Уставниот суд ги врати на поправен испит големите политички партии кои лани направија измени во Изборниот законик со кои воведоа речиси невозможни услови за независни кандидати и листи за парламентарните и локалните избори
Големите велат дека се спремни за изготвување измени на Изборниот законик. Независните велат дека побарале работни групи во кои и тие ќе бидат вклучени, но се уште никој не ги повикал
На 20 мај годинава Уставниот суд ги укина членовите 17 и 18 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик. Тие беа донесени во март 2024 година, на околу два месеца пред парламентарните и претседателските избори.
Со тие измени, на независните кандидати за градоначалници, како и на независните советнички и пратенички листи им се наметна ваков услов за кандидирање – да мора да соберат потписи од минимум 1 отсто од запишаните избирачи во соодветната општина, односно изборна единица. Така се создаде апсурдна ситуација во која за да се регистрира политичка партија потребни се илјада потписи, а за да се кандидира независен кандидат, на пример за градоначалник на Град Скопје, потребни се над 4 илјади потписи.
Уставниот суд во ова виде повреда на темелните уставни вредности, политичкиот плурализам и избирачкото право на граѓаните. Одлуката беше укинувачка и претходното правно решение не се враќа во употреба.
„Тоа значи дека законодавецот во најскоро можно време треба да пристапи и да ја пополни оваа правна празнина која настапи со нашата одлука“,
рече Дарко Костадиновски – претседател на Уставен суд.

Законодавецот е Собранието. Па, прашавме таму, како ќе постапат по ваквата одлука на Уставен.
„Правниот вакуум што би се случил со објавувањето на оваа Одлука во Службен весник ќе се надмине со донесување ново законско решение, при што ќе се имаат предвид укажувањата содржани во Образложението на Одлуката на Уставниот суд“,
велат од Собрание на РС Македонија.
За настанатата празнина јавно реагираа независни советници од повеќе локални совети бидејќи локалните избори се на прагот. Тие поднесоа барање до Собранието, до координаторите на сите пратенички групи и Министерството за правда за формирање работна група и итно носење измени во Изборниот законик со нови услови за кандидирање независни кандидати и листи.

Велат дека и сега, без дефинирани услови, би можеле да се кандидираат бидејќи Уставот тоа им го дозволува. Но, сметаат дека треба да има правила.
„Бидејќи ние бараме и други измени како што се, на пример, местото каде да се собираат потписите. Досега тоа беа само канцелариите на Државната изборна комисија, а не на отворен простор, како што е дозволени и во Србија и Хрватска и во повеќето од европските земји. Потоа, бараме педесеттина потписи да бидат потребни за да може да се состави кандидатска листа на независни кандидати. Бараме дополнително да има измени во однос на изборното ливче што го добиваат граѓаните, да не се појавува само носителот на листата со име и презиме, туку тука да биде и целото име на независната група“,
вели Јана Белчева Андреевска – „Шанса за Центар“.

Агрон Арифи од „Подобро за Тетово“ вели дека независните веќе ја докажале својата вредност во локалната демократија.
„Независните советници се многу важни. Како прво, тие го кренаа квалитетот на советниците во советите. Политичките партии почнаа малку посериозно да се занимаваат со тоа кои кандидати ќе ги имаат во советничките листи. Второ, се зголеми транспарентноста. Сите работи што поминуваат во советот, сите независни советници ги презентираа во јавноста, нешто што недостасува од политичките партии“,
смета Агрон Арифи – „Подобро за Тетово“.

