Можам да ви кажам дека досега немало ваков момент и ентузијазам за процесот на проширување, оценува француската државна секретарка
Доколку не се усвојат измените до крајот на годината, постои ризик од раздвојување на Северна Македонија и Албанија
Многу сме среќни што уставните измени се ставени на маса и процесот почнува бидејќи тоа е многу важно, Северна Македонија и Албанија се двете земји кои беа предводници во поглед на реформите за приклучување кон ЕУ, порачува Лоренс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Франција. Во разговор за МИА таа посочува дека Уставните измени се дел од договорот што го постигнаа Северна Македонија и ЕУ.
„Уставните измени се дел од договорот што го постигнаа Северна Македонија и ЕУ за да се продолжи кон автоматски почеток на процесот на пристапување откако тие ќе бидат изгласани, и мислам дека е многу важно да се нагласи тоа. Нема други барања за започнување на процесот на пристапување. Истовремено, иднината на ова отворање на пристапните преговори е во рацете на Собранието и Северна Македонија има суверено право за да одлучи што сака. Но, се надеваме дека ова ќе се случи, дека земјата ќе се придружи на семејството на ЕУ, и се надеваме дека Северна Македонија и Албанија ќе продолжат да бидат предводници, исто како што беа во изминатите години. Очигледно е дека постои ризик од раздвојување доколку не се усвојат уставните измени пред крајот на годината,“
потенцира Бун.

Бун потенцира и дека 2030 година, па и порано, е достижна цел за Северна Македонија да стане членка на ЕУ.
„Околу датумот, 2030 година, апсолутно тоа е амбициозна цел на која Северна Македонија треба да се надева затоа што е многу возможна цел, затоа што Северна Македонија го има капацитетот и ние имаме капацитет да ѝ помогнеме на Северна Македонија да ја оствари оваа цел. Треба да ја одржиме оваа амбициозна цел, и да направиме сè што можеме да ја оствариме, па дури и порано доколку е возможно“,
вели Бун.
Бун додава и дека за нив е разбирлива разочараноста во земјава и во таа насока потенцира дека првите земји кои би ја тестирале новата методологија на Макрон се Северна Македонија и Албанија.
„Целосно го разбираме заморот и тоа е делумно поради старата методологија, што е и причината зошто денес сме толку мотивирани да го забрзаме целиот тој процес со новата методологија, да се погрижиме да има помалку фрустрации и да можеме да продолжиме напред. Заморот се обидуваме да го решиме со новата методологија, што да повторам, е сосема разбирливо. Светот е сменет и сите ние во Европската Унија го разбираме тоа и сакаме промена. Сакаме оваа промена да го направи континентот побезбеден, постабилен и со поголем економски раст и работни позиции за сите граѓани за да не мораат да патуваат во други земји и да можат да имаат добар живот во своите земји“,
дополнува Бун.