Гевгелија е странска инвестиција. Оваа реченица ја слушнавме од многумина гевгеличани кои на тој начин го објаснуваат влијанието на грчките и другите странски посетители врз локалната економија. Но, градското шеталиште сега изгледа вака – и не за време на полициски час, туку напладне.

„Умрен град, значи умрен град. Казина, заболекари, супермаркети – тоа функционираше 80 насто од Грци. Сега нема ништо“,
вели такси-возач од Гевгелија.

Само во казината во Гевгелија, според проценките, Грците оставаа по пет милиони евра месечно пред корона-кризата.
„Во Гевгелија немаше ден да не дојдат туристи, беше најпосетена“,
вели жител на Гевгелија.
Тој секојдневен прилив на Грци, за викендите и по пет илјади дневно, веќе два месеца го нема. Од нашите јужни соседи останале само оние што пред затворањето на границата се преселиле во Гевгелија. Повеќето од нив – пензионери.
„Во Гевгелија нема ‘корона’. Има во Скопје и во Куманово“,
смета пензионер од Грција што живее во Гевгелија.
Меѓу жителите има и такви што не ги напушта отворениот гевгелиски дух и такви на кои добро им дошле полупразните улици.
„Има. Гевгелија е таков град, секогаш има работа“,
смета жител на Гевгелија.
„Па добри е, нема народ, убаво се движиш, нема метеж“,
рече жителка на Гевгелија.
За новинарот и хроничар на Гевгелија, Љубчо Алексовски, ваквата атмосвера е сосема несвојствена за градот.
„Град кој пулсираше и преку ден и особено навечер одеднаш сетоа тоа стивна. Плус ги нема и туристите од јужниот сосед. Затворени се погони, трае полициски час. Така да и самите гевгеличани не можат да си го препознаат градот, којшто сметаше и на ноќниот живот, меѓутоа мене ми беше особено драго што имаше и богат културен живот. Доаѓаа и претстави, имаше кино проекции, се случуваа различни културни манифестации. Сега тоа го нема“,
вели Алексовски.
ПРАЗНИ ТЕЗГИ НА ГЕВГЕЛИСКИОТ ПАЗАР

Четврток е пазарен ден во Гевгелија. Пред влезот на новиот пазар – заштитни мерки против пренесување на вирусот. Домашните муштерии најчесто пазарат овошје и зеленчук. Иако е раздвижено голем дел од тезгите се празни.
„На пример, јас имам загуба од 90 насто од Грците, фамилијарни луѓе што доаѓаа и пазаруваа. Чисто од тоа што е поевтино, а со тоа добивавме ние зашто што повеќе муштерии – повеќе промет. Сега тоа го немаме“,
вели Богданка Антоска која има своја тезга на пазарот.
„Многу тешко. Прометот е намален 30 до 40 насто. Само нашиот народ колку пто има пари…“,
вели Димитар Митров, трговец од Гевгелија.
ДЕНТАЛЕН ТУРИЗАМ – ПОЛИКЛИНИКА СО 11 СТОМАТОЛОЗИ ЗА ШЕСТМИНА ПАЦИЕНТИ ДНЕВНО

