„Заедно работевме во шок-соба. Се знаеме пред сѐ како колеги, а и во приватниот живот како пријатели. На сите им помагаше, не само мене. Човек со големо срце“, рече облеана во солзи Верица Карангелова, медицинска сестра во Општата болница во Кочани, која работела заедно со починатиот возач во Итната помош, Иле Гоцевски

Тага и плач на градските гробишта во Кочани, каде денеска во 15 часот беше погребан возачот од Итната помош, Иле Гоцевски. Тој почина откако цела ноќ ги пренесуваше во болница жртвите од пожарот во дискотеката „Пулс“.
„Појде дома, легна да се одмори и повеќе не се разбуди“, коментираат неговите колеги, роднини, пријатели и граѓани што дојдоа да се простат од нивниот Иле. Коментираа дека неговото срце не го издржало големиот стрес што го доживеал и велат дека тој е нивниот херој бидејќи спасил многу животи.
„Заедно работевме во шок-соба. Се знаеме пред сѐ како колеги, а и во приватниот живот како пријатели. На сите помагаше, не само мене. Човек со големо срце“,
рече облеана во солзи Верица Карангелова, медицинска сестра во општата болница во Кочани.
На истите гробишта траорна слика на местото каде со механизација се подготвуваат парцелите на кои ќе бидат погребани дел од загинатите, оние што се од Кочани. Работници што рекоа дека се од кумановското комунално претпријатие и дека се дојдени да помогнат, копаа со мал багер и со лопати в рака.
„Ние сме од Куманово. Претпријатие ‘Чистота и зеленило’. На помош сме дојдени, да им помогнеме. Досега мислам дека ископавме 30. Не ни кажаа колку треба, но ископавме 30. Од вчера работиме. Ова е трагедија за цела Македонија. Млади луѓе. Ние ќе работиме до утре, како што разбрав, така ни рекоа“,
рече човекот што копаше.
Надлежните најавија дека погребот на загинатите од Кочани ќе се изврши на 20 март, четврток.
Кочани деновиве е како град на духови. По улиците како да нема човек што не е со изгубен поглед и солзи на лицето. Се собираат на плоштадот кај паркот, каде што палат свеќи и се потпишуваат во книгата на жалост.
Граѓаните велат дека треба мирно да се протестира и да се бара одговорност од надлежните. Очекуваат многу нешта да се променат во целото општество за никогаш веќе да не се повторат вакви катастрофи.
„Како ли службите дозволиле во еден руиниран објект да нема соодветни документи, а се знае какви треба. Треба мирен протест. Мирно да се каже што треба. 21. век сме, нема дивеење“,
рече жител на Кочани.
„Причината за несреќата е неодговорност. Има многу објекти што се цврста градба, а концертот беше организиран таму каде е многу лесно и да се сруши и да се запали. Несоодветни услови за собири на млади луѓе“,
рече жителка на Кочани.
По вчерашните протести што преминаа во немири, сѐ уште стои искршен објектот на кафулето „Класик“ чиј газда ја менаџирал и дискотеката што изгоре.
Попладнево во зградата на Општина Кочани влегоа повеќе инспектори придружувани од полиција. Пред заградата настаните ги следат бројни новинарски екипи од земјава и од странство.