Во обраќањето на Инстаграм таа кажа дека денеска е во посета на Скопје, а оти вчера македонскиот парламент гласаше против хуманитарна помош во Газа
Шведската активистка за животна средина и климатски промени Грета Тунберг веќе втор ден престојува во земјата. Таа вчера го посети Општествено-културниот центар во Тетово, што служи како инклузивен простор за младински иницијативи.
Преку социјалната мрежа Инстаграм таа потврди дека денеска се наоѓа во Скопје.

Во видеообраќањето рече дека ќе се приклучи на дискусијата што вечерва треба да се одржи во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје, именувана како „Стоп за воената машинерија: Борбата против империјализмот и капиталистичките војни“.
Веднаш потоа, додаде и дека ќе учествува на утрешна протестна блокада за спас на реката Дошница на Кожуф.
На почетокот на обраќањето рече дека она што се случува во Газа не е изолирано од климатската криза. Според неа, тоа е истиот насилен систем изграден врз експлоатација, окупација и профит над животот.
Потоа кажа дека се наоѓа во Скопје, а оти вчера македонскиот парламент гласаше против хуманитарна помош во Газа.
„Мора да застенеме солидарно, да се поврземе и да се спротивставиме заедно“,
кажа таа.
Обраќањето го заврши со најавата дека денеска ќе се приклучи на дискусија во Социјалниот центар „Дуња“ во Скопје, а утре на протестната блокада за спас на реката Дошница.
Активисти од цела држава веќе 30 дена го блокираат патот кон ски-центарот на планината Кожуф, протестирајќи против изградба на мали хидроцентрали на реката Дошница. Тие не дозволуваат да започнат градежните работи на локацијата каде што е планирана мала хидроелектрана на реката Дошница. Велат дека ќе останат на терен сѐ додека Владата не ја укине дозволата за градење на оваа планина.