Во актуелната криза трпи и т.н. дентален туризам по кој е особено позната Гевгелија. Билборди на грчки јазик на многу места низ градот повикуваат да се посети стоматолог – услуга што овде е многу поевтина за Грците. Стоматолошките ординации во земјава првпат по два месеца проработеа минатата недела – но, со домашни пациенти.
„Во чекална не смее да има повеќе од едно лице, освен ако е дете до 12 години или лице над 70 години. Вклучително овде е и мерењето на телесната температура на секој пациент, дезинфекција на раце, мора да носат маски до самиот почеток на интервенцијата. Секој од вработените мора да биде во лична заштитна опрема, тоа вклучува скафандер или хируршки мантил за еднократна употреба, хируршка капа, заштитни очила, визир, маска, хируршки ракавици за една употреба“,
вели стоматологот Томе Пиперевалиев.
Во оваа поликлиника, опремена со најсовремени апарати, има 25 вработени од кои 11 доктори, меѓу нив четворица специјалисти. На толкав персонал дента кога снимавме имаа закажано вкупно шест пациенти.
„Тоа е особено мал број, буквално ништо во однос на бројот на вработени, во однос на големината и капацитетот којшто го поседува нашата поликлиника. Морам да признаам дека имаме голем број телефонски повици од пациенти од Грција кои покрај тоа што бараат некаква стоматолошка консултација по телефон, редовно прашуваат кога ќе биде отворањето на граничните премини. Факт е дека веќе имаме и закажани пациенти за месец јуни, иако сѐ уште во воздух лебди прашањето кој ќе биде конкретниот датум за отворање на граничните премини и не само тоа, во голема мера ќе зависи и протоколот, односно начинот на премин на граничниот премин“,
додава Пиперевалиев.
ОТВОРАЊЕТО НА РЕСТОРАНИТЕ НЕ ИМ ВРЕДИ НА ГЕВГЕЛИСКИТЕ УГОСТИТЕЛИ СО ЗАТВОРЕНА ГРАНИЦА

Ова е еден од најпознатите ресторани во Гевгелија. Сопствениците решиле да го искористат периодот додека угостителскиот сектор е „под клуч“ за да го реновираат. Не планираат да го отворат дури и ако набрзо добијат дозвола.
„Ние засега остануваме затворени, не планираме првично откако ќе се отворат со овие првични мерки како што се најавуваат работење до шест часот попладне итн. Тоа нас воопшто не ни одговара“,
вели Васка Костакева – угостител.
Но и да се врати старото работно време, за гевгелиските ресторани нешто друго е клучно – отворањето на границата.
„Сите знаеме дека преминот „Богородица“ е еден од најфреквентните премини. Така што овде поминуваат многу туристи, застануваат на ручек, на вечера. Така што во тие шест месеци период се меѓу најважните клиенти, а Грците, пак, ни се важни преку целата година“,
додава Костакева.
НА ГРАНИЧНИОТ ПРЕМИН „БОГОРОДИЦА“ СЕ СЛУШААТ САМО КАМИОНИТЕ И ШТУРЧИЊАТА

На граничниот премин „Богородица“ глетка што долго ќе се памети. Поминуваат само товарни возила и тоа од илјада до 1100 дневно. Патници ретко – по десеттина на ден. Македонските државјани одат во карантин, а странските за влез треба да имаат одобрување од нашето Министерство за надворешни работи.
„И доколку за тие лица има допис, иако се странски државјани, без разлика дали се српски, босански, црногорски се случуваше да доаѓаат во изминатиов период, на истите им се овозможува транзит низ нашата држава со тоа што потпишуваат изјава во којашто се обврзуваат дека во рок од пет часа ќе ја напуштат територијата на нашата држава“,
објаснува Јасминка Аврамска – командир на ПС „Богородица“.
НАДЕЖ ЗА ЛОКАЛНА ЕКОНОМИЈА

Патот од границата до Гевгелија сега е пуст. Има ли надеж кај гевгеличани дека состојбата наскоро ќе се смени?
„Времето ќе покаже. Сега засега нема поголеми промени.“
„Убаво е. Нема последици, сѐ е добро. Кој оди на работа, кој дома и така.“
„Па другарче, надеж не гледам тука. Ќе дојдеше животот, но животот го снема.“
„Кога ќе се отворат границите, на први јуни најавуваат Грците дека ќе ги отворат, Србите веќе деновиве ќе го направат тоа, кога ќе почне тоа движење и циркулирање на луѓето, Гевгелија повторно ќе си го облече она старо руво и ќе биде град каков што сите го знаеме“,
смета новинарот Љубчо Алексовски.