Заклучокот е на универзитетскиот професор Денис Прешова, откако и Вишиот управен суд отфрли тужба во која се проблематизира изборот на стручната соработничка во Апелациониот суд, Павлина Црвенковска, за член на Судскиот совет како „истакнат правник“ во 2021 година
Во решението на Вишиот управен суд, толкува Прешова, изборот на Црвенковска не се третира како конечен поединечен акт за што управното судство има обврска да решава за, па и да поништува такви акти на Собранието, во случаи кога не е почитувана процедурата или не се исполнети условите за избор на одредено лице. Па, кога управното судство се „амнестира“, нема кој друг да врши контрола над конечните поединечни акти на Собранието
И агроном да биде изгласан за член на Судскиот совет, нема кој да го спречи Собранието
На крајот на 2020 година Собранието ја избра Павлина Црвенковска за член на Судскиот совет. Според нејзината биографија, во последните 14 години пред изборот, таа била судски советник во Апелацискиот суд во Скопје. Претходно била државен советник во Владата, од 2004-2006, раководител во Одбрана, адвокатка, приправничка.
Собранието, според Уставот, избира пет од вкупно 13-те члена на Судскиот совет кои имаат право на глас. Но, тие мора да бидат од редот на универзитетските професори по право, адвокати, поранешни судии на Уставниот и на меѓународни судови и други истакнати правници.
Набргу по изборот, Црвенковска стана и претседателка на Судскиот совет, што ја натера дури и партијата што претходно го релативизираше, да се повикува на експертот Рајнхард Прибе.
„Прибе препорача во Судскиот совет да нема политички фигури, а Павлина Црвенковска е класична политичка фигура на Зоран Заев и на Бучковски во Судскиот совет. И наместо стручност, сметам дека нејзиниот избор значи деградација на мнозинството на судии во Македонија“,
кажа пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на 5 мај 2021г.
Судскиот совет одамна не бил присутен во јавноста по добро, но во изминативе две години многу почесто беше популарен по лошо. Зачестија кавги пред јавноста, Павлина Црвенковска си поднесе оставка, а нејзината наследничка Весна Дамева беше незаконски разрешена. Но, додека јавноста ги следеше највпечатливите епизоди во подолгата серија скандали, во позадина се водеше друга битка.
Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ е дом на професор кој учествувал во обид да се оспори изборот на Павлина Црвенковска за член на Судскиот совет.
На 29 март 2022 година Владо Мицковски од Кичево, инаку извршител, преку адвокатката Павлина Зефиќ поднесува тужба до Управниот суд. Како еден од пријавените кандидати на огласот за избор на член на Судскиот совет, тој го спори изборот на Црвенковска.

Клучно, се аргументира во тужбата, иако не постои законска дефиниција што е „истакнат правник“, во Законот за судски совет се упатува дека тоа подразбира кандидатот да има положен правосуден испит и при вршењето на својата професија да се истакнал со својата научна или професионална работа. Судски советник, пишува во тужбата, не одговара на ваквото поимање.
„Ги наведуваме аргументите дека дури и според т.н. канони или правила на правното толкување никако не може да се толкува дека судски советник може да претставува истакнат правник. Има посебен принцип каде што при такви генерички формулации од одредбите, мора да ги следат претходно утврдените категории кои ги наведува самиот закнодавец или уставотворецот. Значи, имаме универзитетски професори, адвокати, меѓународни судии и поранешни судии на Уставен суд и други истакнати правници. И вие во други истакнати правници ги ставате судските советници, односно стручните соработници во судовите. Со тоа апсолутно ние не сакаме да оспориме нечиј квалитет, прашање е на искуство на правничко знаење, апсолутно не станува збор за такво нешто. Ние знаеме дека има стручни соработници кои имаат исклучително добро познавање на правото и знаење и се навистина квалитетни правници, но во оваа ситуација говориме за еден вид на статусно прашање – прашањето дали воопшто сте можеле да сте истакнете како правник од позиција на стручен соработник или судски советник“
вели Денис Прешова, доцент по уставно право на Правниот факултет, УКИМ.

