Во 2020 година, 16,7 отсто од жителите на земјава сметале дека Европската Унија е најдобар пријател на Северна Македонија и овој сојуз бил на првото место пријатели на земјата, според перцепциите на граѓаните. Истото истражување спроведено по две години на репрезентативен примерок, од страна на „Преспа институтот“, покажува дека сега како на најдобар пријател се гледа на Србија – мислење кое го делат 38,6 отсто. Најдобар пријател во ЕУ гледаат само 7,8% од населението.
Србија, Германија, Европската Унија… ова се дел од одговорите што ги добивме од граѓаните на прашањето која држава, меѓународен сојуз или унија според вас е најголем пријател на Македонија?

Прашањето што ние им го поставивме на скопјани, го поставиле и од „Преспа институтот“ и тоа на репрезентативен број од 1 002 испитаници од целата држава при истражување на јавното мислење спроведено за нивни потреби од 10 до 26 февруари.
38,6 отсто од испитаниците одговориле дека Србија е најголем пријател на Северна Македонија. Втори се САД со 16,8 отсто, а трета е ЕУ со 7,8%. На истото прашање, но во 2020 година, на врвот била Европската Унија.

Според Ивана Јордановска, постара надворешка соработничка и истражувач на „Преспа институтот“, рејтингот на ЕУ паѓа поради разочарувањето од одложувањето на пристапните преговори и односот на Унијата кон земјава кога се делеше првичната помош за ковид-19.
„Голема причина за таквото мислење се и вакцините кои Србија ни ги донираше предминатата година, каде што граѓаните се почувствуваа дека во моментот кога останатите сојузи и пријатели ги изневерија со доставата на вакцини Србија беше земјата кои ги достави тие исти вакцини“,
вели Ивана Јордановска.

Низ призмата на етничката припадност на испитаниците, видлива е голема разлика.
Србија е најдобар пријател на земјава за 55,4 отсто од испитаниците Македонци. Тоа мислење го делат само 0,6% од Албанците. САД се најдобар пријател на земјата за 7,7 отсто од Македонците, додека кај Албанците така мислат 40,9% од испитаниците.
Големи разлики има и по партиски линии.
Од трите најголеми партии, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ, најголеми симпатии кон Србија имаат гласачите на партијата што ја води Христијан Мицкоски. 58 отсто од оние што рекле дека на следните избори ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека Србија е најголем пријател на земјата. Шест отсто од гласачите на оваа партија пријател гледаат во САД, по 4 отсто во Германија и Русија, 3 во ЕУ и 2 во НАТО и 1 отсто во Албанија.

Кај СДСМ, 38 отсто од гласачите гледаат најдобар пријател во Србија. Потоа следуваат САД со 18 отсто, Германија со 12 и ЕУ со 10 отсто.
За поддржувачите на ДУИ, а слично е и кај другите партии на Албанците, најдобар пријател е САД. Така се изјасниле 39 отсто од гласачите на оваа партија. Следуваат ЕУ со 15 отсто, Косово со 14 и Турција со 9 отсто.
Според извршниот директор на „Преспа институтот“, Андреја Стојковски, интересен феномен е партијата Левица, чии поддржувачи во 2020 година биле доминантно проамерикански, за сега да бидат најизразено просрпски.
„Најпрвин 68 отсто од тие што би гласале за Левица се одлучиле за Србија. Следна на листата е Русија што е 6,3 отсто што е низок процент, но доволно висок, убедливо највисок во споредба со сите останати политички партии на пријателство кон Русија. Не се појавува воопшто САД, ниту една од западните сојузнички на државата што покажува стабилизација на нивното гласачко тело,
вели Стојковски.
Покрај истражувањето на јавното мислење, во рамки на проектот „Опсерваторија на влијанието и имиџот на државите“, од Преспа институтот веќе редовно изготвуваат т.н. индекс на меѓународно присуство на 64 држави во Северна Македонија, за периодот од 2000 до 2020 година. Индексот е формиран во три димензии – економско, политичко и „меко“ присуство, преку 48 индикатори, а пресметката е направена врз основа разни статистички показатели, но и од мониторинг на медиуми и социјални мрежи.
На прашањето кое на терен им го поставивме на граѓаните, која држава е најприсутна на политички и економски план во Македонија, ги добивме следните одговори – Турција, Германија, САД, ЕУ.

