„Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ги покажуваат несигурноста и аматеризмот. Нема да дозволиме таквите несигурност и дилетантизам да бидат пренесени на граѓаните“, вели координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, кој бара ВМРО-ДПМНЕ да ја повлече декларацијата за заштита на ликот и делото на Гоце Делчев
За СДСМ декларацијата за заштита на ликот и делото на македонскиот револуционер Гоце Делчев, која ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе до Собранието, е популизам, политички чекор и подметнување од страна на опозицијата, „со цел да се продлабочат поделбите на македонскиот народ“.
„Бранат нешто што не е нападнато и со тоа си ги покажуваат несигурноста и аматеризмот. Таквата несигурност, таквиот аматеризам и таквиот дилетантизам нема да дозволиме да бидат пренесени на граѓаните“,
рече координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митрески, кој побара од ВМРО-ДПМНЕ повлекување на декларацијата.
Тој вели дека „ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски треба да се засрамат и да ја повлечат нивната, како што вели, т.н. декларација.
„Ги повикуваме, ако навистина сакаат да ја видат Северна Македонија во ЕУ да се вклучат на конструктивен начин во процесите кои се од национален интерес. СДСМ и коалицијата нема да учествува во нивниот дневно-политички театар на кој единствена цел е да им помогне на оние центри кои не сакаат Северна Македонија да ги почне преговорите со ЕУ“,
рече координаторот на СДСМ, Митрески, додавајќи дека затоа бараат декларацијата да биде повлечена.
Моштите на Гоце Делчев се во главниот град на македонската независна држава и тука ќе останат. Гоце Делчев е вграден во македонската национална химна и таму ќе остане, истакна Митрески и додаде оти со вакво политичко понижување на делото на Делчев се прави штета на националниот интерес и прави да нема разлика помеѓу Христијан Мицкоски и некои други бугарски политичари кои имаат за една цел – градење на политички кариери преку одржување на спорот меѓу двете држави.
Пратеничката Иванка Василевска, пак, од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, на денешната прес-конференција, истакна оти декларацијата што ја поднесоа до Собранието „треба да го отслика единството и обединувањето на политичките партии во македонското Собрание, но и единството на целокупното македонско општество околу неспорниот македонски деец и водач во ослободувањето на Македонија“.
„Ја користам оваа пригода да ги повикам СДСМ, како и останатите политички партии во македонското Собрание да се изјаснат со официјален став по повод на оваа значајна Декларација и да покажат дека ликот и делото на Гоце Делчев како учител, народен трибун и револуционер за соработка, за толеранција и за соживот и тоа како заслужува да се донесе ваква декларација токму во законодавниот дом со што сите заедно ќе ја покажеме нашата заедничка почит кон оваа централна личност од македонската историја“,
рече на прес-конференција во Собранието пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Иванка Василевска.