Ова не е прв голем пожар во една од најважните институции во Кејптаун. Минатата година пожар опустоши дел од универзитетката библиотека каде се наоѓаше уникатна колекција на африкански архиви

Голем пожар беснее во зградата на парламентот во јужноафриканскиот град Кејптаун. Огромен пламен излегува од покривот на законодавниот дом и облак од црн чад се крева кон небото.
Десетици пожарникари се борат со огнот. Сè уште не е јасно што го предизвикало пожарот кој избувна само неколку часа по државниот погреб на архиепископот Дезмонд Туту во катедралата Свети Џорџ, во близина на парламентот.
Покривот е запален, а гори и делот од зградата каде е сместено Народното собрание, соопштија градските власти.
„Првичните информации покажуваат дека пожарот избувнал во канцелариски простор и се проширил кон салата за фитнес“,
изјави Жан-Пјер Смит, член на кабинетот на градоначалникот на Кејптаун, одговорен за безбедност.

Министерката за јавни работи и инфраструктура Патриша де Лил истакна дека пожарот во Покраинскиот совет (горниот дом на парламентот) е локализиран, но зградата на Националното собрание сè уште гори.
„Ова е многу тажен ден за нашата демократија, бидејќи парламентот е дом на нашата демократија. Парламентот е исто така стратешка клучна точка. Сите прашања ќе бидат истражени. Полицијата веќе започна истрага, форензиката е тука. Засега не можеме да кажеме од каде избувнал пожарот“,
нагласи Патриша де Лил.
Собранието во моментов не заседава поради празниците.
Зградата во Кејптаун се состои од три дела, најстариот датира од 1884 година. Во поновите делови, изградени во 20-те и 80-те години од минатиот век, се наоѓа Националното собрание.
Ова не е прв голем пожар во една од најважните институции во Кејптаун. Минатата година пожар опустоши дел од библиотеката на Универзитетот во Кејптаун, каде што се наоѓаше уникатна колекција на африкански архиви.
Fire at Parliament in Cape Town as seen from Table Mountain pic.twitter.com/AS4djLJa1N
— Rowan Spazzoli (@rspazzoli) January 2, 2022