90 дена, не се брзајте така.“
– Ревизорот вели дека процедурата е завршена.
„Г-дине, јас сум четврти мандат, не сум јас дете да ви правам циркус вас, немојте. Ние сме работеле законски и сѐ живо што е прописно. Ништо надвор од законите и од прописите.“
– Сте спровеле јавна набавка…
„Не се занимавајте со тоа.“
– Добро.
„Не се занимавајте со…“
– А со хонорарите?
„Не се занимавај со тоа.“
– Како ќе постапите сега, што е следно, како ќе реагирате?
„Ви кажав господине, имаме предвидено рокови, тие забелешки што се дадени, за да можеме нив да ги информираме. Не се занимавајте со оваа работа. Имате поважни работи.“
– Секако, да ве прашам уште…
„Абе имате поважни работи, бегај тамо.“
По службена должност, со ревизорските извештаи, во кои има елементи на сторено кривично дело, се занимава и Јавното обвинителство. Во конкретниот случај, од обвинителството велат дека ревизорскиот извештај е даден на разгледување.
Претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, нема високо мислење за тоа како обвинителството досега постапувало со слични случаи.

„Па добро сега како реагира Обвинителството сведоци сме сите, ако знаеме дека еден од главните ризичните фактори за корупција е наказнивоста, тогаш одговорот е јасен колку можеме да бидеме задоволни“
рече Билјана Ивановска претседател на ДКСК.
Доколку не се случи нешто неочекувано, утрешната седница на Државната комисија за спречување на корупцијата ќе го зголеми притисокот за постапување од страна на Јавното обвинителството. Одлуката за која Ивановска вели дека очекува да се донесе е укажување до истражниот орган дека во конкретниот случај тие несомнено гледаат основи за постапување.