Големи пожари на отворено беснеат во Хрватска, поточно во Сплитско-далматинската Жупанија. Гори на приморскиот потег од Макарска до Сплит. Противпожарните служби велат дека во близина на градот Омиш, каде што исто така гори, се очекува бура со силен ветер па најавуваат дека цела ноќ да се борат со огнот

Хрватска се соочува со големи пожари на отворено во Сплитско-далматинската Жупанија. Гори на повеќе места на приморскиот потег од Макарска до Сплит.
Денеска рано наутро избувна пожар и кај Омиш по вторпат во последните два дена. Според главниот началник на окружната противпожарна служба, Иван Ковачевиќ, овој пожар од доцна попладне е под контрола на пожарникарите, објави Дневник.хр.
„Ситуацијата на местото на пожарот во моментов е под контрола на пожарникарите, но се очекува силна бура во оваа област. Дефинитивно ќе има разгорување, па ќе се бориме со пожарот цела ноќ. Затоа воздухопловните сили дејствуваат на подрачјето“,
рече Ковачевиќ.
Тој додаде дека сега ситуацијата е задоволителна, но сè уште немаат информации за големината на изгорената површина. Информира дека 150 пожарникари со 50 возила се на терен.
Пожарникари од целата Сплитско-далматинска Жупанија го гаснат пожарот, додека нивните колеги од неколку други жупании се во состојба на готовност за да помогнат во гаснење и надзор над пожарите, ако е потребно.
Наводно пронајдени кибритчиња на неколку локации
Сè повеќе се зборува дека повеќето пожари се подметнати со потпалување, а мештаните дури сведочат дека виделе лице на мотор за кое се сомневаат дека ги започнало пожарите, но ова сè уште не е официјално потврдено.
Некои лица сведочат дека купчиња со изгорени кибритчиња се пронајдени на голем број локации погодени од пожарите, што дополнително ги зајакнува сомнежите.
Досега во областа изгореа неколку покриви на куќи и други објекти, бродови паркирани на суво, како и една фабрика за масло. Еден пожарникар е повреден, има изгореници на лицето. Откако добил лекарска помош, тој е пуштен на домашно лекување.
Спасувани куќа по куќа, теренот е непристапен
Меѓу многубројните противпожарни екипи се и пожарникарите од Јавната противпожарна служба на градот Сплит. Иван Гаце, кој цел ден е на местото на пожарот со своите колеги, изјави дека во одредени периоди состојбата била тешка, особено кога спасувале куќа по куќа.
„Се потрудивме да спасиме што е можно повеќе бидејќи теренот беше многу непристапен, а температурата беше висока. Боровите што беа погодени од пожарот се стари и високи, а најмногу изгоре шума и покриви на куќи“,
рече тој.
Неговиот колега Јосип Делиќ раскажува дека утрово кога пристигнале на смена ја затекнале најлошата ситуација бидејќи пожарот во тој момент најмногу беснеел.
„Немаше паника меѓу странците, некои нè прашаа дали треба да си заминат. Постапуваа како што им беше кажано. Полицијата исто така беше на терен. На сите им посочуваше што треба да прават“,
вели тој.