Поради интензитетот на пожарот и силниот ветер, ангажирање воздухоплови за гаснење на пожарот, преку унифицираниот број за итни повици 112 во ЦУК, побарал градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски. Според информациите од ЦУК, огнот зафатил претежно квалитетна борова шума
Голем пожар, кој утрово поради силниот ветер дополнително се распламтил меѓу Општините Велес и Лозово, ги мобилизира надлежните институции за справување со огнената стихија.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), огнот зафатил претежно квалитетна борова шума, а поради неговото ширење побарана е интервенција од воздухопловите на Министерството за внатрешни работи (МВР) и на Дирекцијата за заштита и спасување (ДСЗ).
Поради интензитетот на пожарот и силниот ветер, ангажирање воздухоплови за гаснење на пожарот, преку унифицираниот број за итни повици 112 во ЦУК, побарал градоначалникот на Општина Лозово, Бошко Цветковски.
„Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, при координацијата за гаснење на пожарот, даде насоки за упатување еден хеликоптер од МВР за гаснење на таа локација, после ангажманот и дејството врз пожарот кај с. Кондово, Скопско. Ангелов информира дека истовремено при координацијата дал насоки за после 10:30 до околу 11:00 часот, да полетаат и двата противпожарни авиона ‘ертрактор’ од ДЗС“,
велат од ЦУК.
Според Регионалниот ЦУК Велес, пожарникарите на локалната Територијална противпожарна (ТППЕ) единица од вчера се борат со пожарот кој гори меѓу селата Иванковци и Мамутчево во Општина Велес и кај селото Милино во Општина Лозово.
На терен дејствувале 17 пожарникари со четири противпожарни возила од ТППЕ Велес, заедно со екипа од пет вработени во Јавното претпријатие „Национални шуми“ – подружница Бабуна. Од страната на Свети Николе пожарот го гаснела екипа од пет пожарникари на локалната противпожарна единица со тим од четворица вработени на светиниколската подружница на ЈП „Национални шуми“.
Инаку, како што информираат од Центарот за управување со кризи, во изминатото деноноќие противпожарните тимови интервенирале на 52 пожари на отворен простор, од кои дел биле гаснети со воздухопловна поддршка од ДЗС и МВР.

Според ЦУК, изгаснати се 48 пожари, а четири се сè уште активни. Покрај пожарот меѓу Велес и Лозово, и натаму надлежните се обидуваат да ги стават под контрола пожарите во Општина Македонски Брод, во пределот над селото Белица каде што гори ретка борова шума на тешко пристапен терен, во Општина Куманово кај селото Шупли Камен, кој иако синоќа било изгаснат, од утрово е повторно активен. Ниска вегетација, стрниште и мешана шума и понатаму горат кај селото Кондово, во Општина Сарај.
„Утрово веќе полета еден хеликоптер на МВР да гасне и тој веќе дејствува, а истовремено според извидувањето од воздух ќе биде проценето дали ќе се дејствува и со други воздухоплови, иако пожарникарите од земја го ставија утрово под контрола и нема загрозени населени места. Конкретно, пожарот, вчера во 14.17 часот е пријавен, а пожарникарите од БППЗ на Град Скопје беа веднаш излезени и дејствуваа на терен со две возила и пет пожарникари. Попладне, по проширувањето на пожарот околу 16:35 часот, е побарана воздушна поддршка, но во тој момент повеќе немаше дежурни хеликоптери во МВР ниту противпожарни авиони „ер трактор“ на ДЗС, пожарникарите беа на терен“,
велат од ЦУК, во врска со пожарот кај Кондово.
Оттаму информираат дека четири екипи на БППЗ сè уште се на терен и работат на гаснење на пожарот. Нема загрозени населени места.
Пожарот утрово е под делумна контрола, a по дејството на хеликоптерот и неговото извидување ќе се процени дали ќе има потреба од ангажирање и други хеликоптери.
Пожарите за кои информира ЦУК, вкупно 52 биле на територијата на целата земја, а најмногу, вкупно шест, ги мало на подрачјето на Општина Куманово каде горела ниска вегетација и стрништа. Таму сè уште е активен пожарот кај селото Шупли Камен.