Новак Ѓоковиќ во придружба на австралиската гранична полиција денеска се качи на лет за Дубаи и полета со мало задоцнување, јавуваат светските медиуми.
Српскиот тенисер ја загуби 11-дневната правна битка и е депортиран од Австралија. Снимката е од аеродромот во Мелбурн и на неа е во друштво на луѓето кои се грижат за неговата кариера.
Тениската ѕвезда се очекува од Дубаи да се префрли на лет за Белград, а утре претпладне се очекува да биде во Србија.
Светскиот рекет број 1, Србинот Новак Ѓоковиќ, беше депортиран од Австралија, откако Федералниот суд не му ја уважи жалбата. Србинот пак го изрази своето разочарување од оваа одлука, но додаде и дека подоцна ќе ја коментира целата оваа ситуација околу него која беше актуелна во медиумите деновиве.
Жалбата на тенисерот, на денешниот состанок на судот беше одбиена. Федералниот суд ја потврди претходната одлука на министерот за имиграција и културна разновидност на Австралија, Алекс Хок, за одземање на визата на спортистот.
Сагата на Србинот во Мелбурн започна на 5 јануари по пристигнувањето за да учествува на Австралија опен, кој започнува утре, 17 јануари. Австралиската гранична полиција го приведе тенисерот на аеродромот и по сослушувањето ноќта на 6 јануари, му ја откажа визата на Србинот, бидејќи се обидел да влезе во Австралија без соодветна документација за медицинско ослободување од вакцинација против коронавирус. Граничната служба дадените податоци ги сметаше за недоволни. Тогаш тенисерот требаше да биде депортиран, но судот ја укина оваа одлука по жалбата на спортистот на 10 јануари.
Австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук на 14 јануари донесе лична одлука и објави дека визата на Ѓоковиќ е укината по втор пат. Како одговор, Србинот повторно се жалеше до Федералниот суд на Австралија.
Според австралиската Влада, присуството на Ѓоковиќ во земјата е јавна закана, бидејќи за многумина, особено за луѓето кои не сакаат да се вакцинираат, тој е икона и пример. Адвокатите на тенисерот уверуваат дека ваквата одлука нема доволно докази.
Додека траеше постапката за случајот Ѓоковиќ, истовремено неколку тенисери беа депортирани од Австралија поради истата причина.