Минувачите кои уживаа во пролетната вечер покрај Ист Ривер со чудење го гледаа бродот како се упатува кон мостот со кренати едра и превисоко кренати јарболи

Брод за обука на мексиканската морнарица удри синоќа во Бруклинскиот мост во Њујорк, при што загинаа две лица, а 19 се повредени, од кои две потешко. Три од јарболите на пловилото удриле во култниот мост.
Минувачите кои уживаа во пролетната вечер покрај Ист Ривер со чудење го гледаа бродот како се упатува кон мостот со кренати едра и превисоко кренати јарболи.
„Големиот мексикански воен брод ‘Куаутемок’ остана без погон и удри во Бруклинскиот мост. Од 277 лица на бродот, 19 се повредени, од кои двајца се во критична состојба, додека двајца, за жал, им подлегнаа на повредите“,
објави градоначалникот на Њујорк, Ерик Адамс, на Икс.
Вилсон Арамболес, началник за специјални операции во Полициската управа на Њујорк, изјави дека бродот го изгубил погонот додека капетанот маневрирал упатувајќи го пловилото кон потпорен столб на бруклинската страна од мостот.

Очевидци на настанот раскажуваат за паниката на бродот што ја забележале.
„На една од платформите имаше човек што им сигнализираше на луѓето да се оддалечат од мостот на кој бевме“,
изјави Ник Корсо, 23-годишен жител на Бруклин, кој стоел во близина на Ист Ривер и ја снимал несреќата.
Никој од бродот не паднал во вода, па затоа немало потреба да се активира таква спасувачка операција.
Според „Њујорк пост“, повредените биле итно префрлени во локалните болници. Поради несреќата, мостот беше затворен околу 40 минути.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум изрази длабока тага по оваа несреќа.
„Длабоко сме ожалостени од загубата на двајца члена на екипажот во оваа трагична несреќа“,
напиша Шајнбаум на Икс.