Македонскиот музички тим со хорот и оркестарот на ООУ „Кузман Јосифовски Питу“ од Скопје заблеска на сцената во Монтекатини Терме, Италија, на 11. интернационален фестивал на народни песни и ора „Запознај ја традицијата“.
Играорците се претставија како вистински млади културни амбасадори на својата земја, претставувајќи ги македонските традиционални ора и народни песни на двата одржани концерти.

Хорот и оркестарот изнудија аплаузи на централниот плоштад во Монтекатини Терме, каде што се пееја нашите познати македонски изворни песни „Јовано Јованке“ и „Македонско девојче“, како и обредните песни од народната македонска лирика „Водичарки“ и „Невестинска песна“.
Жителите на овој италијански град, како и туристите, не ги криеја симпатиите кон младите македонски музички таленти. За време на парадата, која беше составен дел од официјалното отворање, довикуваа „Мачедоне, Мачедоне!“

Во публиката имаше и Македонци од околните италијански гратчиња кои специјално дојдоа за да им дадат поддршка на нашите ученици. Самата атмосфера ги предизвика да запеат заедно со нив.
Македонската беше и најбројната група што настапила на досегашните единаесет фестивали и единствена група која ја сочинуваат исклучиво ученици од основно училиште.

На фестивалот учествуваа културно-уметнички друштва и музички групи од повеќе земји – Северна Македонија, Турција, Бугарија, Словачка, Полска, Литванија, Естонија, Израел и Ирска.
Настапот на македонските играорци на фестивалот во Италија е поддржан од Министерството за култура.