Во пресрет на утрешната рунда преговори помеѓу Курти и Вучиќ со посредство на ЕУ, а на која домаќин е Ковачевски, од Илинденска бр. 2, порачуваат дека државите од Западен Балкан припаѓаат во ЕУ и оти до решенија на сите отворени прашања може да се дојде само преку дијалог

Премиерот Димитар Ковачевски во улога на домаќин, заедно со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел и специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, вечерва со пристигнаа во Охрид во пресрет на утрешниот дијалог меѓу Србија и Косово.
Во Охрид тие пристигнаа по денешните средби во Скопје, каде меѓу другото се одржа и состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу ЕУ и Северна Македонија.
На преговорите во Охрид, пак, утре српска страна на средбата ќе учествува претседателот Александар Вучиќ, а од косовска, премиерот Албин Курти.
„Република Северна Македонија е избрана за домаќин на овој важен состанок бидејќи е пример за земја којашто сите отворени прашања со соседите ги решава на мирен и демократски начин, преку дијалог и во функција на напредок, подобра иднина и подобар животен стандард за граѓаните. Потпишаните договори – Охридскиот, Преспанскиот, како и Договорот за добрососедство, се потврда за трајната заложба преку отворен дијалог да го трасираме патот на сегашниот и идниот развој на земјата“,
велат од Владата.
Во пресрет на утрешната средба, од Илинденска бр. 2, порачуваат дека државите од Западен Балкан припаѓаат во ЕУ и оти до решенија на сите отворени прашања може да се дојде само преку дијалог.