Физичката пресметка почна кога пратениците од Преродба се обидоа да ја блокираат говорницата во знак на протест против усвојувањето на еврото, нарекувајќи го предавство на бугарскиот суверенитет. По ова, дојде до вербална и физичка пресметка со пратеници од проевропските партии, најмногу од ГЕРБ и Демократска Бугарија, кои го поддржуваат влезот на Бугарија во еврозоната
Бугарските пратеници денеска во Националното собрание се судрија околу одлуката за приклучување на земјата во еврозоната, пренесува Бугарската национална телевизија (БНТ).

За време на собраниската седница пратениците на крајнодесничарската и популистичка партија Преродба, на покана на лидерот Костадин Костадинов, го блокираа пристапот до говорницата, а потоа и тој самиот излезе и рече:
„Денеска е црн ден за Бугарија, јаничарите ни ја закопуваат државата“.
Причина за ваквото незадоволство меѓу пратениците е пристапувањето на Бугарија во еврозоната.
„Луѓето во моментов се на улиците и очекуваат да чујат од своите национални предавници дали ја продале и уништиле бугарската држава и финансискиот систем, но и дали поради ова имаат морална одговорност“,
кажа тој.
Според видеата објавени во бугарските медиуми, се гледа и дека имало физичка пресметка меѓу најмалку двајца пратеници.
Физичката пресметка почна кога пратениците од Преродба се обидоа да ја блокираат говорницата во знак на протест против усвојувањето на еврото, нарекувајќи го за предавство на бугарскиот суверенитет. По ова, дојде до вербална и физичка пресметка со пратеници од проевропските партии, најмногу од ГЕРБ и Демократска Бугарија, кои го поддржуваат влезот на Бугарија во еврозоната.
Обезбедувањето ги раздели пратениците, а седницата беше прекината.
Европската комисија денеска ѝ даде зелено светло на Софија да се префрли на еврото од почетокот на 2026 година, со што Бугарија стана 21. земја што се приклучува на еврозоната.
Во пресрет на одлуката, во центарот на Софија се одржаа протести против воведувањето на еврото.