Годинава се одбележуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес што на 26 јули 1963 година го погоди Скопје. По тој повод во главниот град се одржуваат серија активности „Скопско асеизмичко лето“. Една од тие активности е и денешната конференција одржана на Градежниот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј
Деканот Горан Марковски потенцираше дека ужаси како скопскиот земјотрес можат да бидат предизвикани од незнаење и неодговорност во градењето и порача дека треба да се примени научената лекција
Секое потсетување на скопскиот земјотрес треба да биде потсетување на ужасите што може да ги донесе оваа природна појава. Ова во својот говор го кажа деканот на Градежниот факултет при Универзитетот Свети Кирил и Методиј (УКИМ), Горан Марковски на тематската конференција „4S – Skopje Summer Seismicity Stop“, која е во рамки на серијата активности насловени „Скопско асеизмичко лето“.
Но, деканот Марковски потенцираше дека ваквите ужаси можат да бидат предизвикани од незнаење и неодговорност во градењето.
„Секое потсетување на скопскиот земјотрес треба да биде потсетување на ужасите што со себе може да ги донесе оваа природна појава, на ужасите што можат да бидат предизвикани од незнаење и неодговорност во градењето, на ужасите што можат да бидат избегнати единствено со подигнување на квалитетот на градбата. Никогаш да не ја заборавиме научената лекција“,
рече Марковски.
Според Марковски, дека лекцијата била научена покажува и своевидната катарза што по земјотресот ја доживеало општеството, а особено струката, бидејќи настанала револуција во градежното конструкторство, како и во начинот на проектирање и градење со што Македонија станала лидер во оваа свера.
„Револуција која иницира научни истражувања и стручни усовршувања во областа на сеизмологијата и на сеизмичкото градење. Се инвестира во обука на кадри во престижните центри во САД, Јапонија и многу други земји“,
додаде Марковски.
Универзитетската професорка Елена Думова-Јованоска давајќи одговор на прашањето дали денешните градби се квалитетни и сеизмично отпорни, градбите ги подели на оние пред 1981 година и по неа, кога се воведени соодветни прописи.
„Ако зборуваме за објектите што се изградени пред постоењето на прописите, за кои веќе прокоментиравме, произлегува дека сопствениците на индивидуалните објекти и локалната власт во овие региони треба да се педупредени дека за објектите, од овој тип, доколку рангот на очекуваниот хазард се движи во овие граници, потребно е да се направи подетална анализа. Особено за објектите што влегуваат во прва категорија – тоа е обврска на локалната власт. Кога станува збор за армирано-бетонските конструкции проектирани и изведени според прописите од 1981 година, прелиминарната анализа покажа дека, доколку се почитуваат доследно, можеме да очекуваме поволно однесување“,
рече Думова-Јованоска.
Но професорката го отвори прашањето колку денеска се почитуваат прописите за градба и рече дека тие информации ги имаат институциите задолжени за спроведување на Законот за градба. Посочи дека на академската фела останува да одговори со детални показатели, а не само со чувство каде било отстапувано од нив.
Ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски рече дека искуствата и сознанијата од скопскиот земјотрес треба да се соберат и систематизираат со цел да ги информираат идните генерации.
„Пред овој предизвик се наоѓа и УКИМ кој преку своите единици како Градежниот факултет, Архитектонскиот факултет и Институтот за земјотресно инжернерство и инженерска сеизмологија со своите анализи, истражувања и технологии имаат можност да го дадат својот придонес при имплементацијата на мерки за заштита од земјотреси кои во иднина би можеле да резултираат со несакани последици. Најважно е да бидеме безбедни во градот кој стана синоним за солидарност, пожртвуваност и архитектонски развој, а тоа ќе го постигнеме доколку посветиме доволно внимание на безбедно градење и проектирање, пренесувајќи им ја таа должност и на идните генерации“,
рече Јанкуловски.
Васко Поповски, меѓународен експерт за менаџирање ризици од катастрофи, во своето обраќање ја потенцираше важноста од сеопфатна вклученост во процесот на намалување на ризиците посебно осврнувајќи се на луѓето со попреченост и попреченостите што се јавуваат по катастрофите.

„Меѓу специфичните препораки се зајакнување на рамките на политики на легислатива, градење соодветна институционална архитектура каде лицата со попреченост преку своите точки во институциите ќе можат да ги остварат своите права, меѓутоа не само пасивно за правата, туку со своите способности ќе можат да придонесат, тоа е многу важно – да се вклучат во овие процеси, потоа системите за рано предупредување и тревожење да можат да пренесат информација во формат разбирлив за сите на локално ниво во заедницата“,
рече Поповски.
Годинава се одбележуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес кој на 26 јули 1963 година му зе случи на главниот град. Во земјотресот животот го загубија 1 070 луѓе, 3 000 биле повредени, а целиот свет пружил рака за помош.











