Со највисоки државни и воени почести, премиерот Димитар Ковачевски на платото пред Владата утрово го пречекa германскиот канцелар Олаф Шолц.
Посетата на Шолц на земјава е дел од неговата дводневна балканска турнеја. Тој вчера беше во Косово и Србија, а од Скопје денеска ќе замине во Софија.
Во неговата делегација се највисоките државни советници на надворешна и безбедносна политика, за економија и финансии, за европска политика, како и новоизбраниот специјален пратеник на Сојузната Влада на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.
Владата соопшти дека во составот на нашата делегација на пречекот и на билатералната средба со делегацијата на СР Германија се првиот заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ, министерот за надворешни работи Бујар Османи, министерката за одбрана Славјанка Петровска, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и министерот за информатичко општество и администрација Адмирим Алити.
Според агендата за официјалната посета на канцеларот Олаф Шолц, веднаш после церемонијата на пречекот е предвидена тет-а-тет средба со премиерот Ковачевски, по што ќе следува билатералната средба на членовите на двете делегации.
Официјалната посета на канцеларот Шолц ќе заврши со заедничка прес-конференција со претседателот на Владата Димитар Ковачевски.
Претходно, германската амбасадорка Анке Холштајн во интервју за „360 степени“, најавувајќи ја посетата на Шолц на Северна Македонија и на Бугарија, кaжа дека тоа е дел од ангажманот на Берлин за деблокада на пристапниот процес за земјава.