Ако се прави работна група, независните бараат столче и за нив во телото што би ги подготвувало законските измени. Но, додаваат и дека досега не ги контактирала ниту една партија, ниту пак побарала нивно мислење.
Па, ние ги побаравме четирите најголеми партии и коалиции во парламентот. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, смета дека и покрај одлуката на Уставен, законот дава можност независните изборни листи да бидат прифатени како дел од изборниот процес.
Сепак, се согласува дека треба да се најде решение пред локалните избори прифатливо за сите. Во врска со деталите, реши засега да не го коментира барањето за собирање минимум 50 потписи, но даде мислење за другите барања на независните.
„За делот на нивното приклучување кон работна група апсолутно се согласувам затоа што со нивното искуство и со нивното различно видување од политичките партии ќе дадат дополнителен инпут на она законско решение за Изборен законик кое очигледно ќе треба заедно да седнеме и да го сработиме во некој иден период. Бидејќи се наоѓаме во предизборен период кој е краток за некои драстични промени на изборниот законик, добро е да се согледаат сите проблеми и да се најде решение на дел од препораките на ОБСЕ и ОДИХР. По однос на собирањето потписи надвор од местата што ДИК ги има одредено, сметам дека собирањето потписи треба да биде во простории на надлежен орган затоа што се доведуваат до прашање самите потписи. Ќе треба дополнително да се проверуваат“,
вели Никола Мицевски – координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката коалиција ВЛЕН, пак, се поконкретни и велат дека 50 потписи, како што предлагаат независните, се малку.
„Мислам дека бројот на потписи треба да е пропорционален со бројот на жители или запишани гласачи. Значи, во зависност од општината ќе се одреди точниот број потребни потписи за кој сега не можам да кажам колку е. Но верувам дека ќе се направи работна група од политичките партии овде во Собранието. Не верувам дека треба да се оди во Министерството за правда оти нема време. Изборите се на прагот. Треба брзо и експедитивно да се одлучи“,
смета Беким Ќоку – координатор на пратеничката група на ВЛЕН.

Кај опозицијата наидовме на помал интерес за коментар. Од партијата предводник на коалицијата „Европски фронт“, ДУИ, ни одговорија на прашањата само писмено и кратко – дека се отворени за разговор и дијалог.
„Затоа апелираме до Владата да ја формира работната група за Изборниот законик со претставници на партиите и релевантните институции“,
велат од ДУИ.
Писмен став или соговорник не добивме само од СДСМ. Па, ја користиме изјавата на претседателот на партијата, Венко Филипче, од неодамнешното интервју за „360 степени“.
„За тоа ќе има меѓупартиска координација.“
360°: Ако големите се договорат, може и да го игнорираат прашањето.
„Не би оставиле тоа да го правиме само големите партии. Апсолутно и нашите помали партии се во тој процес,“
рече Венко Филипче – претседател на СДСМ.

Некои од нашите соговорници, при елаборацијата на нивните ставови, се повикуваа и на препораките од ОБСЕ-ОДИХР. Еве што пишува во нивниот извештај по локалните избори во 2021 година.
„За да се обезбедат еднакви можности во правото да се кандидираат сите кандидати, потребниот број потписи за поддршка на независните кандидати треба да биде пропорционален на реалниот број регистрирани гласачи по изборна единица. Треба да се разгледа можноста за стандардизирање на потребниот број потписи на најмногу еден отсто од регистрираните гласачи, во согласност со меѓународната добра пракса“,
пишува во Извештај на ОБСЕ и ОДИХР.
Во веќе укинатото законско решение, што беше критикувано по различни основи и од претседателот на Уставниот суд, стоеше токму максимумот од 1 отсто што се препорачува во извештајот. Но, треба да се има предвид дека ОБСЕ говори за „реален број на регистрирани гласачи“, а во избирачкиот список на земјава како регистриран гласач влегува секој деловно способен државјанин со навршени 18 години, независно дали е во земјата или во странство. Поради тоа земјава има повеќе гласачи отколку резиденти, а избирачкиот список не може да се смета за приказ на реалниот број гласачи кои и живеат во некоја општина или изборна единица.
Какво ќе биде новото законско решение, што го ветуваат партиите, а го бараат независните, веројатно ќе се дознае во текот на летото. И тоа е доцна, ако се знае дека меѓународниот стандард за добра демократска практика е Изборниот законик да биде „среден“ миниму шест месеци пред изборите. Локалните се најавени за октомври.