Александра Дуковска, новинарка која нема работен ангажман (слободна новинарка, фриленсерка) предизвикала нов инцидент откако со тупаници му се нафрлила на претседателот на Независниот полициски синдикат, Гоце Делчев. Неодамна, Дуковска на прес-конференција во Владата влезе во дуел со министерот Крешник Бектеши околу употребата на уставното име на државата.
Инцидентот со Делчев се случил на денешната прес-конференција на синдикатот, а го забележале повеќе новинари сниматели кои го следеле настанот. Не се знае причината за инцидентот, освен дека меѓу нив имало вербална расправија и се чуло дека Дуковска со зборовите „кој си ти, зошто ме следиш, јас сум новинар“, му се обратила на Делчев. Потоа почнала да го брка, за на крајот и физички да го нападне. Според објавените фотографии, Делчев претрпел полесни повреди.
„Додека во цел свет новинарите се тие кои се напаѓани, во Македонија, агресивнa новинаркa го нападна претседателот на Независниот синдикат на полицијата. Го губи ли некој трпението и со физички напад се обидува да го заплашат независното синдикално постоење“,
објави Делчев на својот фејсбук-профил.
Дуковска не е член на Здружението на новинари на Македонија, но оттаму побараа „да има нулта толеранција за секаков вид на насилство”.
„По повод денешниот инцидент во рамки на настанот на полициските синдикати, ЗНМ заедно со ССНМ остро го осудуваат секој вид на насилство од која страна и да доаѓа. Повикуваме на смиреност на страстите, јавноста ја замолуваме да се воздржи од коментари и реакции и бараме проблемот да се реши институционално“,
се вели во реакцијата од новинарските здруженија.
Освен официјалните лица, од однесувањето на Дуковска веќе подолг период се жалат и голем број новинари.
Инцидентот е регистриран во МВР и оттаму чекаат на обвинителството кое треба да се изјасни дали и за што ќе ја осомничи Дуковска.