Вработени во објектите што се наоѓаат до Универзална за „360 степени“ кусо изјавија дека во еден момент слушнале дека нешто пукнало, виделе чад, по што веднаш се јавиле во противпожарната служба
Пожарот што утринава избувна во Универзалната сала во Скопје е сè уште активен.
На местото се присутни повеќе противпожарни екипи, но пристапот кон објектот е отежнат поради што сè уште не може да се интервенира, јавува репортерот на „360 степени“.
Во моментов на терен се отстрануваат лимените огради околу Универзалната сала за да биде овозможен пристап кон објектот. Претходно со пајак-возило беа отстранети автомобилите во околина на објектот.
Вработени во објектите што се наоѓаат до Универзална за „360 степени“ кусо изјавија дека во еден момент слушнале дека нешто пукнало, виделе чад, по што веднаш се јавиле во противпожарната служба.
Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, вели дека на единствениот број за итни случаи112 е добиена пријава за пожар на отворено кој се шири над објектот на Универзалната сала лоцирана на булевар „Партизански одреди“ во Скопје. „Гори една од куполите на објектот. ТППЕ на Град Скопје се на место на настанот“, вели Ангелов.
На самото место е градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Многубројни противпожарни возила пред дваесетина минути поминаа по булеварот „Крсте Петков Мисирков“ во Скопје.