Генерално, индексот на „Преспа институтот“ покажува дека најголемо меѓународно присуство во земјава во периодот од 21 година, од 2000 до 2020, има Турција. Потоа е Германија, па Србија, а во топ 10 се и Обединетото Кралство, Бугарија, САД, Австрија, Италија, Полска и Словенија.
Русија е на 15. место. Според Стојковски, оваа држава била повисоко рангирана на индексот меѓу 2011 и 2016 година, при што во 2013 година била и на 5-тото место.

„Последната година кога било видливо руското присуство во државата низ овие објективни параметри е 2016 година што може да се поврзе и со предвремените парламентарни избори во таа година“,
вели Стојковски.
Кога е во прашање само економското присуство и тука Турција е прва. Во првите три се и Обединетото Кралство и Германија.
Во однос на политичкото присуство во Северна Македонија, прва е Германија. Следуваат Полска и Унгарија.
„Германија има скок од 5 позиции, за да се појави на врвот во 2020 година. Полска прави најголем скок, 9 позиции. Обединетото кралство и Холандија се двете држави кои видливо се зајакнуваат во последно време, што мислам дека требало да го идентификуваме со периодот на последната политичка криза, прислушувањето СЈО и ангажманот на овие две држави и учеството во надминувањето на политичката криза“,
смета Стојковски.
„Од друга страна Русија е држава која својата надворешна политика ја заснова на користење и искористување на домашни кризи. И тоа го имаме видено во Македонија. Бројките кои ги најдовме, само потврдуваат за она што зборуваме многу време, а тоа е дека кога имаме криза во државата, кога државата е на несигурен пат кон НАТО пред неколку години и ЕУ сега, Русија го користи тоа да го зголеми своето присуство“,
вели Јордановска.
Што се однесува до трговската размена на земјава со странство, истражувачите заклучуваат дека Северна Македонија нема да биде директно погодена од руската инвазија на Украина. Ниту едната ниту другата земја котираат високо на земји извознички или увознички на основни добра и преработки.

Во однос на увозот на нафта и нафтени деривати, Русија, која е претставена со сина боја, речиси држела монопол до 2009 година. Сега тој примат го има Грција, која на графиконот е обележана со портокалова боја.
„Русија го држи пазарот со нафта и деривати до периодот од 2008 – 2009, пикот го има забележано во 2007 година. Оттогаш на наваму постепено опаѓа. На сметка на опаѓањето на Русија, во истиот овој период од 2006 до 2008 година Грција расте. Својот пик го има забележано во 2018 година 2019 година. Ако го гледате графички како изгледа, графиконот е буквално поделен“,
објаснува Стојковски.
Единствената целосна зависност на Македонија од Русија е во делот на увозот на природниот гас. Но, според Стојковски, сега е моментот кој Македонија треба да го искористи за ослободување од таа зависност, бидејќи ЕУ наголемо го заговара зелениот договор.
„Со војната во Украина се повеќе зборуваат за диверзификација на пазарот и ослободување на зависност а од рускиот гас. Сега е моментот нашата држава да учествува во тие разговори“,
објаснува Стојковски.

Иако војната нема да биде почувствувана директно, ќе има индиректни ефекти. Важен момент е што Србија воопшто не воведе санкции кон Русија.
„Оние кои се сеќаваат на санкциите од 90-тите години, можеби се запознаени со фактот дека одредени производи од Србија беа криумчарени во Македонија и беа продавани во Македонија и надвор од Македонија како несрпски, односно македонски производи. Би требало државите од регионот и ЕУ да внимаваат многу на невообичаени промени на добрата и услугите кои доаѓаат од Србија. Не велам дека дефинитивно ќе се случи тоа, но, постои простор Србија да биде искористена како простор за криумчарење на руски производи во кој случај доколку тоа се случи би ја намалила ефикасноста на санкциите кон Русија“,
смета Јордановска.

Во големата слика, велат истражувачите, Северна Македонија ќе чувствува негативни ефекти од инвазијата на Русија врз Украина. Не поради тесни врски на македонската економија со Русија, туку поради тесните врски на оваа земја со земјите членки на ЕУ. Тоа е и причина за поскапувањата на европска почва, што веќе носат индиректен бран на поскапување и кај нас дома.