Друга основа во тужбата е фактот што дури и како стручен соработник, Црвенковска е избрана од позиција во судството.
„Тие се дел од судскиот систем, односно дел од судовите, кои се вршители на судската власт. И на тој начин е проблематично вие да ги третирате како несудски членови и да ги ставате во оваа категорија. Доколку е така би требало попрво да ги стават во групата со судски членови, па нека ги гласаат ако сметаат дека се толку истакнати и дека така треба, па нека побараат измена на законот, но во оваа ситуација е апсурдно – некој што работи секој ден во судот, работи за судијата, вие да го избирате како несудски член во дадениот контекст“,
додава Прешова.
Тужителот се повикал на членот 3 од Законот за управни спорови, каде во ставот 5 пишува дека во управен спор судот одлучува и за:
„Законитоста на конечните поединечни акти со кои се одлучува за избор, именување и разрешување на носители на јавни функции донесени од Собранието на Република Македонија, претседателот на Република Македонија, Владата на Република Македонија, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, како и органите на единиците на локална самоуправа“
пишува во Законот за управни спорови.
Иако тужителот навел решенија во кои Вишиот управен суд во минатото прифатил да решава за вакви прашања, Управниот суд ја отфрлил тужбата. Сметал дека станува збор за предмет за кој не може да се води управен спор.
„Судот смета дека изборот на истакнат правник кој не е од редот на судиите е дискрециона одлука на Собранието на Република Северна Македонија, која се донесува во рамките на неговите уставни овластувања“
се наведува во решението од Управниот суд.

По ваквата одлуката, поднесена е и жалба до Вишиот управен суд кој донел одлука на почетокот на годинава. Во решението се потврдува пресудата на Управниот суд, но се негира делот од првостепеното решение – дека за прашањето не може да се води спор.
Сепак, потоа, Вишиот управен суд се повикува на член 124 од Законот за општа управна постапка, со што прашањето го сведува на одлучување за управен акт, а не за конечен поединечен акт, како што бара тужителот.
Односно, судот ги реди основите според кои еден управен акт може да се прогласи за ништовен и констатира дека оспорениот акт не ги исполнува тие услови.
„Одлуката е донесена од страна на надлежен орган… не може да предизвика казниво дело според Кривичниот законик… не е погрешно применет материјален закон… е донесена по претходен предлог доставен до Собранието на Република Северна Македонија и истата не содржи неправилност според која, според некоја изрична законска одредба е предвидена како причина за ништовност“
стои во образложението од Вишиот управен суд.
Проблемот во ваквото толкување, според Прешова, е тоа што Собранието не е орган на управата што е јасно дефинирано во член 4 во истиот закон.
„’Јавен орган’ претставуваат министерствата, органите на државната управа, организации утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на градот Скопје и општините во градот Скопје“
пишува во Законот за општа управна постапка.

„Вишиот управен суд на овој начин повторно ја затвора вратата за било кој кандидат кој конкурира на било кој оглас, премногу екстензивно оставајќи простор за толкување на дискреционо овластување, што тоа може да биде предмет на управен спор и во која ситуација управното судство ќе навлезе во заштита на правата на граѓаните особено кога се работи за пристап или можност за избор на функции, на избрана и именувана функција која е јавна и загарантирана со Устав, уште една основа на која се повикавме во нашата тужба“
посочува Прешова.
Кои се последиците од ваквиот епилог? Според Прешова, решението значи дека Собранието може да избере и агроном за член на Судскиот совет ако има доволно гласови и дека никој нема да спроведе судска контрола.
Но, додава, очигледно е дека има разлика кој ја поднесува тужбата. Имаат уште една слична активна тужба која се води во рамки на управното судство, а станува збор за избор на уставен судија. Основите се слични, но подносителот е различен. Веќе имаат инаков исход, но постапката не е докрај завршена.
„Уште пет пати да се распушти Судскиот совет, уште пет пати да се смени Законот за судски совет, уште пет пати да се смени Законот за управен спор, ако имаме вакви судии со ваква судска култура, со ваков пристап кон правото и толкување на правото, апсолутно ништо нема да се смени. Таквите луѓе повторно ќе дојдат на функции во Судскиот совет, не чело на судовите повторно ќе одлучуваат. Ние суштината не ја третираме, ние нудиме само палијативни решенија, гасиме пожари кои од скоро време се распалени. Суштината и коренот на проблемите не го третираме“,
додава Прешова.

Тестот на управното судство на професорот Денис Прешова не е од вчера. И во 2019 година „360 степени“ извести за неговите тогашни обиди да го оспори изборот на Лидија Каначковиќ и Виолета Богојеска во 2013 година за членки на Судскиот совет. Мнозинството во Собранието, тогаш предводено од ВМРО-ДПМНЕ, ги избра за „истакнати правници“ иако беа активни судијки.
И тогаш, управното судство реши да не поништува конечен поединечен акт на Собранието. И тогаш, пораката на Прешова беше слична
„За реформите во судството не се доволни само законските измени. За такво нешто многу одамна говориме дека е потребна промена на правната култура и судскиот менталитет. И тоа многу потешко се менува отколку законите“,
порача Прешова на 14 мај 2019г.
Но, мисијата продолжува.